ФОТО | Џејми Ли Кертис за зависноста: Ќе бев мртва ако фентанилот беше толку достапен како што е денес

Фото: EPA

Американската актерка Џејми Ли Кертис (65) гордо ја одбележа големата годишнина од нејзината успешна борба против зависноста, пренесе „Пејџ сикс“.

„25 години чиста и трезна“, напиша оскаровката во саботата на Инстаграм покрај црно-белата фотографија на која држи сребрен прстен со нејзините иницијали и зборовите „дваесет и пет“.

„Ден по ден. Сите тие 9.125 дена. Тоа што го чувствувам однатре, како што пееше мојот пријател Адам, е чувство на смиреност, ведрина, поента и најголемото чувство – дека не сум сама. Дека има и многу други кои ја делат истата болест, но и решение. За сите оние кои се борат со зависноста и срамот – постојат луѓе кои се грижат. Мојата рака во твојата. Нашите раце во твоите“, порача Џејми Ли Кертис на својот инстаграм-профил.

Неколку пријатели ја пофалија Кертис за нејзиното големо достигнување, вклучувајќи ја и Марија Шрајвер.

„Џејми, ти инспирираш на толку многу начини. Ти благодарам што го сподели твоето достигнување со нас, тоа е подарок“, напиша актерката Мери Стинбурген.

Фото: Инстаграм/Џејми Ли Кертис

Низ годините, Кертис беше многу отворена за нејзината злоупотреба на опиоиди. Во интервју за „Варајети“, кое го направи во 2019 година, таа откри дека првпат станала зависна откако била подложена на рутинска пластична операција за намалување на отокот околу очите.

„Ми дадоа Викодин како лек за болка за нешто што не беше навистина болно“, рече таа тогаш.

Кертис изјавидека ја криела својата зависност некое време и дека можела да работи и покрај тоа, но на крајот решила да побара третман откако прочитала статија во „Есквајр“ за зависноста од лекови против болки од писателот Том Кјарела.

„Бев преплашена дека некој од заедницата за опоравување ќе ја изневери мојата доверба. Сепак, моето искуство беше дека тоа не се случува и дека мојот страв беше неоснован“, рече таа.

Минатата година, Кертис призна дека верувала дека ќе умрела доколку не добиела помош.

„Бев зависник од опијати и сакав да слушам за опијати. И ако фентанил беше достапен, лесно достапен како што е денес, ќе бев мртва“, изјави таа, додавајќи дека имала неверојатна среќа што не завршила така или не завршила во затвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот