Филмот „Лена и Владимир“ носи магична приказна помеѓу митот и реалноста

Главните улоги во филмот ги играат Сара Климоска како Лена и Тони Наумовски како Владимир

Филмската бајка „Лена и Владимир“, снимена по сценарио на Александар Русјаков во режија на Игор Алексов, по кинопремиерата на 19 октомври во скопскиот „Синеплекс“ се прикажува и во „Милениум“ во Скопје, „Киноверзум“ во Штип и во Велес, а проекции се планирани и во повеќе градови низ државата.

Раскошна визуелна бајка прикажува новиот македонски долгометражен филм „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов. Снимен по сценарио на Александар Русјаков, приказната во филмот ја следи потрагата по различни форми на љубов кај двата главни ликови. Тој – бегалец од душевните лавиринти на животот, Таа – бегалец од реалноста на животот во дом за деца без родители. Нивната случајна средба во магичната шума, во која владее вечна пролет, асоцира на македонска верзија на „Убавицата и ѕверот“, но шумата не е изолирана, туку е на границата со реалноста.

Во таков амбиент се случува појава на искрена и невина љубов, соочување со минатото, потрага по смислата на животот и сурова егзекуција на последната надеж дека вистинската љубов навистина ќе се случи. Филмот „Лена и Владимир“ е приказна за љубовта, но и за откажувањето од животот, за осаменоста, за корумпираниот систем и за злоупотребата на младоста и на невиноста, креиран како магична приказна помеѓу митот и реалноста.

Главните улоги во филмот ги играат актерите Тони Наумовски како Владимир и Сара Климоска како Лена. Двајцата ја носат есенцијата на приказната – тој со својот стамен стас и длабок глас, а таа со својата младост, полетност и ентузијазам.

Сара Климоска и Тони Наумовски на кинопремиерата во „Синеплекс“ / Фотографија: Виолета Огненовска

Како актер Наумовски зад себе има над 200 улоги на филм и во театар, а тука остварува карактерна улога која многу точно и прецизно ја води од почетокот до крајот на филмот. Тука мора да се истакне и одличната маска која го гради карактерот на Владимир.

Младата Сара Климоска досега оствари повеќе извонредни улоги на театарската сцена и на филмското платно, а треба да се подвлече дека Лена, практично, е прва нејзина главна улога во долгометражно остварување, бидејќи снимањето на филмот се одвивало во 2018 година, но постпродукцијата се одвивала подолго време и филмот на големото платно се појавува оваа година. Нејзините младост и шарм, природната игра и емотивните реакции многу директно ги градат нијансите на ликот Лена.

Филмската екипа во „Синеплекс“ / Фотографија: Виолета Огненовска

Долгометражното филмско деби на режисерот Игор Алексов зрачи со леснотија во креирањето, иако продукциската база е комплексна и повеќеслојна, камерата на Душан Кардалевски ги опфаќа емотивните состојби на ликовите и комплетно ја гради приказната, додека монтажата на Мартин Иванов е чиста, прецизна и не остава простор за дилема кај гледачот. Филмот има одличен продукциски дизајн.

Во епизодни улоги се појавуваат актерите Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски, Кирил Коруновски, Луран Ахмети, Горан Илиќ, Дениз Абдула, Стефан Вујисиќ, Ангела Димитрова, Никола Кузелов и други.

Продукцијата е на „Минд“ – Скопје и „ДМФ Филмс“ во копродукција со „Терирем продукција“ од Србија, продуценти се Дејан Илиев и Илија Циривири, кинематографер е Душан Кардалевски, монтажата е на Мартин Иванов, продукцискиот дизајн на Влатко Зафирковски, костимите ги дизајнираше Раде Василев, дизајнот на маските и шминките е на Горан Игњатовски, сценографијата е на Александра Петкова и Влатко Христов, музиката на Дарко Спасовски, кастингот го направи Катерина Грубач. Филмот е посветен на прерано починатиот актер Луран Ахмети (1974-2021) од Албанскиот театар во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот