Филипче: Нема да се полага за директор на болница, се укинуваат лихварските договори на специјализантите

Значајни измени со кои се менуваат условите во кои работат докторите и се отстрануваат сите пречки на докторската фела за кои се алармираше со години, се содржани во Законот за здравствена заштита, што вчера беше усвоен на собраниска седница. Станува збор за измени кои докторите ги бараа со години.

Ова денеска на прес-конференција во Владата го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека работеле со сите засегнати страни за да изнајдат најсоодветни решенија и тие веќе се реалност.

– Се укинуваат т.н. лихварски договори на специјализантите. Досега доколку специјализантот ја напуштеше јавната здравствена установа требаше да плати пет или десеткратен износ на сумата која државата ја вложила во неговата едукација во износ од 10.000 до 12.000 евра. Досега специјализантите треба да платат и до 120.000 евра. Се менува и времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршувањето на специјализацијата. За разлика од порано кога беше двапати повеќе, сега е во времетраење еднакво на должината на траењето на специјализацијата, рече Филипче.

Тој посочи дека значајна новина на барање на сите лекари специјалисти од јавните здравствени установи е и воведувањето дополнителна работа. Досегашното наплатување на услуга од дополнителна дејност на докторите се менува целосно, односно зафатот ќе биде покриен од Фондот за здравство, а ќе се наплатува само за ангажманот на докторот и неговиот тим по однапред утврден и одобрен ценовник.

– Со оваа измена во Законот секој кој редовно плаќа осигурување во Фондот за здравствено осигурување ќе може да избере тим кој ќе го лекува. Ова мерка е значајна стимулација за врвните експерти со што точно ќе се разграничи нивото на квалитетна експертиза и ќе биде можност за дополнителна заработка на сите кои работат во јавното здравство. Во тимот учествуваат медицински сестри, болничари, технички и административен персонал, истакна Филипче.

Со измените на Законот се дозволува лекари специјалисти да може да работат во здравствени домови или болници каде што има недостиг, рече ресорниот министер и додаде дека со оваа измена се олеснува пристапот на пациентите до одредена услуга и наместо тие да патуваат до регионалните болници, сега тие специјалисти по систем на ротација и по распоред кој ќе го направи матичната установа, ќе даваат здравствени услуги во помалите здравствени домови.

Филипче нагласи дека важна измена е дека кадарот што е во пензија порано немаше можност да дава консултативни прегледи во своето место на живеалиште, а со измените го нема ова ограничување. На здравствените работници со високо образование кои се корисници на пензија им се овозможува да можат да бидат ангажирани во која било здравствена установа како консултанти и советници на здравствените работници независно од местото на живеење.

– Менаџерскиот испит не ги даде посакуваните резултати и со усвоените дополнувања се бришат одредбите од Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на полагањето на испит за директор на здравствена установа, од причина што со полагањето на предвидениот испит за директор и начинот и постапката за негово полагање не можеше да се оцени способноста на лицето за вршење на функцијата директор – додаде Филипче.

Претседателот на Здружението на лекари специјализанти Билјана Додева истакна дека нивната неколкугодишна активност оди во насока на подобрување на законските регулативи, на квалитетот на едукација и работните услови на докторите специјализанти и за вреднување на нивниот труд.

– Досегашната наша активност резултираше со неколку битни промени. Баравме и успеавме да издејствуваме укинување на интермедиерниот испит, укинување на видео снимање на нашите испити и пренесување во живо на страницата на Министерството за здравство, обезбедување плата на приватните специјализанти и укинување на т.н.лихварски договори – рече д-р Додева.

Изрази задоволство од усвоните законски измени и истакна дека ќе продолжат и натаму да се залагаат за нивните права, а тоа е во иднина да го решат проблемот на кофинансираните специјализанти, да се обезбедат придонеси за приватните специјализанти и да има платени дежурства.

Таа упати благодарност до медиумите, Владата, министерот за здравство Венко Филипче,  собраниската Комисија за здравство и до Лекарската комора кои, како што рече, покажале несебична поддршка, разбирање, волја и заемна соработка да се решаваат овие прашања со цел да се спречи одливот на младите лекари од државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот