Фејзер: Германија мора подобро да ја заштити клучната инфраструктура

Ненси Фејзер/ Фото EPA-EFE/FILIP SINGER

По нападот на гасоводот „Северен тек” и саботажата на германската железничка мрежа, германската министерка за внатрешни работи Ненси Фејзер денеска вети подобра заштита на клучната инфраструктура во Германија, а претставниците на германските градови бараат подобри информации за граѓаните во случај на недостиг од струја.

-Руската агресивна војна против Украина претставува пресвртница кога станува збор за нашата внатрешна безбедност и затоа мораме да се подготвиме, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фејзер (Социјалдемократската партија на Германија, СПД) во интервју за „Зидојче Цајтунг’ (Sueddeutsche Zeitung).

Министерката кажа дека надлежните служби веќе ги зајакнале безбедносните мерки „каде што е потребно”. Таа особено ги спомена засилените патроли на крајбрежната стража во близина на важни инфраструктурни објекти.

Фејзер, исто така, најави усвојување на закон што ќе ги обврзе компаниите кои поседуваат особено важни инфраструктурни системи, како што се подводните линии, на повисоки безбедносни стандарди.

-Сопствениците мора да бидат подобро осигурани од саботажа и тероризам, како и од природни катастрофи, рече Фезер.

На почетокот на октомври непознати сторители ја прекинаа комуникацијата меѓу возовите пресекувајќи две линии, поради што железничкиот сообраќај на северот на Германија беше во неколкучасовен прекин. Пред извесно време гасоводот Северен тек на Балтикот беше оштетен од експлозии.

Претседателот на Здружението на германските градови Хелмут Деди ја повика владата да почне кампања која подобро ќе ги подготви граѓаните за неочекувани настани како што се големи прекини на струја.

-Затемнувањето е многу реално сценарио на кое граѓаните мора да бидат подготвени, рече Деди. Тој заклучи дека кампањата е потребна затоа што граѓаните на Германија „досега се неискусни кога станува збор за кризи и катастрофи”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот