Федерер е најдобриот на сите времиња? Не, тоа е Новак

Се наоѓате на најголемиот тениски стадион на светот. Губите по три и пол часа игра. Ви се чини дека сите се против вас, судијата, 20 илјади навивачи, Око соколово и собирачите на топчиња.

Од спротивната страна се наоѓа најтрофејниот на сите времиња. Истиот оној што пред три месеци ви ја прекина победничката серија од 41 триумф. Има две меч топки и сервира на еден од своите најомилени турнири. Сè е спремно за славје и од вас се очекува само на мрежата џентлменски да му ја пружите раката и да му честите.

И што правите вие тогаш? Ги праќате сите во некоја работа, судијата, 20 илјади навивачи кои навиваат против вас, Око соколово кое ви оди на нерви и собирачите на топчиња. Сите. И тогаш го одигрувате најдобриот удар во историјата на тенисот. Правите пресврт на натпреварот.

Осум години подоцна се наоѓате на најпознатиот тениски стадион во светот. Губите по четири часа игра. Ви се чини дека сите се против вас, судијата, 15 илјади навивачи, Око соколово и собирачите на топчиња. Ви се чини дека никој на стадионот не сака да ја прекинете едната од најубавите спортски приказни.

Од спротивната страна стои најтрофејниот тенисер. Истиот оној што со освоена титула би ви побегнал на недостижни шест Гренслема разлика и можеби ќе ве исфрли од конкуренцијата за најдобриот на сите времиња. Тој има две меч топки и сервира на својот најомилен турнир. Сè е спремно за славје и од вас се очекува само на мрежата џентлменски да му ја пружите раката и да му честите.

И што правите вие тогаш? Повторно ги праќате сите во некоја работа, судијата, 15 илјади навивачи кои навиваа против вас, Око соколово кое ви оди на нерви и собирачите на топчиња. Сите. И тогаш го одигрувате најдобриот удар на натпреварот. И правите пресврт. На најдолгиот натпревар во историјата на вимблдонските финални мечеви и еден од најголемите на сите времиња.

Ќе ги натерате Американците што ве провоцираа и Британците кои ракоплескаа на вашите двојни грешки, Швајцарците кои ги расплакавте, заедно со најтрофејниот на сите времиња сите во глас да кажат: Овој човек е чудо!

Новак е најдобриот, мислев дека тоа на себе никогаш немаше да си го признаам

Кога Новак Ѓоковиќ утре би ја завршил кариерата, би останал запомнет како најдобриот на сите времиња. Тоа нема да го признаат само најприврзаните навивачи на Роџер Федерер и Рафаел Надал. Но, и на нив им е се јасно.

Од моментот кога се појави, беше оспоруван и омразен. Го оспоруваа тие што со секој негов напредок чувствуваа дека им се доближува на нивните идоли, а истите не го сакаат бидејќи го прекина дуополот на најомилените и најтрофејните тенисери на сите времиња.

Како тоа одеднаш не ги гледаме тениските класици во завршниците од турнирите? Како тоа од некоја „едикојси“ земја се појави момче, кој со толку самодоверба излегува на мегдан на најголемите во историјата? И како тоа нашите идоли воглавном ги предаваат мечевите со него уште во соблекувалната?

И јас бев меѓу тие што се прашуваа. Сакав да губи, но тој губеше ретко. И победата на УС Опен во 2011, па триумфот против Енди Мареј во Рим неколку месеци претходно и она изживување на земјена подлога на во тоа време непобедливиот Надал, па освојувањето на првиот Вимблдон, Дејвис куп. Тоа ми одеше на нерви. И тогаш со време разбрав – не го сакам бидејќи никој, ништо не му може. И прифатив дека светот доби нов тениски владател.

Ѓоковиќ со освоениот Вимблдон, пети во шест одиграни финалиња и трет преку Федерер, му се приближи на Надал на две Гренд слем титули заостаток, на Швајцарецот на четири. И само бројката на овие титули е единственото нешто зошто некои тврдат дека Федерер е најдобриот на сите времиња. Сè друго е на страната на најдобриот на сите времиња.

За да објасниме зошто е Ѓоковиќ најдобриот, тогаш расправата за најдобриот треба да ја сведеме на неколку критериуми.

Конкуренција

Федерер првите седум Гренд слем титули ги освои против Марк Филипусис, Марат Сафин, Енди Родик, Лејтон Хјуит, Андре Агаси и Маркос Багдатис. Роден е во право време, тоа би можело да се каже за Швајцарецот кој го искористи фактот што на почетокот од столетието тронот на светскиот тенис остана празен, по пензионирањето на славната сампрасова генерација. Почна да доминира во ерата во која еден Јиржи Новак беше пети тенисер. Доколку Федерер е роден во вистинско време, што тогаш да се каже за останатите двајца?!

Надал и Ѓоковиќ своите трофеи ги освоија во најсилната ера во историјата на тенисот и тоа главно со победи над најголемите ривали. Во ерата во која уште и Енди Мареј и Стен Вавринка, во изминатите години во периоди знаеја да го достигнат бруталното ниво на игра.

Федерер од 20 Гренд слем титули, само четири ги освои откако ги победи Надал и Ѓоковиќ. Од нив загуби десет финални средби. Надал никогаш не го победи во неговиот „двор“ во Париз. Ѓоковиќ никогаш не можеше да го победи во финалето на неговиот „двор“ во Мелбурн. Надал ја прекина доминацијата на Федерер во Лондон во 2008 година, а Ѓоковиќ со три победи во три финални меча, се промовираше во новиот господар на Вимблдон.

Меѓусебни дуели

Колку пати сте виделе во очите на Федерер, како им се предал на Надал и Ѓоковиќ, понекогаш и уште пред да излезе на терен? Сигурно можете да се сетите на неколку средби, а тие што повеќе следат тенис, можат да се присетат на најмалку десет такви меча.

Колку пати сте го виделе Ѓоковиќ како се предава против Федерер или Надал? На такво нешто не може да се сетите. Ѓоковиќ е тенисер кој ќе отиде во Мадрид на надаловиот терен и таму ќе го победи. Недела дена подоцна ќе го повтори истото во Рим. Ќе го победи и на Ролан Гарос, таму каде што Федерер не бил ни блиску.

Новак доминира во меѓусебните дуели со преостанатите двајца. Ги победуваше на сите подлоги и во сите фази од турнирите. Федерер никогаш не освоил Гренд слем, а таму да ги победи и Новак и Рафа. На крајот бројките велат, Ѓоковиќ има 28:26 со Надал и дури 26:22 против Федерер и вкупно 29:18 во финалните натпревари против двајцата. Единствениот пат кога Федерер го совладал Ѓоковиќ во едно финале, беше во неговиот дебитантски настап во 2007 година. Последен пат кога го победил на некој Гренд слем турнир, било пред цели седум години. Новак е во толку голема психолошка предност во дуелите со Федерер, па е во состојба да победи на меч во кој ќе одигра послабо од противникот. Федерер никогаш во меѓусебните дуели нема добиено таков меч. Ѓоковиќ е најдобар кога тоа е најпотребно, Федерер во тие ситуации е ранлив, за што доволно говорат неговите промашувања во последните три тај-брека.

Игра

– Играв против тенисер кој сè одигра совршено. Не знам дали некој во историјата играл тенис така. Не можам да се сетам дали некој во историјата на тенисот играл на нивото на Новак – изјави Надал во 2016 година, кога српскиот тенисер му дозволи само три гема во Доха. На почетокот на годината нешто слично му приреди и во финалето од Австралија Опен во најверојатно најдобрата претстава на еден тенисер во овој век.

Општо мислење меѓу тенисерите, стручњаците и тениските фанатици е дека највисокото ниво на новаковата игра е поголемо од нивоата на Федерер и Надал.

Новак е најкомплетен тенисер, без слабости во играта. Има побрзи од него, поспремни, има и такви со подобар форхенд и сервис, но никој нема пакет на удари, тактики, физичка и психичка сила како него. Не игра офанзивно и елегантно како Федерер, не игра на снага како Надал, но кога ќе застане од другата страна на мрежата, противниците се чувствуваат како да играат против ѕид. Колку и добар потег да одиграат, топчето им се враќа.

Владеење и рекорди

Никој не владеел подолго со светскиот тенис од Новак Ѓоковиќ. Од 2011 година кога го превзема врвот, Ѓоковиќ освои 15 Гренд слем титули, две повеќе од Надал и Федерер заедно и речиси половината од вкупно одиграните трунири. Во тој период против Шпанецот и Швајцарецот има скор од 41:19. Во неговата ера Надал престана да се смета за апсолутен владател на земјените терени, а Федерер на тревнетите. Никој во Опен ерата не бил освојувач на сите четири Гренслем трофеи во исто време. Никој освен Новак Ѓоковиќ. Само на него му успева 14 сезони во низа да освојува барем по една титула.

Единствен беше и во 2015 година, која ќе остане запомнета како година која е најдобра за еден тенисер, кога успеа да ги победи сите тенисери од Топ 10. Единствениот е што ги освои сите Мастерси. Има подобар процент од Федерер и подобар е во финалните пресметки од него. И следната година ќе го сруши роџеровиот рекорд по прашање на поминати недели на врвот од АТП листата. А тоа е веројатно и најбитниот рекорд, бидејќи Гренд слем турнири се играат во само осум седмици во годината, а застрашувачката конкуренција му гледа во грб на Ѓоковиќ со години.

Верувам дека до крајот на кариерата, можеби и до крајот на следната година ќе го улови и федереровиот рекорд по бројката на освоени Гренд слемови. Дури и да не успее, ќе остане најдобриот што сме го гледале. Не како најтрофеен, најомилен или најелегантен, но најдобар.

Армин Хасанбеговиќ

Извор: Индекс.хр

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот