„Фантомско“ СП за непризнати земји во Македонија

Фото: Благоја Георгиевски/Слободен печат

Во Македонија летово ќе се игра Светско првенство во фудбал за непризнати земји! Оваа вест одекна во медиумите во земјава и во соседството. Но, деталите околу тоа кој во земјава стои зад организацијата на ова „алтернативно“ СП (не е под капата на ФИФА) не беа објавени. Веста на својот сајт ја објави организацијата КОНИФА (Конфедерација на независни фудбалски асоцијации), која не е дел од Светската фудбалска организација (ФИФА). КОНИФА на секои две години организира вакви првенства за нации, малцинства, народи без држава и региони што не се признати од ФИФА.

Земајќи предвид дека одржување на вакво првенство може да предизвика несакани последици за земјава во спортска, но и во друга смисла, разбирливо е дека веста побуди интерес во Македонија. Но, во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и во претпријатието што стопанисува со националната арена „Тодор Проески“, што во некои медиуми е посочена како место на одржување на ова СП, не знаеја каква е заднината на целиот настан.

– ФФМ немала никаков контакт со некаков организатор на споменатото СП, ни до нас стигнало какво било официјално барање или информација во врска со тој настан. Ние и не смееме да имаме контакт со таа организација, затоа што нашата федерација е членка на ФИФА, а КОНИФА не е – изјави Златко Андоновски, портпарол на ФФМ. Во АД Претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Република Македонија, коешто стопанисува со арената „Тодор Проески“, добивме сличен одговор.

– Никој не побарал да се организира таков настан на националната арена „Тодор Проески“. Дури и да побара, ние работиме во соработка со ФФМ. За одржување еден таков настан на таа арена, мора да има согласност и од ФФМ – ни рекоа од споменатото претпријатие. Не успеавме да добиеме и мислење од Агенцијата за млади и спорт на Македонија во врска со ова СП.

Од КОНИФА не ни одговорија во текот на вчерашното претпладне на поставеното прашање преку електронска пошта, за детали околу тоа кој во Македонија е организатор на ова СП.

Инаку, на сајтот на оваа организација е објавено дека ова СП ќе се одржи во Македонија од 30 мај до 7 јуни. Таму нема информација кој субјект во Македонија стои зад организацијата. На тоа СП ќе учествуваат 16 екипи а ждрепката ќе се одржи на Собранието на КОНИФА (24-26 јануари) на островот Џерси. Според сајтот на КОНИФА, претседателот на КОНИФА-Азија, Јенс Јокел, наводно веќе го посетил Скопје (не е наведено кога) и потоа изразил задоволство од условите што нашата престолнина ги има за нивното СП…

КОНИФА себеси се дефинира како организација на национални тимови што не се под покровителство на ФИФА, а претставуваат нации, малцинства, изолирани територии или културни региони.

Според коментаторот на англиски Индипендент, Метју Ингел (1 јуни, 2018), тоа е првенство за отфрлени, лишени, не-сосема-нации, или некогаш-биле-нации, а во многу случаи и никогаш-нема-да-бидат-нации.

Досега имало три вакви СП на КОНИФА. Првото се одржало 2014 година во Шведска во организација на Сапми, регион кој се протега во четири држави, Норвешка, Шведска, Финска и Русија. Второто (2016) се одржало во Абхазија, во организација на тамошната фудбалска федерација. Абхазија е земја што ја признале седум земји членки на Обединетите нации, а чие постоење го спори Грузија. Третото (2018) се одржало во Лондон, Велика Британија, а организатор била фудбалската асоцијација на Барава, регион во Сомалија.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот