Европски договор: Колку и да не сакаат, земјите сепак ќе мора да примат азиланти

Македонија има проблем со враќањето, односно реадмисијата на мигранти. Може да добие само ако договорот се почитува од сите и во целост, во спротивно тој ќе биде од корист само за шверцерите на мигранти, на кои „бизнисот“ двојно ќе им се зголеми, смета Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување.

Тешка, но историска одлука. Вака повеќето министри за внатрешни работи на ЕУ го опишаа договорот за радикална реформа на законите за миграција и за азил постигнат по 12-часовни преговори во Луксембург.

Овој историски пристап или флексибилна солидарност, како што се нарекува, ги обврзува земјите членки да прифатат одреден број баратели на азил кои пристигнале во една од земјите членки под миграциски притисок. Оние земји членки што ќе одбијат да примат одреден број мигранти ќе мора финансиски да ја поддржат земјата под миграциски притисок. Финансискиот надомест или, како што го нарекува Полска, „казна“ ќе изнесува 20.000 евра по барател на азил за земјите што ќе одбијат да примат бегалци. Тие пари ќе одат во европски фонд од кој потоа ќе им се даваат на оние земји кои примаат бегалци.

Овој компромис е обид да се постигне баланс меѓу Средоземноморските земји во кои прво пристигнуваат мигрантите кои би сакале автоматски да бидат преместени во други земји членки и држави како Унгарија и Полска кои одбиваат да им дадат прибежиште на барателите на азил.

Според компромисот што беше постигнат во последен момент, договорено е земјите членки, а не Унијата како целина, да утврдуваат која земја е „безбедна“ за мигрантите што претходно биле одбиени како несоодветни за азил. Државите членки ќе бидат обврзани да покажат „врска“ со земјата во која ќе се префрла секој мигрант, но оваа врска ќе ја дефинираат земјите членки. Дел од европските дипломати ова го толкуваат како давање флексибилност на секоја земја околу одлуката дали може да ги вратат мигрантите во трети земји за кои не сите членки на ЕУ може да се согласат дека се безбедно засолниште.

Според една од интерпретациите на правилото „врска“ една земја членка која сака да врати мигрант во трета земја ќе мора само да докаже дека барателот на азил престојувал во таа земја. Тоа ќе ѝ овозможи на Италија, на пример, да префрли мигранти во „транзициска земја“ како што е Тунис.

Вториот текст за кој што министрите постигнаа согласност ги обврзува земјите членки да приложат забрзана процедура, односно најмногу 12 недели за разгледување и обработка на барањата за азил во центрите на границите, што ќе важи за оние баратели на азил кои статистички имаат најмалку шанси да добијат статус на бегалец, а целта е да се олесни враќањето на овие мигранти во нивните земји на потекло и во земјите на транзит.

Бугарија, Литванија, Малта и Словачка се воздржаа од гласање за договорот, додека Унгарија и Полска беа против. Според унгарскиот премиер Виктор Орбан, договорот покажува дека Брисел ја злоупотребува власта и дека сака сосила да ги „прераспредели“ мигрантите во Унгарија што според него е неприфатливо.

Што ќе значи овој договор за Македонија која се наоѓа на балканската рута која сѐ уште е активна?

Правилото – земја членка што сака да врати мигрант во трета земја ќе мора да докаже дека барателот на азил престојувал во таа земја, што значи реадмисија – меѓународно правило мигрантот да го вратиш во земјата од која влегува. Но, во Македонија, како што вели Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување, ние имаме сериозен проблем, бидејќи досега во ниеден случај не се применило тоа правило кога е во прашање Грција, бидејќи со години не го почитува.

– Едноставно кажано, тоа значи дека секој гледа својот проблем да го префрли во туѓиот двор – вели Пивоваров за „Слободен печат“.

Со овој договор што го постигнаа членките на ЕУ, Србија на пример ќе ги враќа кај нас мигрантите бидејќи и тие и ние сме на рутата, но ние, според него, ќе немаме каде да ги вратиме, а се влезени најчесто од нашата јужна граница.

Ова, додава Пивоваров, ќе биде од корист само за шверцерите на мигранти, на кои „бизнисот“ двојно ќе им се зголеми. Со овој договор Македонија добива, само ако во целост се почитува од сите земји.

– Единствено решение, според мене, е реадмисија во земјата на потекло, ако е безбедна земја. Индија, Куба и Пакистан на пример се безбедни земји кои имаат економски интерес да ги испраќаат луѓето да работат на Запад зашто после праќаат дома пари. Тоа е чисто економска миграција – објаснува Пивоваров.

Неодамна тој кажа дека кај нас процесот на миграција продолжува и дека перманентно се зголемува бројот на откриени мигранти кои транзитираат низ нашата земја, а главното решение за спречување на мигрантската криза е расчистување со криминалните банди.

– Европол има податок дека во Македонија повеќе од 20 милиони евра се вртат во криминалот со транспорт на мигранти. Тоа се меѓународни криминални групации, поврзани од Турција, каде што е „базата“ на мигрантите каде што доаѓаат слободно од Азија, Африка… и од тука рутата има неколку крака, а едниот оди низ нашата земја, преку Србија и натаму кон Европа – изјави Пивоваров за „Слободен печат“.

Според податоците што ги изнесе министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во периодот од 1 јануари до 21 мај 2023 година спречени се 3.518 обиди за премин на државната граница од страна на мигрантите, а минатата година таа бројка била 5.226. Тоа, според него, покажува дека имаме намалување на обидите за 42 отсто.

– Имаме намален обид и на границата со Република Србија за 32 отсто, а три земји од кои најмногу доаѓаат мигрантите се Сирија, Мароко, Конго и помал дел од Пакистан. Карактеристично во делот на мигрантите е тоа што многукратно се зголемува откривачката дејност од страна на македонската полиција. Имаме спречено 29 случаи на криумчарење мигранти, а околу 234 мигранти биле во обид да се криумчарат. Преземени се мерки на кривичен прогон за 21 лице, од кои двајца се српски и еден турски државјанин – рече Спасовски во интервју за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот