Европска златна лига: Македонските одбојкари по изненадување против Украина

Фото: „фејсбук“ Одбојкарска федерација на Македонија

Денеска од 20.15 часот Украина ќе биде последниот предизвик за најдобрата македонска одбојкарска репрезентација во Европската златна лига, а влезот во СЦ „Борис Трајковски“ е слободен.

Во Скопје ќе дојде првопласираната репрезентација во нашата група, која до сега беше доминантна во сите натпревари, не загуби сет и се наметна како еден од главните фаворити за освојување на најквалитетното годишно натпреварување на ЦЕВ.

Нашата селекција не размислува на предавање особено што на претходниот меч одигра два рамноправни сета со Украинците стигнувајќи до 21 и до 22 поена. Иако резултатот не е во преден план, второто место во група со три подоброрангирани состави е привлечна и мотивирачка цел за да се одбрани арената во која беа совладани Белгија и Хрватска.

Без оглед што противникот играше убедливо досега, и ние имаме адути. Капитенот Никола Ѓорѓиев (105) е втор поентер во Европската златна лига зад турскиот коректор Адис Лагумџија (115), но е прв според просекот на освоени поени од напад (вкупно 91). Во оваа статистичка категорија Александар Љафтов е 14-ти, со два поена помалку од најдобриот украински напаѓач Олег Плотницки, но македонскиот примач е четврти според асовите, а тоа е категорија во која најдобар е украинскиот коректор Васил Тупчии.

Токму приемот на сервис за нас ќе биде еден од клучните, веројатно и најважен сегмент од игратa, затоа што доколку го скротиме ривалот, би имаше шанса да нападнеме подобро и почисто, а тоа значи да оствариме одлична ефикасност на нашите двајца најдобри напаѓачи Никола Ѓорѓиев и Александар Љафтов, како и на Владо Милев и на центрите Филип Савовски и Филип Маџунков. Савовски има 18 блокови досега, што е втор ефект во Европската лига, недостижен дури и за украинскиот центар Семенјук.

Оттука, поединечен ефект над просечните бројки од петте одиграни натпревари, како и соодветен прием за да се анулира предноста на противникот на сервис, а со тоа и да се овозможи вистинска дистрибуција кај нас, може да ни донесе рамноправен дуел. По нашиот триумф во квалификациите во 2013-та, Украинците се во серија од пет победи во меѓусебните пресметки, меѓу нив и во финалето на Европската лига во Гентофте во 2017 година, но во таа низа само една средба заврши во три сета. Значи, можеме да играме, особено со максимална поддршка од трибините иако сегашната генерација на Украина е меѓу најдобрите десет светски репрезентации, со четвртфинале на последниот Мундијал и со пласман во нокаут-фазата на последните две европски првенства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот