Евентуалниот бојкот на ВМРО ДПМНЕ би бил добар за државата, лош за демократијата, катастрофален за партијата

Фото: Ерол Шаќири

Како прво мислам дека до бојкот нема да дојде, не мислам дека до толку ВМРО ДПМНЕ се отидени „десно од разумот“, но сепак да ја оставиме можноста отворена, со нив никогаш не се знае. Впрочем нема да им биде прв пат, бојкотираа вториот круг од парламентарните избори во 1994 година, го бојкотираа консултативниот референдум за промена на името во 2018, побогу па тие го бојкотираа и референдумот за ГТЦ организиран во 2015 од општина Центар. Во принцип секогаш бојкотираат кога партиските калкулации не им одат во прилог. И бојкотот на референдумот за ГТЦ и тој за името беа од тактички причини свесни дека поголеми се шансите тие да пропаднат одколку да победи нивната опција. Класичен кукавички потег, посебно за референдумот за името на кој до ден денес гледаат како на ден на кој „народот одлучил“ во нивна корист, а всушност е спротивното. Да не повикаа на бојкот ќе се мобилизираа дополнителни 300-400 илјади граѓани кои најверојатно ќе гласаа „против“, можеби и повеќе, но никако немаше да ги надгласаат тие над 600 илјади граѓани кои излегоа и гласаа „ЗА“. Така да точно е, народот одлучи, мнозинството од народот беше за промена на името со цел земјата да се интегрира во НАТО и ЕУ. Истото беше и за ГТЦ, целата јавност вклучително и 17 граѓански организации застанаа во заштита на автентичниот изглед на ГТЦ, кога видоа дека нивната идеја нема да помине повикаа на бојкот. За бојкотот во 1994 година ќе се навратам подолу во текстот.

Бојкотот е организирана не-партиципација, демократијата во својата суштина е партиципација, затоа евентуалниот бојкот би бил директен удар врз демократијата. Значи бојкотот не е нормално политичко однесување во услови на демократија туку нејзина спротивност. Дали е бојкотот легитимен од друга страна, секако, но само кога демократски и фер избори е невозможно да се организираат. Да го оставиме „здравјето на граѓаните“ на страна, тоа е само флоскула, да размислуваш за бојкот само затоа што губиш на некакви анкети е кукавички, недржавнички и антидемократски. Во услови кога државните институции во консултација со медицинските експерти би спремиле протоколи за гласање во услови на пандемија за да се максимално заштитат граѓаните, во услови кога има техничка влада составена со единствена цел организирање на фер и демократски избори, каде опозицијата раководи со најбитното министерство за време на избори (МВР), во услови кога претседателот на Државната Изборна Комисија е човек на опозицијата, во услови на меѓународна набљудувачка мисија предводена од ОБСЕ и неколку домашни набљудувачки агенции, во услови каде поголемиот дел од медиумите се контролирани од опозицијата, да повикаш на бојкот е надвор од секаков разум и логика.

За државата најверојатно би било добро затоа што би се добило континуитет на успешните (за кого како) политики кои вродија со елиминирање на децениски спорови и евроатланска интеграција. Акцентот во следниот мандат би се ставил на внатрешните реформи и отворањето на поглавјата со ЕУ, овојпат без опструкциите на штетната ВМРО ДПМНЕ. Изборите и без учеството на оваа партија би биле легитимни затоа што иако најголема опозициона партија ВМРО ДПМНЕ не е единствена и секако не е претставник на целата опозиција. Политичкиот спектар е многу широк, идната влада секако би била контролирана од идната опозиција како и од граѓанскиот сектор кој е далеку поорганизиран, развиен и влијателен во споредба со 1994 година.

Бојкотот во 1994 испадна добар за ВМРО ДПМНЕ, лош за демократијата и државата и катастрофален за СДСМ. Вонинституционалното опозициско делување на ДПМНЕ во тоа време како и призна во една прилика самиот Георгиевски, не се покажа добро за државата, но се покажа многу добро за партијата. СДСМ се остави да владее непречено,неконтролирано, следеше период на масовна приватизација и многу скандали, што на ВМРО ДПМНЕ му донесоа победа на изборите во 1998, а на СДСМ му донесоа еден товар од кој до ден денес не може комплетно да се ослободат. Иако вкупно од осамостојувањето па навака ВМРО ДПМНЕ е многу повеќе на власт, вклучувајќи 11 годишен режим  за секоја лоша прилика во државата се обвинуваше СДСМ, токму како последица на тие 4 години апсолутно владеење. Се сеќавате впрочем на она „Бранко е крив“ што траеше се до доаѓањето на Заев на чело на партијата, а можеби и нешто подолго.

Приликите денес не се исти со тие во 1994 година и затоа мислам ако тогашниот бојкот испадна добар за ВМРО ДПМНЕ, потенцијалниот бојкот на овие избори би бил катастрофален за партијата. Во 1994 година во бојкотот на ВМРО ДПМНЕ се приклучи и ДП на Петар Гошев со што му даде еден своевиден легитимитет на овој политички чекор. Денес не гледам дека некоја друга партија (макар и вонпарламентална) која претендира на пратенички мандати би се приклучила на Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ, особено што гледаме дека никој не се согласува со неговите и ставовите на партијата за изборите што следат. Значаен дел од традиционалното гласачко тело на партијата во услови на не учество на избори би можело да се слее во новонастанатите движења/партии. Имајќи во предвид дека Мицкоски не е ни милиметар помрднат од политиките на неговиот претходник раслојување на гласачкото тело неминовно ќе се случи, евентуалното четиригодишно вонинституционално делување тоа би го интензивирало. Партиските лица, посебно тие на добитничките места на изборниот список веќе се гледаат себе си во улогата на пратеник и се спремаат да ги уживаат бенефициите што функцијата ги носи со себе, бојкотот би можел на Мицкоски и ДПМНЕ да му донесе и внатрепартиски раскол, како што се шпекулира дека веќе и има неколку струи во партијата.

Во изминатите три години Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ не понудија ништо ново на политичката сцена, а да е различно од претходното раководство освен стандардните хушкања, обвинувања, опструкции. Половина од раководството е она истото од времето на Груевски, она кое е обвинето за криминал во десетици случаи отворени од СЈО и превземени од ЈО. Самиот Мицкоски успеа да биде конзистентен само во едно, а тоа е немањето јасен став по ниедно клучно прашање што е од интерес на граѓаните и државата. Нивните министри во техничката влада само потсетија на деновите на режимот и ништо друго. Од друга страна рејтингот на СДСМ и Заев е во нагорна линија пред се поради евроитеграциите на државата, релаксирањето на меѓуетничките односи како и начинот на кој се справуваат со кризата предизвикана од пандемијата и покрај отворените опструкции на опозицијата. Следи неминовен пад на економијата како последица од кризата но сепак според проекциите се очекува таа да се консолидира најкасно до почетокот на наредната година. Доколку Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ како критериум за учество на избори го гледаат рејтингот на партијата во тие некакви внатрешни анкети и чекаат истиот да порасне додека рејтингот на Заев и СДСМ се намалува најверојатно ќе треба да ги бојкотираат и изборите во 2028 година. Неучество на избори носи и финансиски импликации за партијата, сепак нема да ги набројам зошто мислам имаат доволно „будимпештански“ пари претходно испумпани од државата кои сега за потребите на партијата која должи 8 милиони евра се враќаат по црни канали. Така да, за разлика од 1994 кога бојкотот им донесе власт, овој пат бојкотот би им донел пропаст.

Ако пак јас се прашував, на ВМРО ДПМНЕ немаше да им се остави ни да одлучуваат дали да бојкотираат или не затоа што со уредба одамна ќе им се забранеше секакво политичко делување и ќе се отвореше простор за формирање на некоја нормална опозиција и потенцијална идна власт, среќа што ете не се прашувам јас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот