ЕУ: Косово и Србија би можеле да го загрозат меѓународниот углед, ако наскоро не почнат со имплементација на Охридскиот договор

Европска комисија, Брисел / Фото: Слободен печат

Портпаролот на Европската унија Петер Стано изјави дека Косово и Србија би можеле да го загрозат нивниот меѓународен углед доколку што поскоро не почнат да го спроведуваат Охридскиот договор, пренесува Економија онлајн.

Стано потенцираше дека кредибилитетот на страните ќе биде загрозен со неспроведување на договореното, бидејќи за да се гледаат како доверлив партнер на ЕУ мора да го спроведат тоа што го ветиле.

„За да се гледаат како доверлив партнер на ЕУ, страните мора да го исполнат она што го ветија. Европските лидери на вчерашната средба на Самитот во Брисел ги повикаа Косово и Србија брзо и со добра волја да ги спроведат своите обврски кои произлегуваат од средбата во Охрид. Двете страни во Охрид се договорија веднаш да започнат со имплементација на сите одредби од Договорот и Анексот. Во договорениот текст јасно се вели: „Косово и Србија се целосно посветени на почитување на сите членки на Договорот и овој Анекс“. Одредбите од Договорот (вклучувајќи го и Анексот) сега ќе бидат вградени во Поглавјето 35 за Србија и агендата на Специјалната група за нормализација за Косово. Тоа значи дека страните ќе бидат договорно обврзани да ги спроведат одредбите доколку сакаат да постигнат напредок кон ЕУ. Неспроведувањето значи напуштање на патот кон ЕУ“, рече Стано.

Истовремено, Стано најави дека во наредните денови институциите на ЕУ заедно со двете страни ќе ги започнат првите чекори од фазата на имплементација на договорот

„Во следните денови, сега со одобрение на Европскиот совет, лидерите на 27-те земји членки заедно со двете страни ќе го започнат процесот на операционализација на првите чекори од фазата на имплементација. Како што изјави вчера високиот претставник: „Би ги советувал да си ја завршат работата“. Историјата на дијалогот докажа дека важноста на договорот се мери според степенот на неговата имплементација, а не според потписот. Тој беше многу јасен дека договорот е договорен, дека мора да се спроведе“, рече Стано.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот