ЕУ има алатки да го санкционира Додик, но засега не планира да ги користи

Милорад Додик / Фото: ЕПА

По најавата на САД за санкции против лидерот на Република Српска, Милорад Додик, Европската Унија смета дека Босна и Херцеговина треба да се посвети на политички дијалог, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Американската администрација соопшти дека Додик и неговата медиумска куќа “Алтернативна Телевизија” се санкционираат со блокиран имот и забрана за влез на територијата на САД, согласно режимот на санкции на администрацијата на Џо Бајден кој се активира против лица и ентитети што ја загрозуваат стабилноста на Западниот Балкан.

Додик со месеци го поткопува единството и интегритетот на Босна и Херцеговина како и Дејтонскиот договор.

Од страна на Европската Комисија денеска тонот е многу поумерен по ова прашање.

Портпаролката Ана Писонеро повика на политички дијалог во Босна и Херцеговина.

– Ги охрабруваме лидерите да ги решат проблемите преку дијалог и да го остават зад себе ќор сокакот за да се свртат кон конструктивна ЕУ агенда, рече Писонеро.

Запрашана дали ЕУ би можела да го санкционира Додик, портпаролката изјави дека Унијата располага со алатки, но потребна е согласност од сите земји членки на ЕУ за да стапи на сила.

Јавно е познато дека Додик ужива поддршка од унгарската влада на Виктор Орбан. Новинарите побараа одговор од Европската Комисија дали поради ова институција не се осмелува ниту да предложи санкции.

Писонеро на ова кусо одговори дека дискусиите за рестрикции и санкции во ЕУ се строго доверливи додека не бидат усвоени едногласно во Советот на ЕУ.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот