ЕУ донесе заклучоци за С. Македонија и Албанија, не се спомнува меѓувладина конференција годинава

Граѓани во близина на ЕУ Инфо центар во Скопје / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Земјите членки на ЕУ успеаја да постигнат компромис за заклучоците за проширување, но амбицијата да се одржат првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана не е дел од нив, јави дописничката на МИА од Брисел.

Иако словенечкото претседателство јавно настапи со надеж дека преговорите со двете земји ќе започнат до крајот на оваа година и тоа беше експлицитно наведено во нацрт-заклучоците, по денешните преговори меѓу министрите за европски прашања временската одредница не беше задржана.

Европската комисија и Советот на ЕУ изразија задоволство за компромисот постигнат во делот на проширувањето и го нарекоа „ремек дело на способноста на ЕУ да изгради компромис”, како што изјави потпретседателката на Европската Комисија, Вера Јоурова.

Сепак тој компромис повеќе не го вклучува рокот за старт на преговорите „до крајот на оваа година”.

На прашање на МИА: дали Словенија е разочарана што не ја исполни амбицијата и дали е тоа знак дека новата бугарска Влада не е подготвена за брзо отворање на преговорите со Северна Македонија, словенечкото претседателство изјави дека е задоволно со крајниот компромис.

– Она што е важно се заклучоците на Советот, не ги споредуваме со претходните нацрти, некои формулации се тука од пред два месеца и повеќе, но бидејќи преговорите за вакви документи се многу долго, дефинитивно би го оценил денешниот ден како успех, изјави државниот секретар за европски прашања на Словенија, Гашпер Довжан.

Тој понатаму нагласи дека ова е „пример за духот на компромис и лојална соработка на земјите членки”.

– Она што начелно предвидовме да го постигнеме не беше изводливо оваа година и ова е фактичката причина зашто „оваа година” не се појавува повеќе во заклучоците, додаде Довжан.

МИА побара објаснување зашто Северна Македонија е третирана различно од сите други држави во овој текст преку употребата на долгото име – Република Северна Македонија, секаде, додека другите се именуваат со нивното кратко име и дали ова претставува нов спор со името на земјата овој пат наметнат од Бугарија.

– Ова е одвоено прашање, за почетокот на преговорите потребна ни е преговарачка рамка, тоа е друг процес кој ќе биде започнат, бидејќи имаме нова Влада во Бугарија и многу сме оптимисти дека ќе се тргне по одамна поставениот пат што е можно поскоро, изјави државниот секретар на Словенија.

Во крајните заклучоци отстранета е експлицитната референца што ги поврзува процесот на проширување за Северна Македонија со имплементацијата на Договорот со Бугарија, меѓутоа оваа референца е присутна и во самата преговарачка рамка, како што објаснуваат дипломатите што имале увид во рамката.

Ако Северна Македонија дојде до чекорот на усвојување на таа преговарачка рамка останува прашањето како ќе се води дипломатска битка на тој терен за да не се дозволи процесот на преговори да биде заробен од билатералниот спор помеѓу Скопје и Софија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот