„Двојка“ за Спасовски, Лукаревска адут за „тројката“

Оливер Спасовски, Сања Лукаревска Фото: Слободен печат

Првично стокмените пратенички листи, според кои Спасовски требаше да ја предводи Третата изборна единица, предизвикале незадоволство, па најновата комбинација е ротација на носителите на Втората и на Третата изборна единица, тврдат партиски извори.

Партиите треба да ги достават изборните листи до Државната изборна комисија до 2 април, со што расте притисокот врз партиите да ги привршуваат комбинациите пред да ги завршат списоците. Според извори од СДСМ, најновата комбинација за изборните листи на СДСМ е ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да ја предводи Втората изборна единица, а заменик-претседателката и директорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, да биде прва во „тројката“.

Апетитите на помалите партии, пак, му прават проблем на лидерот на ДУИ Али Ахмети во екипирањето на европскиот фронт, каде што засега сигурни се само Народното движење на Скендер Реџепи Зејд и ДПА на Мендух Тачи. Засега нема договор со Алијанса за Албанците, предводена од Зијадин Села, а неизвесно е и дали Европската демократска партија на Арјанит Хоџа ќе биде дел од европскиот фронт на Ахмети.

Според партиски извори, првично стокмените пратеничките листи, според кои Спасовски требаше да ја предводи Третата изборна единица, предизвикало незадоволство и најновата комбинација е ротација на носителите на „двојката“ и на „тројката“. Забелешките биле дека Спасовски природно припаѓа во Втората изборна единица (кумановската) и дека неа треба да ја предводи. Во таков случај, Лукаревска би била прва во „тројката“. Според оваа комбинација, во пакет со носителите ќе одат и коносителите, односно вицепремиерот Фатмир Битиќи ќе биде веднаш по Спасовски во Втората изборна единица, додека во „тројката “ по Лукаревска ќе биде министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Негодувања имало и за министерката за одбрана Славјанка Петровска, која првично требаше да ја предводи Шестата изборна единица, а коносител да биде претседателот на младината, Марко Михаиловски, кој е тетовец. Можно е Михаиловски да биде прв во „шестката“, а Петровска воопшто да не е носител, туку да биде трета во „двојката“. Засега официјално потврдено е дека лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, ќе биде прв во „единицата“, а веднаш по него е претседателката на ЛДП Моника Зајкова. Во Четвртата изборна единица носител на СДСМ ќе биде ексминистерот за здравство Венко Филипче, а по него Јована Тренчевска, додека по претседателот на Собранието, Јован Митрески, кој ќе ја предводи Петтата изборна единица, коносителка ќе биде потпретседателката и министерката за култура Бисера Костадинова Стојчевска.

Висок функционер од ДУИ брифира дека лидерот Ахмети до крајот на неделава се очекува да потпише договор за предизборна коалиција со Мендух Тачи и со Скендер Реџепи Зејд. Курцшлус за целосно екипирање на европскиот фронт, кој на изборите треба да се спротивстави на албанската опозиција обединета во коалицијата „Вреди“, е бројот и позиционирањето на пратеничките листи. Села, освен носител во Петтата изборна единица, за која е согласен Ахмети, барал Алијанса да добие уште четири добитни места на листите во „шестката“, „петката“ и во „двојката“. Ова, пак, за Ахмети е премногу, бидејќи едвај ги задоволува апетитите на своите сопартијци. Хоџа, пак, барал две добитни позиции на листите со ДУИ, додека понудата на Ахмети била тој да биде позициониран под десеттото место во „шестката“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уште не пресекол кој ќе ја предводи Петтата изборна единица, каде што во игра се експретседателот на МАНУ Љупчо Коцарев и генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски. Како што објави Мицкоски, тој ќе ја предводи Првата изборна единица, Владо Мисајловски ќе биде прв во „двојката“, во Третата носител ќе биде Драган Ковачки, во „четворката“ – Александар Николоски, а во Шестата – Дафина Стојаноска.

Од ДУИ носител во „единицата“ ќе биде Блерим Беџети, во „двојката“ или Садула Дураку или Арбер Адеми, Петтата зависи дали ДУИ ќе оди сама или со Алијанса, а „шестката“ ќе ја предводи Ахмети.

Коалицијата Вреди во „единицата“ ќе истрча со Изет Меџити, во „двојката“ со Африм Гаши, во Петтата изборна единица со кадар на Алијанса на Арбен Таравари и во „шестката“ со Билал Касами.

Доколку Алијанса на Села оди сама на избори, тогаш во „единицата“ ќе истрча со министерот за информатичко општество Наим Бајрами, во Втората – Елми Азири, во „тројката“ – Кренар Лога, во петтата – заменик-министерот за одбрана Тирон Јахјага и во „шестката“ Села.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот