Две книги од Габриела Стојаноска-Станоеска ќе имаат промоција во „Ко-Ра“ во Скопје

Покана за настанот

Скопската промоција на книгите „Драми (Трудници/Тајни)“ и збирката раскази „Сега би пишувала за…“ од Габриела Стојаноска-Станоеска ќе се одржи на 7 јуни (среда), со почеток во 19 часот, во Големиот салон на ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ Скопје (Дом на градежници, спроти гимназијата Ј.Б.Тито).

За збирката раскази „Сега би пишувала за…“ во која 57-те раскази се групирани во три циклуса: „Сега би пишувала за…“ (истоимен со насловот на книгата) „Стар живот“ и „Разводнување развод“ ќе зборува еминентната поетеса и прозаистка Гордана Михаилова-Бошнакоска, а за двата драмски текста „Трудници“ и „Тајни“ од книгата „Драми (Трудници/Тајни)“ ќе зборува актерката првенка на МНТ и режисерка – Звездана Ангеловска.

Според писателот Петар Петрески „Книжевното писмо на Стојаноска-Станоеска е натопено со лиризам, искреност и препознатлив автентичен исказ. Таа не се воздржува, не се двоуми во творечкиот третман на современите табу-теми, како што се, на пример, женската сексуалност, бременоста, брачната ’Рубикова коцка‘, растајнувајќи ни го, мошне успешно и сугестивно, сето она што се крие зад завесата на нашето вродено лицемерие.“

Во поговорот на книгата „Драми (Трудници/Тајни)“ драмската авторка Лидија Митоска-Ѓорѓиевска вели: „Во пиесата ’Трудници‘, преку ликот и доживувањата на Гордана, авторката ги раскажува одмолчените приказни на многу жени поврзани со слични судбини – губење на својот плод во бременоста. Тоа го прави детално, доследно и без никакви ублажувања или преувеличувања. Почнувајќи со исчекувањето, радоста на зачнувањето и приврзувањето со нероденото бебе, авторката ни допушта да ги почувствуваме задоволството на незапирливото мечтање и радосното подредување на сопствениот живот кон новонастанатата ситуација, за потоа да ни ја открие неописливата болка на овој неостварен сон кој завршува меѓу мемливите болнички ѕидови, меѓу нечистите болнички кревети и лелеците на несреќните жени, секоја со својата болка, скршени и немоќни пред сопствената судбина. Сепак, пиесата ја пренесува и поддршката до оние трудници кои нема да се откажат и ќе ги издржат пречките и проблемите на тој труден пат за да дојдат до посакуваната цел. Оваа пиеса зборува и за две крајно спротивставени страни на човековата природа: од една страна женската солидарност, меѓусебно разбирање и сочувство, а од друга страна човековата алчност и бесчувствителност пред послабиот, пред оној кој моли за помош среде бескрајните бирократски лавиринти на едно од корен гнило и корумпирано општество.“

Пиесата „Тајни“, низ повеќе различни приказни отвора главно две теми. Првата е темата за потребата од искрена комуникација во меѓучовечките односи. На животниот пат потребни се чести „паркирања“ на кои возачите и совозачите ќе ги светнат шофершајбната и останатите стакла од повремено наврнатите тајни.

Втората, пак, е една „забранета“ тема – темата за женската сексуалност и пиесата им дозволува на ликовите – девојчиња, девојки и жени од различни возрасти – отворено да зборуваат и да ги доживуваат своите најинтимни пориви и чувства за кои обично не се зборува, а често се и „избришани од сеќавањето“, како што вели нараторката на оваа драма. Да се зборува за осознавањето на сопствената сексуалност и за созревањето, за плашливото и несигурно зачекорување на девојчињата во светот на возрасните, а потоа и за експериментирањето и сексуалноста низ женска наместо низ машка призма – и тоа како составен дел од личноста и од животот на жената, значи да се побегне од сè уште доминантниот наратив за женската сексуалност, наратив кој нормира и кој создава лажна слика за жената како сексуален објект без сопствени потреби, чувства и фантазии, или како мајка, или како романтична партнерка, или како бескомпромисна кариеристка. И за двата драмски текста би можело да се издвои како мото, завршната мисла од „Тајни“: „На животот и театарот не им фалат драми, им фали искреност.“

Во поговорот на книгата „Сега би пишувала за…“ актерот Димитар Ѓорѓиевски пишува: „И доаѓам до заклучок дека Габриела Стојаноска-Станоеска измислува стил. Намерно или не. Додека ги читав расказите, ја препознав генијалноста на Чехов, посебно во расказот ’Сега би пишувала за…‘, ама како го прегледувам расказот, сфаќам дека од Чехов ја има само леснотијата на пишувањето. Другото е Габи, а Габи успева преку неречените работи да ни рече сѐ што сака, сѐ што ние сакаме, сѐ што е неречено, а така силно речено. Или она што сакав да го кажам за новиот стил – естетика на морбидното. Морбидното е присутно во секој расказ од оваа збирка. Постојано е присутен стравот и морничавоста, траумите и согледувањето на работите кои ни се тешки да ги гледаме. Или доживуваме. Но Габриела ни ги разубавува тие работи. Со самото тоа што ги признава, нѐ потсетува дека сe присутни, дека се врзани за нас, дека често се поттик за личен раст и напредок, иницијатор за создавање нови дела, дека се човечки и нормални. И дека кога ќе ги признаеме и запишеме ја губат моќта да парализираат, стануваат нормални. Габи го прави тоа толку успешно што кога човек ќе ги прочита нејзините раскази, во исто време му се плаче, се нервира, нешто не му е јасно, негде се препознава, негде го препознава комшијата, му доаѓа да вика, му се приебува, му се пее песна, го фаќа мрза, па ентузијазам, па страв, па се ослободува… всушност, му се случува живот. Зашто животот, се случува. Независно од нашата желба, стравови, нервози, неодлучности… животот во некаква форма, се случува. Исто и расказите на Габриела. Се случуваат, вистински и во секоја смисла. Расказите на Габи одат паралелно со животот, или живеат паралелен живот. Како сакате.“

Габриела Стојаноска-Станоеска (Прилеп, 1978) магистрира на Катедрата за oпшта и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работи како наставничка по македонски јазик и е главна и одговорна уредничка на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.

Ги има објавено збирките раскази „Гола“ („Арлекин-ГФ“, Прилеп, 2007) и „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“ („Сигмапрес“ Скопје, 2019); научната студија „Кусиот расказ и сонот – компаративни паралели низ призмата на неколку критички методи “ („Сигмапрес“ Скопје, 2018), збирката драми „Драми (Трудници/Тајни)“ Прилеп, 2020, и збирката раскази „Сега би пишувала за…“ (2022).

Меѓу повеќето награди, добитничка е на прва награда на конкурсот за краток расказ на „Студентски збор“, две први награди на двата конкурса за кус-кус расказ на интернет порталот „Окно“, откупна награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“, трета награда на конкурсот за краток расказ на Фондот на холокаустот на Евреите на Македонија. Во 2020 г. ја доби наградата Македонска книжевна авангарда за збирката раскази „Приказни за краткоста“, а добивала и награди за раскази и песни на конкурсите на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ – Гостивар, Мариовско-мегленски средби, „Маџирмаалски поетски бранувања“, на конкурсите за краток расказ на Организација на жените – Битола и НУБ „Св. Климент Охридски – Битола“ и други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот