Достојно одбележана годишнината на Друштвото на писателите на Македонија

Врачување на годишните награди на ДПМ на 13 февруари 2023 година

Друштвото на писателите на Македонија на 13 февруари достојно ја одбележа 76-годишнината од своето основање со доделување на традиционалните годишни награди за 2022 година и прогласување на почесни членови на ДПМ од странство.

Добитници на наградите се писателот Венко Андоновски, кој со романот „Папокот на светлината“ е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување за 2022 година; поетот Зоран Пејковски со стихозбирката „Убавите жени“ ја доби наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка; книгата со книжевни критики „Книжевен бинокулар“ од Соња Стојменска-Елзесер е новиот носител на наградата „Димитар Митрев“; наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади ја доби книгата поезија „Чудесен дар во годишен календар“ од Ели Маказлиева.

Во присуство на наградените автори, претседателот на ДПМ, Христо Петрески, покрај благодарноста до основачите на ДПМ, истакна дека Друштвото на писателите на Македонија е престижна и привлечна асоцијација, а доказ за тоа е и неодамнешниот Конкурс за прием на нови членови, на кој се пријавиле дури 69 кандидати, а биле примени само девет.

– Исто така, и заинтересираноста за наградите на Друштвото на писателите на Македонија, сѐ уште, е на завидно ниво. И понатаму најбројни се поетските и прозните книги, а во пораст е и бројот на критичко-есеистичките книги и книгите за деца и млади. Но, иако и во претходните години немаше поголема и вистинска конкуренција за наградата „Мост“, минатата година не пристигна ни една книга, па оваа награда сериозно е доведена во прашање – рече Петрески.

Тој истакна дека по пандемискиот период ДПМ продолжува со своите тековни и редовни активности, иако се соочува со финансиски и кадровски проблеми. Просториите на Друштвото сега се постојано отворени од 9 до 14 часот секој работен ден. Посочи и на повеќе соработки и гостувања што се остварени со слични здруженија во регионот.

– За жал, писателите кај нас се во подредена и незавидна позиција и улога, зашто нивните книги се печатат во 100, па и помалку од тоа примероци. Тие книги како да не се ни објавени, односно станува збор за формални и мртви изданија. И понатаму македонските писатели немаат простор за објавување, иако своите творби ги објавуваат бесплатно, а се принудени да прифатат и скромни и смешни хонорари. Најчесто хонорарот за македонските писатели е ручек или вечера, а најчесто тие објавуваат и настапуваат сосема бесплатно и на Фејсбук. Денес, речиси, не постои книжевна критика, затоа што нема каде да се објави, но и затоа што критичко-есеистичкиот ангажман и труд не се хонорира и исплатува. Најголем проблем и понатаму е нечитањето на македонските автори меѓу себе, но и од страна на читателите. А секоја неотворена и непрочитана книга е исто како и да не е објавена – рече Петрески.

ДПМ во 1953 година (Од лево кон десно, стојат: Александар Спасов, Јордан Леов, Лина Малинска, Јован Бошковски, Коле Чашуле, Блаже Конески и Симон Дракул. Седат: Ацо Шопов, Антон Панов, Ѓорѓи Абаџиев, Васил Иљоски и Димитар Митрев)

Основачи на ДПМ биле македонските писатели: Блаже Конески, Димитар Митрев, Славко Јаневски, Коле Чашуле, Ацо Шопов, Владо Малески, Ристо Крле, Васил Иљоски и Иван Точко.

Решени дека на македонските писатели им е потребна организирана форма на дејствување, дел од својата младост вложиле во поставувањето на темелите на ДПМ. За прв претседател на ДПМ бил избран Блаже Конески.

Веднаш по основањето, ДПМ започнало со своите заложби за поттикнување и следење на развојот на македонската литература, за статусот на писателот во слободната македонска држава и за неговиот влог во културнот и општествениот развој. Уште на самите почетоци, ДПМ остварувало заложби и за меѓународна афирмација на македонскиот збор.

Историската фотографија на ДПМ од 1953 година, пред 70 години, ја објави Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот