„Домашните странци“ го враќаат предпандемиското ниво на трошење

Илустративна фотографија / СП. архива

Според пресметката на централната банка, само во април и во мај „домашните странци“ смениле во нашите менувачници 133,6 милиони евра, што е 2,5 пати повеќе отколку во април и мај лани.

Минатата година, иселениците и нашите привремени печалбари во странство, испратиле, или пак донеле во земјава 1.034.000.000 евра, што е за 441,2 милиони евра помалку отколу во 2019 година, покажуваат податоците на Народната банка. Но, како што објаснуваат оттаму, состојбата со парите од иселениците се стабилизира и постепено се враќа кон предпандемиското ниво.

Од Народната банка објаснуваат дека покрај приватните трансфери од странство што доаѓаат преку банкарските канали и преку брз трансфер на пари, тие го следат и прометот во менувачниците и врз основа на податоци и проценки го оценуваат менувањето на девизите од страна на гастарбајтерите. Според пресметката на централната банка, само во април и во мај „домашните странци“ смениле во нашите менувачници 133,6 милиони евра, што е 2,5 пати повеќе отколку во април и мај лани.

– Со оглед на стабилизирањето на епидемиолошката состојба и олеснувањето на мерките, во првиот квартал на 2021 година готовинската компонента се стабилизира, односно нејзиното ниво е слично на историскиот просек за овој период и секако е значително над минимимумот остварен во второто тримесечје од минатата година. Индикативните податоци за оваа компонента, коишто се следат преку нето-откупот од менувачкото работење, за периодот април-мај 2021 година покажуваат кумулативен раст 2,5 пати, или за 97,4 милиони евра на годишна основа, што упатува дека и во овој сегмент придвижувањата се поволни. Оваа констатација се потврдува и со последно расположивиот податок за вкупните приватни трансфери, кои во првиот квартал од 2021 година се повисоки за околу 10 проценти, односно за 33 милиони евра на годишна основа – велат од Народната банка за „Слободен печат“.

Оттаму посочуваат дека во преткризниот период вкупните приливи од приватните трансфери изнесувале во просек околу 16 проценти од бруто домашниот производ (БДП), во номинални износи. Минатата година, велат од НБРСМ, поради пандемијата дојде до нивно намалување, со оглед на тоа што поголем дел од дознаките се праќаат во готовина, со што тие изнесуваа околу 12 проценти од БДП.

– Сепак, со постепеното надминување на здравствената криза преку процесот на масовна имунизација и закрепнувањето на глобалната и на домашната економија, се очекува постепено закрепнување и на приватните трансфери и зголемување на нивното учество во БДП, за околу 2 процентни поени, во просек, во 2021-2022 година, со што тие се очекува дека ќе се вратат на претпандемиското ниво –прогнозира Народната банка.

Анкетата што ја спровела Народната банка во врска со користењето на парите од иселениците покажала дека 80 отсто од тие пари се користат за тековна потрошувачка.

– Како дополнителен извор на приходи за домаќинствата тие претставуваат и втора најзначајна компонента на реалниот расположлив доход, после масата на плати, со значајно влијание и врз неговата промена – велат од Народната банка.

Поради рестрикциите во движењето во текот на минатата година, дигиталните трансфери имале значителен раст од 46,6 проценти и на овој начин во државата дошле 262 милиони евра. Но, од друга страна, готовинската компонента на трансферите во 2020 година се намалила за 40,5 проценти и во готово, иселениците и другите сезонци на работа во странство, лани донеле 772,1 милион евра. Народна банка прогнозира дека и во иднина ќе продолжи трендот на поголемо испраќање на пари на дигитален начин.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот