Домаќинствата може да произведуваат струја, но не може да ја продаваат
Субвенции до 62.000 денари за инсталација на соларни панели кои произведуваат струја, најави Министерството за економија. Според законската регулатива, домаќинствата може да инсталираат панели со моќност до 4 киловати. Ценовникот на ЕВН, пак, кажува дека за инсталирање панели со моќност од 3 киловати, цената е 3.000 евра плус ДДВ, по принципот „клуч на рака“.
Притоа, компанијата пресметала дека годишно овие панели може да произведат до 4.000 киловат-часа електрична енергија. За соларни панели со инсталирана моќност од 4 киловати, ЕВН нуди проект „клуч на рака“ од 4.000 евра плус ДДВ, а пресметките покажуваат дека така може годишно да се добијат до 5.200 киловат-часа електрична енергија.
Експертите обрнуваат внимание на тоа дека сончевата енергија не е константен извор за создавање електрична енергија, односно дека ќе има периоди кога ќе се произведува повеќе струја од потребната за едно домаќинство, а ќе има периоди и кога воопшто нема да се произведува струја. Затоа тие велат дека не е исплатливо да се зборува за инвестирање во домашно производство на електрична енергија, ако истовремено вишокот на струјата не може да се продава.
Според Законот за енергетика, постои можност граѓаните што произведуваат струја и да ја продаваат, но деталите се уредени во Правилникот за обновливи извори на енергија, а во него јасно е наведено: „За продавање на вишокот електрична енергија потребно е да се снабдувате со електрична енергија преку еден од снабдувачите со електрична енергија на отворениот пазар за електрична енергија. Во тој случај, енергијата што нема да ја искористите за свои потреби, односно ќе ја пласирате на дистрибутивната мрежа, треба да биде откупена од вашиот снабдувач“.
„ЕВН хоум“, пак, од каде што сите граѓани добиваат сметки, не е на отворениот пазар, туку е универзален снабдувач со струја, а цената се уште ја одредува Регулаторната комисија за енергетика.
„Продавање струја сѐ уште не е можно доколку се снабдувате преку универзален снабдувач, односно имате регулирана цена на електрична енергија. Доколку сѐ уште сакате да се снабдувате, можете да го сторите тоа со ограничувач на токот на електрична енергија кон дистрибутивната мрежа“, е наведено и во промотивната брошура на ЕВН за продажба и инсталирање на фотоволтаични панели.
Пазарот на електрична енергија е либерализиран и за домаќинствата од 1 јули 2019 година. Но, на слободниот пазар и не се појавија компании во услови кога сѐ уште постои регулирана цена на електрична енергија, односно беше оценето дека тие компании не би можеле да ѝ конкурираат на „ЕВН хоум“, која ја продава струјата по регулирана цена. Таа цена, пак, зависи од трошоците на домашните електрани, од ЕВН и како дистрибутер и од МЕПСО како преносител на висок напон. За да нема нагол шок за премин кон целосно либерализираниот пазар и за ценовна стабилност, „ЕВН хоум“ како универзален снабдувач во првата година требаше најмалку 80 проценти од вкупните потреби да обезбеди од домашно производство на струја, во 2020 најмалку 75 отсто, во 2021 најмалку 70 отсто, во 2022 година 60 проценти, па сѐ до 2025 година, кога, според обврската, треба да обезбеди најмалку 30 проценти. Доколку ЕСМ не биде во можност да одговори на ваквите обврски, тогаш универзалниот снабдувач ќе може да ги надополни потребите од слободниот пазар според утврдените правила од Регулаторната комисија за енергетика.