Должиме 7,4 милијарди евра, а ќе мора да се крпиме со нови кредити

Фото: Архива на СП

Нашите научни анализи за оптималното ниво на јавниот долг покажуваат дека прагот на позитивна корелација помеѓу долгот и растот изнесува 53,42 проценти, вели академик Абдулменаф Беџети

Заклучно со 30 јуни,  јавниот долг достигна 7,4 милијарди евра, или 64,4 проценти од бруто-домашниот производ, објави Министерството за финансии. Ова значи дека долгот веќе го надмина планираното ниво за до крајот на годината, кое според стратегијата за негово управување објавена од Министерството, на крајот на годината треба да изнесува 63,9 проценти.

Академик Абдулменаф Беџети во својот осврт „Фискалните политики и фискалниот простор во време на глобалната пандемија со посебен осврт врз Република Северна Македонија“ објасни дека оптималното ниво на долгот е 53,42 проценти. Тој констатира дека од 2017 година до 2020 година, јавниот долг се движел во границите од 50 проценти од БДП.

– За жал, просторот што постоеше сѐ до 2008 година, кога јавниот долг изнесуваше околу 26 проценти од БДП, речиси „се потроши“ за 6-7 години преку т.н. проект „Скопје 2014“! Економистите оптимисти ја квалификуваат оваа висина на јавниот долг како умерена, врз основа на формалните граници од 60 отсто од БДП, според критериумите на Мастрихт за ЕУ и како последица од овој критериум тврдат дека сѐ уште имаме доволно простор. Нашите научни анализи за оптималното ниво на јавниот долг покажуваат дека прагот на позитивна корелација помеѓу долгот и растот изнесува 53,42 проценти.  Имено, овој резултат се совпаѓа и со сознанијата во истражувањата, врз основа на кои јавниот долг на земјите во развој треба да изнесува околу половина од оној во развиените земји, кој, пак, според врвните светски економисти, е утврден помеѓу 90-100 проценти од БДП – анализира Беџети.

Со ребалансот на буџетот, пак, се направи нов простор за задолжување. Буџетската дупка сега е зголемена за 183,6 милиони евра од основниот Буџет. Со овој износ, вкупната разлика меѓу парите што се предвидени да се соберат од даноци и други давачки и оние што се предвидени да се потрошат до крајот на годинава, изнесува 751,7 милиони евра. Ова буџетска дупка мора да се покрие со кредити. Но, исто така, мора и да се вратат веќе земените кредити, а годинава вкупниот износ што достасува е околу 700 милиони евра. Според наведеното во Буџетот, над 410 милиони евра се пари што се обезбедуваат од домашни извори на задолжување, околу 1 милијарда од странство, а од банкарскиот депозит на државата ќе се искористат околу 6 милиони евра за отплата на кредити.

Најголем дел од задолжувањето од странство веќе е направено со еврообврзницата во март од 700 милиони евра.

„Во текот на вториот квартал од 2021 година се очекува да пристигне втората транша од Заемот од ЕУ за макрофинансиска поддршка во износ од 80 милиони евра, а дополнително финансирањето на Буџетот ќе се реализира преку повлекувања од заеми од меѓународни финансиски институции, како и преку задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Преку оваа финансиска структура, државата ќе може непречено да го финансира буџетскиот дефицит како и да врши отплата на обврските по основ на долг што достасуваат во текот на годината“, пишува во Стратегијата за управување со јавниот долг 2021-2025.

За година и пол долгот нараснал за речиси 2 милијарди евра

Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека 2019 година сме ја завршиле со јавен долг од 5,54 милијарди евра, додека во 2020 година долгот се зголемил за дури 942 милиони евра со што достигнал 6,48 милијарди евра, а оттогаш, за 6 месеци од оваа година, долгот нараснал за 904 милиони евра. Односно за година и пол долгот нараснал за речиси 2 милијарди евра.

Стари еврообврзници ќе се враќаат, нови ќе се земаат

Во 2023 година треба да се вратат 450 милиони евра за еврообврзницата издадена во 2016 година, во 2025 стигаат за наплата 500 милиони за еврообврзницата издадена во 2018 година, а во 2026 година треба да се обезбедат 700 милиони евра за издадената еврообврзница во 2020 година.

Во Стратегијата за управување со јавниот долг  2021-2025 година е наведено дека извори на финансирање ќе бидат домашни кредитори, меѓународни финансиски институции, но дека е можно и издавање нова еврообврзница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот