Документарниот филм „Љубовната соба“ на Сузана Диневски беше прикажан во Њујорк

Фотографија од филмот „Љубовната соба“

Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски беше прикажан на „Биг Епл Филм Фестивал“ (BAFF) во Њујорк, што се одржа од 19 до 25 мај оваа година.

Њујоршката премиера на документарниот филм „Љубовната соба“, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм на Северна Македонија, „Сузи Кју Продукција“ и „Аворд Филм и Видео“ се одржа на 22 мај во рамки на „Биг Епл Филм Фестивал“ (BAFF), во познатото кино „Синема вилиџ“, кое е едно од најстарите независни кина во уметничкиот дел на Њујорк, познат како Гринич Вилиџ.

Пред њујоршката публика, која ја сочинувале и претставници на македонската дијаспора која живее и работи во Њујорк, како и претставници на дипломатскиот кор, режисерката и продуцент Сузана Диневски во делот предвиден за „Прашања и одговори”, ja презентирала реализацијата и идејата за филмот што раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кои главни протагонисти се две млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД „Идризово“.

Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најголемиот затвор во Северна Македонија – „Идризово“, како и ефектите што тој ги има врз семејството и неговото непосредно опкружување.

Амбиент пред „Синема вилиџ“ во Њујорк

Филмот „Љубовната соба“ е номиниран и за награда на BAFF, што е потврда за неговиот квалитет во конкуренцијата на долгометражни филмови селектирани од целиот свет како дел од BAFF – Њујорк, кој се смета за еден од најдобрите 25 филмски фестивали според списанието „Movie Making“ за промовирање на најоригинални филмови од независната светска филмска продукција.

„Љубовната соба“ минатата година ја доби наградата на „Агора Докс“, фестивал за документарен филм во Солун, Грција, а имаше и две меѓународни премиери во текот на март 2023: на филмскиот фестивал во Феникс, Аризона во САД, во категорија на светски долгометражни филмови, и на „Загребдокс“ во официјалната селекција на регионалната конкуренција.

Филмот е во режија на Сузана Диневски. Продуцент на филмот е Сузана Диневски („Сузи Кју Продукција“), а копродуценти се Владимир Стојчевски („Аворд Филм и Видео“) и Бани Бојана Диневски („Сузи Кју Продукција“). Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, организатор е Горан Стојилковиќ, а тонски дизајнер е Игор Поповски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот