Документ во Фиренца открива: Леонардо да Винчи бил син на сексуална робинка

Автопортрет на Леонардо да Винчи / Фото: EPA/CARMEN JASPERSEN

Черкезиската принцеза Катерина, која била ќерка на владателот на Северен Кавказ, принцот Јакоб, била киднапирана и продадена како робинка во Венеција. Според еден документ, откриен во Државниот архив во Фиренца, таа е мајката на уметникот Леонардо да Винчи, пренесуваат италијанските медиуми.

Професорот Карло Вече, кој е филолог и историчар на ренесансата, го откри идентитетот на мајката на славниот уметник, која врз основа на овој документ е половина Италијанка. Овој податок беше објавен во Фиренца, во седиштето на издавачката куќа „Џунти“, а ја потврди и историчарот Паоло Галучи.

Според реконструкцијата на проф. Вече, принцезата Катерина била однесена со синџири на рацете од Кавказските планини сè до Азовското Море. Оттаму била пренесена во Константинопол во 1439 година, каде што преминала во рацете на италијанските трговци, кои ја однеле во Венеција. Потоа, таа пристигнала во Фиренца во 1442 година, кога станала слугинка во куќата на Гиневра д’Антонио Редити, сопругата на Донато ди Филипо ди Салвестро Нати.

Потоа Катерина била „позајмена“ како болничарка на ќерката на сер Пјеро да Винчи, Марија. На неа ѝ плаќале 18 гулдени годишно, што било многу висока цена за една робинка. Според проф. Вече, таа плата укажувала на тоа дека Катерина му била сексуална робинка на сер Пјеро да Винчи, со која добил вонбрачен син на 15 април 1452 година. Професорот Вече смета дека Леонардо бил зачнат во Палацо Кастелани, која денес е седиште на музeјот за Галилео Галилеј во Фиренца.

Години подоцна, Леонардо да Винчи ја насликал сликата „Благовештение“, која веројатно е посветена на неговата мајка Катерина. На неа е насликан град покрај море – пејсаж кој не наликува на Фиренца и, многу веројатно, е инспириран од приказните кои му ги разкажувала неговата мајка за местото од кое таа потекнува.

Сликата „Благовештение“ / Фото: EPA/MAURIZIO DEL’INNOCENTI

Катерина ди Мео Липи, како што до ден-денес е нарекувана, починала во Милано, каде живеела со синот Леонардо. Уметникот ја потврдил оваа информација во еден запис од 16 јули 1493 година. Леонардо го организирал нејзиниот погреб во Милано, најверојатно во црквата Сан Франческо Гранде, за која тој ја насликал сликата „Богородица на карпите“.

При работа во Државниот архив во Фиренца, проф. Вече го открил документот за ослободувањето на Катерина, потпишан од страна на нотарот Пјеро да Винчи од Фиренца на 2 ноември 1452 година, шест месеци по раѓањето на Леонардо.

„Кога го најдов документот, јас не можев да им поверувам на очите. Јас никогаш не ѝ дадов голема важност на теоријата дека таа била робинка. Па, јас поминав повеќемесечно истражување, обидувајќи се да докажам дека таа Катерина од документот не е мајката на Леонардо. Но, на крајот, сите документи укажуваа на тоа дека теоријата е точна“, изјави проф. Вече за „Ен-би-си“.

Ова откритие е раскажано во книгата на проф. Вече, „Насмевката на Катерина: мајката на Леонардо“ („Il sorriso di Caterina: La madre di Leonardo“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот