Дневните лупинзи долгорочно ќе ја одредат иднината на Беса

Движење Беса
Движење Беса / Фото: Архива на „Слободен печат“

Не навлегувајќи во расправа дали опозицијата е во право во намерите да ја урне Владата, најчудното однесување во оваа ситуација беше она на Беса, која се приклучи во хорот обвиненијата против „режимот на Заев“, иако и самата беше дел од власта, смета политичкиот аналитичар Даут Даути.

На Беса и претстои неизвесна политичка иднина, тврдат аналитичарите. Партијата влезе во коалиција со владејачката СДСМ, па сега по локалните избори се приклучи кон опозициските партии кои се обидоа да ја урнат Владата, но не успеаја да направат мнозинство бидејќи еден пратеник не се појави на пребројувањето во парламентот – Кастриот Реџепи, потпретседателот на Беса!     

Откако министерот за земјоделство и двајца заменици министри од оваа партија поднесоа оставки, Реџепи ги посоветува неговите сопартијци да не избрзуваат со одлуките, сега откако гласањето за недоверба на Владата не ќе може да најде на дневен ред во наредниве 90 дена.

Тој на својот Фејсбук профил објави фотографија како реакција по одлуката на лидерот на Движењето Беса, Билал Касами да го исклучи од партијата, на која пишува: „Господ да ја благослови Америка“. Реџепи за денеска најави прес-конференција на која се очекува да објасни зошто го „извиси“ опозицискиот блок во кој беше и неговата партија, евентуално да одговори кои стански фактори го убедиле да направи таков чекор и да расчисти со шпекулациите дека бил принуден („киднапиран“) да го направи тоа.

Не навлегувајќи во расправа дали опозицијата е во право во намерите да ја урне Владата, најчудното однесување во оваа ситуација беше она на Беса, која се приклучи во хорот обвиненијата против „режимот на Заев“, смета политичкиот аналитичар Даут Даути.

– Ако веќе власта во која беше Беса станала режим, како можела досега да биде комотна во „режимот“? Тоа е суштинско прашање за нејзиното однесување односно приклучувањето кон опозицијата. Секој објективен аналитичар на збиднувањата во албанскиот политички блок знае дека по расколот во Беса, крилото на Билал Касами беше пред „замирање“. Но, тогаш се случи таа ненадејна коалиција со СДСМ, која на заедничката листа успеа да протне неколку пратеника, кои како што се гледа и од локалните избори, и беа добра основа за преживување. СДСМ дури и на локалните избори беше коректна и не се вмеша во „битката“ помеѓу поголемиот и порелевантен фактор во нејзината влада, ДУИ и помалиот партнер, Беса, што на некој начин и овозможи на Беса со гласовите на Алијанса на Села да го добие Тетово – вели Даути.

Според него, по овој избрзан чекор да се приклони кон опозицијата ќе резултира со „ситнење“ на нејзиното гласачко тело, а по „одметнувањето“ на пратеникот Кастиот Реџепи, тешко дека гласачите Албанци ќе имаат големо разрбирање за нивниот бег кон опозицијата, каде што е и проблематичната Левица.

– Ако претходно коалицијата со СДСМ  беше добар тактички потез, сегашниот ќе се покаже како принципиелно непримерен и ќе ја стави во голема неизвесност иднината на Беса, зашто на следните избори ќе и треба нова „патерица“ – истакнува Даути.

Аналитичарот Берат Азизи смета дека политичката криза во Северна Македонија по неуспехот на гласањето за доверба на владата уште повеќе се продлабочува и многу е тешко да се предвиди како ќе се реши.

– Позицијата на Беса во моментов во Владата е недефинирана. Не поради коалициските партнери, туку поради самиот став што се очекува оваа партија да го заземе по поддршката на опозицијата. Беса, која на локалните избори беше изненадување во албанскиот табор, ќе ги консолидира своите редови, ќе го продолжи управувањето со Тетово и со Желино. Рано е да се каже каква ќе биде иднината на оваа партија, но мислам дека на крајот ќе се отцепи од партијата на Заев и ќе дејствува како независна секогаш потпирајќи се на моќта што ја стекна по локалните избори – смета Азизи.

Тој претпоставува дека обидите на опозицијата за соборување на власта веќе избледеа, бидејќи 90 дена таа нема право да бара гласање недоверба и тоа ќе доведе до заладување на односите помеѓу опозициските партии.

Членството во ЕУ единствена опција

На состанок на централно претседателство на движењето Беса, што се одржа викендов во Тетово, беше изразено задоволство од локалните избори – победа во Тетово и во Желино со освоени вкупно 26.000 гласа. „Апелираме до актуелната власт на СДСМ-ДУИ итно да престане со притисокот што вршат врз пратениците на Беса. Движењето смета дека членството во ЕУ е единствената опција за иднината на Северна Македонија. Членството во НАТО ја гарантира безбедноста на државата, а партнерство со САД и ЕУ ја обезбедува прозападната иднина на Северна Македонија. Беса ќе го продолжи политичкиот пат за правда и демократија како и борбата против апсолутната власт на ДУИ и во таа насока ќе соработуваме со сите политички субјекти кои делат исти вредности“, се вели во партиското соопштение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот