Дипломатски преговори не може да бидат „риалити шоу“

Фото: facebook

Во разговорите со Бугарија нема напредок, но нема ниту транспарентност за тоа што разговараат двете држави на разните нивоа и канали за комуникација. На 11. состанок на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања не беше постигнат напредок, а ниту усогласувањето на Акцискиот план со Бугарија не оди толку брзо како што неодамна најави министерот за надворешни работи Бујар Османи дека документот е готов 99 отсто.

Викендов за слабиот исход од дводневната онлајн средба на Комисијата информираше само МНР со кусо соопштение, а копретседателите Драган Ѓоргиев и Ангел Иванов не дадоа изјави, што ја зацврсти нивната позиција на затвореност и строго дозирани информации. Од друга страна, предизборната кампања во Бугарија почнува за два дена, па сѐ поизвесно е дека меѓувладината седница на која треба да се усвои Акцискиот план ќе се планира со идната бугарска влада, а дотогаш наместо разговори со смирени емоции се очекува вжештување на политичките изјави.

Според комуникологот Бојан Кордалов отчетноста и транспарентноста се меѓу најголемите придобивки за граѓаните од демократијата, но треба да се внимава.

– Секако е неопходно јавноста и медиумите и во иднина да бидат редовно и целосно информирани за напредокот што мешовитата комисија го прави или не го прави во секој момент. Сепак, колку и да е со најдобра намерата, кој било „реалити шоу“ момент нема да придонесе за катализирање или поголема ефикасност во работата на комисијата, туку само дополнително ќе ги поларизира ставовите помеѓу граѓаните од двете страни на границата. Дури би отишол и чекор понапред со препорака за членовите на оваа, како и за која било друга стручна комисија, помалку лично експонирање во медиумите, а повеќе стручно експонирање на состаноците. Да не заборавиме дека крајните одлуки ќе ги донесат политичките влади на двете земји, па оттука тие мора да преземат и поголема одговорност, секако базирана на стручност и наука која произлегува од ваквите тела – вели Кордалов за „Слободен печат“.

Тој додава дека комуникацијата секогаш, а особено во вакви чувствителни случаи мора да биде базирана на правото, меѓународните искуства и фактите и дека ефекти може да донесе само комуникацијата што е базирана на конзистентност, стручност и базична доверба. Колку повеќе користиме зборови како „отстапки“, „посилни“ и „послаби“ или „поразени“ и „победници“, „забрани“ и „вето“, вели тој, толку повеќе се оддалечуваме од позитивните односи.

Во врска со тоа колку е добро да се држи во тајност содржината на акцискиот план за секторска соработка меѓу Македонија и Бугарија, Кордалов вели дека е позитивно што министерствата соработуваат и што се подготвува каков било план за зајакнување на меѓусебната соработка, особено ако тоа е во делот на економската соработка.

– Потребно е обединување на сите општествени и политички фактори за клучните прашања од национален интерес. Но, за да се постигне тоа, потребно е да се гради доверба меѓу партиите од власта и од опозицијата. Во спротивно, повторно ќе сведочиме на сцени какви што гледавме минатите двапати кога во Македонија имаше т.н. „пржинска“ влада. Крајно време е партиите да постават правила за меѓусебна соработка и дејствување во сферата на меѓународната политика, како и по други важни теми за иднината на земјата – вели Кордалов за „Слободен печат“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ до неодамна бараше да се објави содржината на акцискиот план и да се одржи собраниска расправа за разговорите со Бугарија, обвинувајќи дека власта преговара за македонскиот јазик и идентитет. Владата отпрвин одбиваше, па се согласи да се одржи таква седница, но тоа сѐ уште не се случи затоа што собраниската комисија за надворешни работи не ги доби од МНР бараните документи за да може да се закаже седницата.

Заев: Љубчо Георгиевски зборува во лично име

Мислењето на нашиот коалициски партнер Љубчо Георгиевски е негово лично мислење, а Владата ниту преговарала ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, изјави вчера премиерот Зоран Заев коментирајќи ги предлозите на експремиерот Љубчо Георгиевски за решавање на проблемот со Бугарија. Заев рече дека веднаш разговарал со Георгиевски, при што тој му потврдил дека тоа се негови лични размислувања.

– Тоа не може да биде став ниту на Владата ниту на коалицијата. Ставовите на Владата по тоа прашање се јасни. Не постои никаде во светот, па ниту кај нас да си легнете на 31 декември 1943-та како Бугари и да се разбудите на 1 јануари 1944-та како Македонци. Тоа го нема никаде. Затоа ниту Европа не навлегува во дебатите за историјата. Со Бугарија имаме потпишано Договор во кој прифаќаме заедничка историја меѓу двата народа и двете држави. И тоа е навистина еден сериозен исчекор во духот на пријателството – рече Заев.

Георгиевски викендов напиша дека проблемот со Бугарија може да се реши меѓу другото со признание дека целата македонска преродба се обидувала да создаде заеднички јазик со бугарскиот, нова комисија да го расветли прогонот на македонски граѓани со бугарска свест, без многу детали да се објави дека Гоце Делчев, Глигор Прличев и други историски личности и датуми ќе се слават заеднички итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот