Дијабетичарите го одбија Министерството за здравство: Не разговараме повеќе на стари теми, ќе разговараме кога ќе донесете ленти, игли и глукомери!

Дијабетичарите не се заинтересирани да разговараат со Министерството за здравство додека не се исполнат прекршените ветувања дека ќе добијат ленти за мерење на шеќерот, игли и глукомери, тврди за „Слободен печат“ претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичарите, Диме Велев.

Тој додава дека на вчерашниот состанок со членството се дискутирало за тоа дека револтот од недоставената антидијабетна терапија е голем и нема што да се разговара со Министерството додека не дојдат иглите, глукомерите и лентите за мерење на шеќерот.

Членството, во соработка со адвокатски тим, веќе почнало да пишува и претставки до Министерството за здравство зашто осум месеци е без овие средства за менаџирање на дијабетесот после што ќе следуваат индивидуални или колективни тужби за надоместување на претрпената штета што ја имаат дијабетичарите изминатите осум месеци.

Исто така, ќе бараат да ги добијат сите пропуштени терапии од изминатите осум месеци кои според закон им следуваат, а ако тоа не се оствари, ќе бараат паричен надоместок во истата вредност.

Претседателот на Сојузот на здруженијата на дијабетичарите, Велев, вели дека изминатите осум месеци поради ненавремено склучениот тендер се трошеле стари залихи од иглите и лентите, а кога тие завршиле, дијабетичарите останале на милост и немилост и да стравуваат за својот живот, како и една игла да ја користат по месец дена, поради што им се појавувале модрици и подливи.

Модри сме, наместо една игла да користиме за 4 боцкања, ние ја користиме 4 недели!

Велев додава дека никој не може да им го надомести на луѓето што живеат со шеќерна болест тоа што изминатите осум месеци развиле компликации и други дијагнози благодарение на ненавремениот тендер, лошата распределба на лековите по градови и декларативните, а не суштински промени во постапката.

-На состанокот со членството дискутиравме дека нема што повеќе да разговараме со Министерството за здравство, се додека не ги исполнат ветувањата кои веќе ни ги дадоа. Кога ќе дојдат лентите, глукомерите и иглите и кога на сите ќе ни биде достапна антидијабетната терапија како што треба, а не во Велес наместо 60 кутии лек да се доставени само 17, тогаш ќе разговараме со Министерството. Не ни имаат ниту доставено официјална покана, изјави Велев за „Слободен печат“.

Министерството за здравство им порача на дијабетичарите дека тужбите не се решение на проблемите, а ако сепак, се одлучат да тужат, истите да ги насочат кон поранешното раководство на Министерството, односно ексминистерот Беким Сали.

„Министерството за здравство целосно ги разбира Здруженијата на дијабетичарите со кои е во постојан контакт. Здруженијата на почетокот на идната недела ќе бидат повикани повторно на средба и уште еднаш заеднички ќе се разговара за состојбата и ќе бидат информирани за процедурите кои течат во моментот за набавка на потребната терапија. Тужби не се решение, ниту има потреба од нив затоа што Министерството е партнер на здруженијата, но ако тие веќе решиле да тужат треба да го тужат претходното раководство кое создаде проблеми кои денес Министерството се труди да ги надмине“, рекоа од Министерството за здравство.

Инаку, проблемите на дијабетичарите почнаа пред осум месеци поради тоа што заврши тендерот распишан во 2020 година за ленти за мерење на шеќерот, а нов не беше веднаш распишан.

Новиот тендер кој го опфаќа периодот од јануари 2023 година до декември 2024 година, објавен е дури во април, па дијабетичарите си позајмуваа едни од други од лентите, ги купуваа приватно во аптеките кога ќе ги најдеа, а кога одеа во инсулинските аптеки никогаш не им беше доставувана потребната количина туку помал број на кутии.

Трошокот за менаџирање на дијабетесот наместо Министерството за здравство го презедоа самите пациенти или се снаоѓаа со донации за поризичните болни. Кога лице со дијабетес нема ленти за мерење на шеќерот во крвта, не може да знае каква му е моменталната состојба, ниту колку инсулин да аплицира.

Особено тешко функционираат лицата со дијабетес тип еден доколку немаат ленти. Секој пациент со дијабетес кој што е на инсулин, добива една кутија со осумдесет ленти за мерење на глиокзата, која што треба да му трае два месеци. Со оглед на тоа што трошат две до три ленти дневно, ова воопшто не ги задоволува нивните реални потреби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот