Џонсон можеби греши со стратегијата: Тврдиот став на премиерот ја подгрева шкотската независност?

Фото: EPA-EFE/JESSICA TAYLOR/UK PARLIAMENT HANDOUT MANDATORY CREDIT: UK PARLIAMENT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Откако Џонсон успеа да ги обедини Англичаните околу брегзит, за наредните британски избори би можел да го стори истото со порака до гласачите дека сега го брани Обединетото Кралство.

Во 2014 година граѓаните на Шкотска излегоа на референдум и одлучно ѝ се спротивставија на идејата за независност од Обединетото Кралство на Велика Британија, Јужен Велс и Северна Ирска. Сепак, резултатите од најновите мерења на јавното мислење покажуваат дека Шкотланѓаните како никогаш претходно ја поддржуваат идејата за излегување од Унијата и формирање сопствена држава.

Пред неколку недели беше објавено дека околу 52 до 54 проценти од граѓаните на северната британска покраина се цврсто решени на евентуалниот референдум да гласаат за независност. Тоа е големо поместување на односот на силите во земјата, бидејќи во 2014 година унионистите ги победија сепаратистите со 10 проценти разлика. Но, во меѓувреме во Велика Британија се случи уште еден референдум, кога граѓаните го изгласаа излегувањето на Кралството од Европската Унија. Доколку се анализираат резултатите од вториот референдум, лесно може да се заклучи дека со исклучок на Лондон, во сите други делови на Англија мнозинството граѓани со право на глас го поддржаа брегзит. Интересно е што во другите делови од Обединетото Кралство, гласачите гласаа за проевропската опција, па уште тогаш беше објавено дека Англичаните со сила ги вадат од ЕУ Ирците, Велшаните и Шкотланѓаните. Токму тоа е и главниот адут на првата министерка на Шкотска, Никола Старџон, чија Шкотска националистичка партија се очекува да однесе историска победа на претстојните избори за пратеници во регионалниот парламент.

– Шкотска на сила беше извадена од Европската Унија. Нам ни е потребен заедничкиот пазар, кој е седум пати поголем од британскиот – изјави неодамна Старџон, која се надева дека по евентуалната победа на изборите на 6 мај ќе успее да добие дозвола од Лондон за организирање нов референдум, на кој сепаратистите овој пат имаат големи шанси.

Фото: EPA-EFE/FRASER BREMNER/SCOTTISH DAILY MAIL / POOL

Сепак, брегзит не е единствената причина за незадоволството од состојбите во унијата кај Шкотланѓаните, бидејќи меѓу нив многу мала популарност има политиката предводена од актуелниот британски премиер Борис Џонсон, кој со својот тврд унионистички став околу референдумот по се сѐ чини прави контраефект.

 

Џонсон им дава сила на сепаратистите

 

Велика Британија направи одлична работа со имунизацијата на населението со вакцини против ковид-19 и земјата е на добар пат да се врати во нормала. Но, наместо тоа да му ја олесни позицијата на премиерот, тој влезе во спирала на скандали од кои тешко излегува.

Прво беше објавена неговата наводна изјава дека „попрво би гледал на купче илјадници мртви тела, одошто повторно да ја затвори британската економија“ како одговор на растот на бројката на заразени на почетокот на годината, за да потоа на виделина излезе скандалот за скапото и најверојатно нелегално реновирање на неговата премиерска резиденција. Но, тоа што навистина му дава главоболка на популарниот Бо-Џо се токму изборите во Шкотска, каде што претставниците на неговата Конзервативна партија речиси и да немаат никакви шанси во политичката борба со претставниците на Шкотската национална партија.

Неговиот став околу вториот референдум за независност е недвосмислено искажан, бидејќи тој неколку пати повторил дека нема да дозволи во Шкотска повторно да се испитува волјата на граѓаните. Сепак, доколку на изборите за неколку дена националистите заедно со останатите просепаратистички партии успеат да освојат двотретинско мнозинство во Парламентот во Единбург, тогаш Џонсон тешко дека ќе може да ги игнорира повиците за референдум.

Но, откако тој успеа да ги обедини Англичаните околу брегзит, за наредните британски избори би можел да го стори истото со порака до гласачите дека сега го брани Обединето Кралство.

– Далечен се чини патот до изборите во 2024 година, но без Европската Унија на Џонсон му е потребен нов непријател за да ја активира својата гласачка база. Шкотска е речиси совршена, бидејќи голем број Англичани се уверени дека Шкотланѓаните многу добиваат од заедничката држава и нивните приговори ги сметаат за иритантни – вели Роб Форд, професор по политикологија на Универзитетот во Манчестер.

Тој сепак смета дека ќе биде погрешно доколку премиерот не дозволи распишување нов референдум, бидејќи тоа дополнително ќе ја ескалира ситуацијата и од Шкотска ќе направи непријателска територија.

– Веројатно ова прашање ќе биде важно на наредните избори во Велика Британија. А доколку Шкотската национална партија успее да ги освои поголемиот дел од пратеничките мандати од Шкотска, тогаш нивното присуство во Долниот дом на Парламентот ќе биде тешко да се игнорира – додава професорот.

 

Сепаратистите ветуваат благосостојба

 

Според анкетите, Шкотската национална партија е речиси сигурен победник на изборите за регионалниот парламент, а ќе биде интересно да се види и резултатот на останатите политички субјекти кои во својата програма јасно и недвосмислено ја ставаат намерата да се борат за независноста на земјата. Тоа би значело дека притисокот врз официјален Лондон само ќе се зголеми, а ако и тоа не помогне, Старџон најави дека Владата на Шкотска сама ќе организира провизорен референдум, со кој на светот ќе му биде откриена вистинската волја на шкотскиот народ.

Просепаратистите ја уверуваат јавноста дека Шкотска би можела да биде многу побогата земја, со далеку подобар стандард, доколку ја поврати својата сувереност. Експлоатацијата на природните ресурси од Шкотска наводно би направила богата и социјална земја како Данска или Норвешка, се дел од аргументите кои деновиве можат да се прочитаат по медиумите.

На сепаратистите во прилог им оди и промената на расположението во Брисел. Во пресрет на референдумот во 2014 година од ЕУ недвосмислено беше кажано дека во случај да стекне независност, Шкотска ја чека долг и неизвесен пат кон добивањето на полноправно членство во „европското семејство“. Но, откако Велика Британија ја напушти ЕУ, европските политичари гледаат многу поблагонаклоно кон идејата за шкотската независност.

Во случај Шкотска навистина да на референдум да прогласи независност, тогаш многумина се прашуваат како ќе изгледа раздружувањето со Британија. При напуштањето на ЕУ, од Лондон беше активиран членот 50 од Општиот акт за придружување, но актуелните британски законски договори, со кои е пропишана унијата со Шкотска, се пишувани, договарани и надградувани во текот на изминатите неколку векови, па ќе биде многу тешко да се изнајде правно решение за спогодбата, според која Шкотска би можела да го напушти Кралството и да прогласи сувереност.

Не е тешко да се претпостави дека по изборите во Шкотска, Велика Британија ја очекуваат големи предизвици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот