Деспотовски: Пописот директно влијае врз одлуката на инвеститорите да вложат во нашата земја

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Директорот на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски во видео обраќање порачува дека пописот ќе придонесе земјава посериозно да излезе на картата на странските инвеститори и да се привлечат инвестиции со повисок квалитет. Тој очекува квалитетни податоци од пописот врз база на кои ќе се креираат реални политики и планови.

– Секој потенцијален инвеститор којшто доаѓа во земјава, меѓу првите прашања кои ги поставува е прашањето за структурата на работната сила. И токму затоа пописот апсолутно и директно влијае врз одлуката на инвеститорите да вложат во Северна Македонија, и секако тоа што е многу важно, влијае врз структурата односно на висината на платите што овие компании ги даваат на работниците кои ги ангажираат. Така што, тие податоци кои ги очекуваме од пописот поврзани со работата на ТИРЗ ќе помогнат многу и можам да изразам мое лично очекување, апел и желба да добиеме квалитетни податоци кои ќе ни помогнат да си ја завршиме нашата цел и нашата мисија, а тоа е многу повеќе странски инвеститори, односно многу повеќе и многу подобро платени работни места – вели Деспотовски.

Посочува дека еден од главните столбови на новиот концепт во работењето на ТИРЗ е да се привлечат странски инвестиции со поголем квалитет кои ќе донесат повеќе пари во буџетот, но и подобро платени места.

Дополнително, целта е до 2024 година вработените во компаниите кои се веќе активни во ТИРЗ да добиваат 30-50 проценти поголеми плати. За таа цел, ТИРЗ работи на развој на мерки и програми со кои ќе се поттикне растот на платите преку зголемена продуктивност на трудот и вложување во унапредување на вештините на домашните работници – истакнува Деспотовски.

Долгорочно, додава тој, ова е дел од стратегијата и начин на младите да им се обезбеди перспектива и иднина во земјава и да се спречи процесот на нивно иселување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот