Дескоска во Виена на конференција за едукација за владеењето на правото

Фото: МИА

Министерката за правда Рената Дескоска денеска во Виена учествува на конференција насловена „Едукација за владеење на правото: Инспирирајте. Направете промена. Заедно”, која се одржува во организација на „Иницијативата за Едукација за правда” во рамки на глобалната програма на Обединетите нации за борба против наркотици и криминал (УНОДЦ).

Како што соопшти Министерството за правда, на конференцијата на која учествуваат министри за правда и за образование, во фокус на дискусијата е Декларацијата од Доха, која претставува првиот документ усвоен од земјите-членки на Обединетите нации што конкретно ги поврзува образованието и спречувањето на криминалот, кривичната правда и другите аспекти на владеењето на правото.

Целта на настанот е да и се овозможи на меѓународната заедница да разговара за начините и средствата за промовирање на образованието за владеење на правото.

Севкупно, целта е преку образование за владеење на правото да се оспособи следната генерација да стане глобално општествено одговорен актер со здрав морален и етички компас – подготвени граѓани да се справат со светските предизвици поврзани со владеењето на правото.

За време на кратката посета на Виена, како што информираат од Министерството за правда, министерката Дескоска оствари и средба со извршниот директор на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против наркотици и криминал (УНОДЦ) Јури Федотов, со кој разговараше за реформите кои ги преземаме за борба против организираниот криминал и корупција. На средбата Дескоска се заблагодари за досегашната соработка со Канцеларијата на ОН за борба против наркотици и криминал со нашата земја и за можностите за понатамошна соработка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот