Дерала: Иако има пријави за нерегуларности во целина до 14 часот имаме мирен изборен ден

Џабир Дерала
Џабир Дерала / Фото: Скриншот, ЦИВИЛ медиа

Партиски набљудувачи од две партии се степале на избирачкото место 1583 во Радовиш, информира невладината Цивил, која овие избори ги набљудува со 300 свои набљудувачи.

– Нашиот мониторинг на локалните избори бележи и еден физички инцидент во Радовиш на избирачко место 1583. Членовите на две политички партии се обиделе да се пресметаат физички внатре во избирачкото место. По барање на претседателката на Избирачкиот одбор, интервенирала полиција и направен е записник. Двајцата партиски набљудувачи сè уште се на избирачкото место, информира Џабир Дерала од ЦИВИЛ, кој додаде дека во ходникот на тоа избирачко место имало многу граѓани кои не ги почитувале мерките за заштита против Ковид-19.

Освен овие забелешки, во близина на истото избирачкото место, како што рече на прес-конференција, имало и агитација и кршење на изборниот молк.

– Исто така, се бележи и агитација, кршење на изборниот молк, како и организирано носење на гласачи, но и закани кон гласачите, во повеќе места во државата. Во Карбинци се бележи еден таков случај. Во село Кучица во општина Карбинци се бележи случај на закани кон жителите од еден припадник на една политичка партија. Во Крива Паланка, во близина на ИМ 0947 се забележува групирање на припадници на една политичка партија, кои со автомобили спроведуваат одредени активности, за кои не може да се каже дека се поткуп, но групирањето наликува на агитација, односно на кршење на изборниот молк, вели Дерала.

Извештаите содржат имиња и политички партии, но поради изборниот молк, ЦИВИЛ ќе ги соопшти по 19 часот.

Од 7 до 14 часот, од ЦИВИЛ се забележани околу 1000 случаи, кои опфаќаа најмалку по две избирачки места.

– Имаме голема покриеност на изборниот процес. Иако има пријавено случаи, гледано во целина може да се каже дека до 14 часот имаме мирен изборен ден. Пријавените случаи се однесуваат најмногу на „фингерпринт” апаратите и неколку други видови нерегуларности или проблеми, вели Дерала.

Тој информира дека ЦИВИЛ бележи и случаи на надминување на овластувањата на партиските набљудувачи.

– Такви случаи бележиме во Аеродром, во ИМ 2707, каде партиски набљудувач се однесувал како да е член на Избирачкиот одбор. На гласачите им помагал со гласачките ливчиња и слично. Од ИО не реагирале на тоа. Слична ситуација се бележи и во Василево, во ИМ 1801. Во Куманово во ИМ 1046, партиски набљудувач му помагал на Избирачкиот одбор во работата и за цело време помагал и кај кутиите, а потоа ИО му дозволувал да помогне и при запишување во дневник на лица кои гласале со спреј наместо со „фингер” апарати, вели Дерала.

Набљудувачите на ЦИВИЛ забележале на ИМ 2696 во Аеродром, при гласање на старо и изнемоштено лице, член на ИО да му помага да гласа без да ги прочита на глас опциите и не можеле да знаат дали агитира да се гласа за некого, наместо да дозволат да лицето да му помогне гласачот кој е следен. За истото избирачко место, гласачите реагирале дека процесот е спор, дека се одвива бавно.

– Гласачите реагирале дека ќе си одат и нема повторно да се вратат. Ние како организација го поддржуваме правото на глас и апелираме на трпеливост и им се заблагодаруваме за големата доверба која ја укажуваат кон нашите набљудувачи, истакна Дерала.

Тој, меѓу другото, соопшти дека партиски набљудувач во ИМ 849 во Кочани ги бележел гласачите на посебен лист со броеви.

– Мониторингот на ЦИВИЛ бележи и еден случај на неовластено присуство на ИМ 0947/1 во Крива Паланка на лице кое не е акредитирано. Нарушување на тајноста на гласањето е забележано во неколку случаи, особено во претходните часови, од 11 до 14 часот, и тоа во Кисела Вода во ИМ 2750. Гласачка го оставила отворено ливчето пред гласачите кутии. Во Куманово во ИМ 1023, не било дозволено гласање на лице кое го немало на списокот а имало лична карта. Кисела Вода бележи повеќе случаи и тоа избирачките места: 2669, 2671, 2739 и 2740 каде што е забележано гласање со отворени ливчиња, исто така, регистрирано е и дека параваните се многу блиску и едниот гласач може да види како гласал другиот, информира Дерала.

На овие избирачки места, набљудувачите на ЦИВИЛ забележале турканица, односно голем број луѓе кои чекаат да гласаат, но сето минало без инцидент.

– Во Прилеп во ИМ 1363 задниот дел на параваните е насочен кон прозорците, така што однадвор можат да видат за кого гласаат гласачите. Во ИМ 2740 во Кисела Вода, на гласач додека гласал му стигнала порака, но не е утврдено дека тој го фотографирал гласачкото ливче. Но, бил со телефонот в раце додека гласал, вели Дерала.

Повреда на избирачко право има во повеќе случаи. Лица кои имале уредни документи а ги немало во избирачкиот список се забележани од ЦИВИЛ во Штип и Прилеп.

Мониторингот на ЦИВИЛ забележал и повреда на ковид-протоколите и мерките за заштита.

 

 

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот