Дел од македонските трговски марки го преживеаја приватизациското „цунами“

прашок гонг
Производите „сјај“, „билјана“, „гонг“ и „лира“ се само дел од оние што поради својот квалитет и доверба што ја имале кај потрошувачите, и покрај долгото отсуство, сѐ уште се ненадминлив синоним, Фото: Рис-Хем

Малку компании водеа сметка за овие права, но дел од нив иако беа продадени за симболични суми, и ден-денес опстојуваат на македонскиот пазар, велат од ДЗИС за „Слободен печат“

Малкумина се сеќаваат, а уште помалку македонски семејства поседуваат ќебиња на „Отекс“, мебел од „Треска“ или некое парче облека од поранешната конфекција „Астибо“. Сепак, голем дел од македонските трговски марки го преживеаја „цунамито“ на приватизацијата и продолжија еднакво добро да се носат со преголемата конкуренција на пазарот. Причината што дел од нив згаснаа, најчесто се сведува на нивната нерентабилност, губењето на пазарите, но имаше и такви што се стопија низ долготрајните стечајни постапки, а заинтересираноста за нив се сведе на нула. Според истражувањата, во триесетте години независност, најмногу од својата вредност загубиле поранешните македонски текстилни, хемиски и чевларски фирми. „Слободен печат“ се обиде да дознае што станува со брендовите што биле во сопственост на компанија што заминала во стечај и дали нивниот век се продолжил откако биле купени од друга компанија?

– За жал, по раздвојувањето на Македонија од Југославија, многу компании што имаа свои трговски марки и што беа познати не само на пазарите во поранешна Југославија туку и пошироко, пропаднаа, а со тоа пропаднаа и нивните трговски марки. Многу од нив отидоа во стечај, а овие права не влегоа во стечајната маса. Со прогласување ликвидација на компанијата, пропаднаа и нивните трговски марки – објаснуваат за Слободен печат“, експертите од Државниот завод за заштита на индустриската сопственост .

Од ДЗИС додаваат и дека малку компании воделе сметка за овие права, но дел од нив  иако биле продадени за симболични суми, и ден-денес опстојуваат на македонскиот пазар.

– Таков беше случајот со весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“. Овие трговски марки пред ликвидација на компанијата беа дел од стечајната маса и беа продадени, односно сопственоста беше пренесена на друг носител, а со тоа опстанаа на пазарот. Таков е примерот и со трговските марки на „Охис“ какви што се „гонг“, „лира“, „билјана“ и други – велат од ДЗИС.

Од мај 2020 година, компанијата „Рис Хем“ од Скопје е корисник на правата од индустриска сопственост, но ја има и честа за производство и враќање на пазарот на едни од најголемите брендови меѓу македонските детергенти и средства за одржување, изјави за „Слободен печат“, Николче Спировски од „Рис Хем“.

– Производите „сјај“, „билјана“, „гонг“ и „лира“ се само дел од оние што поради својот квалитет и доверба што ја имале кај потрошувачите, и покрај долгото отсуство, сѐ уште се ненадминлив синоним. Ја презедовме и одговорноста не само да ги направиме повторно достапни, туку и да ги осовремениме со подобрени формули, еколошки суровини и модерни пакувања. Нашата цел е овие производи според својот квалитет да бидат рамо до рамо со светски познатите брендови од својата област – додава Спировски.

Од компанијата велат дека идејата за ревитализирање на некогашните охисови производи постоела уште од самиот почеток на нивното работење во 2017 година.

– Додека „Охис“ беше во стечај, немаше услови за реализација на овој проект, но откако фирмата „Хемиски инженеринг“ Скопје го купи „Охис“ АД во стечај, се создадоа услови старите и квалитетни производи да добијат нов живот. Со купувањето на „Охис“ АД во стечај, купувачот ги стекна и правата од индустриска сопственост на сите нивни брендови, кои за целото времетраење на стечајот, педантно биле заштитувани во ДЗИС. Ние пред новиот сопственик ја образложивме идејата и побаравме да се обидеме партнерски да ги вратиме овие производи на пазарот. На наше огромно задоволство сопственикот се согласи и така се започна. Формално правно, „Хемиски инженеринг“ е сопственик на брендовите, а правото на користење ни е пренесено нам со договор, во согласност со Законот за индустриска сопственост. Така, може да се каже дека двете фирми како деловни партнери, сме заслужни за давањето нов живот на охисовите производи -информира Спировски.

Најскапите светски брендови вредат милијарди долари

„Амазон“, „Епл“, „Гугл“, „Микрософт“, „Тенцент“, „Алибаба“ и други се меѓу највредните светски брендови, проценети на милијарди долари, а на Балканот се „Вегета“, „Аргета“, објавуваат странските медиуми.

– Заштитните марки го отелотворуваат признавањето на потрошувачите и добрата волја и можат да бидат извонредно вредни средства, и во апсолутна смисла и како дел од вкупната вредност на компанијата. Вреднувањето на трговските марки е процес што се користи за да се одреди колку вреди посебна трговска марка на компанијата. Колку повеќе трговски марки поседува една компанија, толку таа е побогата – потврдуваат од ДЗИС.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот