Децата во улога на пратеници- тие говореа, а пратениците слушаа што најмногу ги засега младите

Фото: Собрание на РСМ

По повод 20 ноември – Светскиот ден на детето, во Големата купола на Собранието, децата денеска ја преземаа улогата на пратениците и говореа на теми што тие ги избраа како најважни. Меѓу нив беа прашањето за квалитетно образование за сите деца, учество во донесување одлуки што го засегаат нивниот живот и состојбата со менталното здравје, како и поголема вклученост на децата и младите во креирањето политики.

Оваа идеја УНИЦЕФ се покажа како одлична бидејќи пратениците имаа можност првпат да го слушнат гласот на младите и што ним им е потребно. На почетокот на седницата се обратија претседателот на Собранието, Талат Џафери и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани.

Вие сте идните граѓани на оваа земја и оваа денешна пленарна седница е можност за ваше информирање за тоа која е улогата на законодавниот дом, која е моќта на законите кои се гласаат тука и колку е важна надзорната улога што ја имаат избраните пратеници врз извршната власт, односно министрите кои ги ставаат во живот пишаните законски одредби. Затоа е одлична идејата да можете тука од говорница да ги искажете потребите, грижите и решенијата кои вас како деца и млади ве засегаат и ги чувствувате најдиректно врз вас и вашиот живот. Пред да го изразите вашиот немир, сакам да ве уверам дека ниту ние возрасните не сме имуни на промените низ кои поминувате и вие како деца, заедно со сите нас во ова време на променети услови за живот, учење, растење, во ова време на сериозни закани за жал и по безбедноста на животот на децата – порача Џафери.

Потоа, младите во улога на пратеници ја започнаа седницата „Децата го преземаат собранието“, а на дневен ред имаше три точки, Информација за состојбите во образованието; Информација за состојбата со менталното здравје на децата и младите и Информација за учеството на децата и младите во креирањето политики.

Фото: Собрание на РСМ

Во делот на состојбите во образованието, децата-пратеници заклучија дека зголемувањето на финансиската поддршка во образованието е неопходна, ова вклучува инвестиции во инфраструктурата, обучување на наставници и обезбедување на модерни учебни средства.

Младите побараа да постои адаптирање на образовниот систем за поддршка на различните стилови на учење, согласно потребите на учениците како и овозможување на критичко размислување и креативност во наставата.

Децата пратеници сметаат дека е потребно да има инклузивно образование, притоа секој ученик и оние со попреченост да имаат право и пристап до квалитетно образование.

Покрај овие барања, децата пратеници порачаа дека е потребно да се стави акцент на формалното образование во воспитно-поправните домови, со цел да им се помогне на децата во поправните домови полесно да се ресоцијализираат.

Како најважно, тие порачаа дека е потребно на децата да им биде овозможено да учествуваат и да бидат дел од образовниот систем во кој ќе бидат сослушани и разбрани нивните индивидуални интереси, а со тоа и да се развие нивното критичко размислување.

Фото: Собрание на РСМ

За младите менталното здравје не е табу-тема, тие знаат дека проблемите со психичкото здравје се реални и дека се потребни итни мерки што ќе им помогнат полесно да се справат со нив. Тие посочија дека се залагаат да ја срушат стигмата и имајќи ги предвид сите предизвици со кои младите се соочуваат, грижата за менталното здравје не смее да биде запоставена.

Тие заклучија дека е потребно поголемо промовирање и информирање во рамки на училиштата и на самите родители за менталното здравје, со фокус на зголемување на општествената свест, како и педагошко унапредување на наставниците и ангажирање повеќе стручни лица во училиштата. Задолжително да се воведат часови за ментално здравје во наставната програма и линија за поддршка на деца и млади која ќе биде достапна 24/7, за зголемување на дигиталната безбедност и поддршка на менталната благосостојба на децата и младите. Покрај овие заклучоци, беше посочено и дека младите треба да имаат матичен психолог.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири порача дека секоја наредна стратегија за младите ќе биде полесна за имплементација доколку ја подготват заедно.

„Треба да го слушаме гласот на учениците, без тој глас не можеме да реализираме ниту една стратегија“, истакна Шаќири.

Фото: Собрание на РСМ

Младите најчесто страдаат од менталитетот „Старите најдобро знаат“, па затоа и одбиваат да бидат вклучени во донесување политики. Тие истакнаа дека разочараноста на младите од моменталниот политички систем е голема, па затоа на пратениците им порачаа да се смени законот преку кој секоја образовна институција ќе биде обврзана да ги претстави, целосно да се имплементира законот за учество на младински политики кое ќе креира приоритети за застапување на младите.

Пратеничката Марија Петрушевска информираше како Клуб на млади пратеници што ги обединува сите млади пратеници во Собранието започнале два значајни процеси што се во тек.

Имено, веќе имаме нацрт стратегија за ментално здравје, каде што многу претставници на младинските организации дадоа свој придонес. Има уште многу работа на оваа нацрт-верзија, а овие предлози што денес ги изнесовте ќе ги земеме предвид – додаде Петрушевска.

Децата пратеници побараа да се измени Законот за младинско учество и младински политики со кој секоја образовна институција ќе биде обврзана да ги претстави сите начини на младинско организирање. Побараа целосно да се имплементира Законот за младинско учество и младински политики, со што ќе се формира национално собрание за млади.

Во заклучоците за политичка вклученост на младите беше посочено да се формира поригорозна временска рамка за имплементација на Законот, во спротивно да се санкционираат телата што нема да ги почитуваат. Тие побараа поголем процент од БДП за проекти насочени за младите и младинското учество, на национално, а особено на локално ниво, како и да има младинска квота во законодавниот дом, бидејќи, како што порачаа, тие најдобро си ги знаат своите потреби и најдобро ќе го претстават својот глас и барања.

Целта на настанот, како што посочија од УНИЦЕФ беше да им се даде простор на младите да ги споделат своите гледишта, а пратениците одблизу да слушнат за напредокот поврзан со нивните права.

Оваа година земјава одбележува 30 години од ратификувањето на Конвенцијата за правата на децата и 30 години од работата на УНИЦЕФ.

За датум на Светскиот ден на детето е избран 20 ноември кога е годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на децата. Се одбележува како ден за акција од децата за децата на глобално ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот