Дали знаете што е секундарен стрес и како да го препознаете?

Фото: Пиксабеј

Сочувството со другите луѓе или емпатијата може да доведе до одредени последици по здравјето, а меѓу другото и до таканаречен секундарен стрес.

Како што објаснуваат експертите, тоа е психолошка состојба која се карактеризира со непријатно чувство или тага. За разлика од класичниот стрес, секундарниот стрес се јавува како реакција на трауматски настан што го доживеала друга личност, пишува „Јаху лајф“ (Yahoo Life).

Како што нагласуваат, човечка реакција е впивањето на туѓите емоции при тешки ситуации, но тоа може да доведе до проблеми како секундарен стрес.

„На фундаментално ниво, ние сме социјални суштества. Ги собираме знаците на другите луѓе“, објаснува Тим Боно, предавач по психологија и наука за мозокот на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис.

Тој додава дека ако многу луѓе околу нас реагираат на некој настан со тага или страв, ние го забележуваме тоа и склони сме кон усвојување на таквото однесување.

Кога станува збор за туѓиот стрес, тој може да поприми екстремна форма, кој многумина го нарекуваат стрес од втора рака, односно секундарен стрес. Според психолозите, секундарниот стрес не е официјален клинички термин. Наместо тоа, тој бележи други феномени кои се добро документирани во бихејвиоралните науки.

„Мислам дека спаѓа во доменот на менталното здравје и начинот на кој реагираме кога ќе видиме друга личност во неволја. Нешто како емпатија или емпатична загриженост поради друга личност“, објаснува Боно.

Конкретно, секундарниот стрес е всушност резултат на исцрпеност од преземање на страдањата на другите или помагањето да се справат со него. Со ова се согласува и Алишја Браун, психотерапевтка, која додава дека секундарниот стрес може да се појави кога стануваме преоптоварени упорно обидувајќи се да поддржиме некого или на кој било начин да му помогнеме.

Кои се знаците на секундарен стрес?

Како што објаснуваат експертите, постојат неколку показатeли кои откриваат дека можеби доживувате секундарен стрес. Тоа се прекумерно внимание кон другите, повлекување во себе, тешкотии во комуникацијата, осаменост, анксиозност, депресија и несоница.

Исто така, кој било од овие симптоми не мора да значи дека поминувате низ секундарен стрес, па затоа е потребно да се следи дали се појавуваат повеќе слични знаци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот