Дали ќе му се скратат привилегиите на Трамп како поранешен претседател?

Фото: EPA-EFE/Chris Kleponis / POOL

Постапката за судење на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за поттикнување напад врз зградата на Капитол, седиште на американскиот Конгрес на 6 јануари предизвика низа анализи за можноста за губење на некои привилегии посебни за поранешните претседатели. Но, правните експерти велат дека Трамп ќе ги задржи привилегиите како што се пензија, приватна канцеларија и телохранител според важечките закони. Заслугата за тоа му припаѓа на релативно нејасен закон, односно на Законот за поранешни претседатели, донесен во 1958 година, што обезбедува доживотни бенифиции на поранешните претседатели. Тие поволности вклучуваат соодветен канцелариски простор и заштита од Тајната служба и околу 100.000 долари годишно за покривање на трошоците за вработените, како и пензија што во моментов изнесува околу 220.000 долари годишно. Тој закон беше донесен за да се обезбеди финансиска помош на поранешниот претседател Хари Труман, кој ја напушти функцијата во 1953 година и се соочи со долгови за влегување во неуспешни деловни потфати што датираат од периодот пред да ја преземе функцијата.

Што се однесува до Трамп, годишната вредност на тие придобивки веројатно ќе надмине милион американски долари. Извештајот на Националната фондација за даночни обврзници, надзорно тело кое ги следи трошоците на владата, покажува дека годишно се трошат околу четири милиони американски долари пари од даночни обврзници за да се обезбедат бенефиции за четворица живи поранешни претседатели.

Во извештајот се наведува дека највредната придобивка е канцеларискиот простор. Според извештајот, поранешните претседатели Бил Клинтон, Џорџ В. Буш и Барак Обама добиле повеќе од 500.000 американски долари пари од даночни обврзници за да ја покријат канцелариската кирија во 2020 година.

– Да, тие може да ги загубат бенифициите, но само ако претседателот биде сменет додека е на функција, а отповикувањето на претседателот во Претставничкиот дом не влијае на тие привилегии – вели Брајан Калт, професор по право на Универзитетот во Мичиген.

Голем број конгресмени и јавни личности побараа Трамп да биде отстранет од претседателската функција за време на неговите последни денови во Белата куќа, но тој ја избегна таа судбина, па бенефициите остануваат.

Некои противници велат дека Законот за поранешни претседатели претставува непотребен финансиски товар, тврдејќи дека претседателите во денешно време имаат добри можности да остварат приход и не им е потребна државна помош по напуштањето на власта.

Во 2016 година, републиканците во Конгресот воведоа закон со кој се воведуваат ограничувања на буџетите на поранешните претседатели. Обама, кој тогаш го завршуваше својот втор претседателски мандат, го искористи своето право на вето и го запре законот. Обама рече дека се согласува со ставот дека е потребна реформа, но дека законот во форма во кој е изработен ќе наметне „тешки и неразумни товари” на канцелариите на поранешните претседатели.

Калт вели дека доколку Конгресот го реформира Законот за поранешни претседатели, тоа треба да го стори на начин што не да го издвојува само Трамп. Тој додава дека ваквиот потег може да се смета за незаконска дисквалификација или законодавен акт со кој се осудува одредена личност.

Калт додава дека законот му дозволува на Трамп да избере каде ќе се наоѓа неговата канцеларија. Доколку Трамп одлучи да формира канцеларија на неговиот имот, даночните обврзници всушност ќе му платат на Трамп да го изнајми имотот што веќе го поседува.

Дирекцијата за општи услуги, федерална владина агенција, ќе биде задолжена за опремување на канцеларијата со соодветен мебел.

Трамп го напушти Вашингтон и се упати кон своето одморалиште Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, утрото на 20 јануари, неколку часа пред инаугурацијата на претседателот Џо Бајден.

Во изјавата на 25 јануари, Трамп најави дека ќе отвори своја канцеларија како поранешен претседател во неговата одморалиште, а неговите соработници ќе работат од посебна зграда во одморалиштето.

Меѓу демократите има се поголеми напори да му се ускрати на Трамп една од привилегиите на поранешните претседатели во модерната ера: пристап до разузнавачки извештаи и доверливи информации.

Адам Шиф, шеф на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, во интервју за Си-Би-Ес изјави: „Нема околности во кои овој претседател треба да добие уште еден извештај на разузнавачките служби. Мислам дека не може да му се довери”.

За разлика од другите придобивки, оваа привилегија е вкоренета во обичајот, а не во законот. Претседателот Бајден може еднострано да одлучи да му ги ускрати на Трамп тие извештаи.

Портпаролот на Белата куќа, Џен Псаки, минатта недела им изјави на новинарите дека Бајден ќе се консултира со експерти за разузнавање за таа опција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот