Дали Данела му ја испеа „лебедовата песна“ на Мицкоски?

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Суетата, надменоста и самобендисаноста на лидерот на опозицијата, неговиот одмаздољубив карактер ќе направи сè за да ѝ се реваншира на скопската прва функционерка, бидејќи таа во своите јавни изјави веќе и отворено наспомна за криминал од страна на еден од најблиските луѓе на Мицкоски, кој му беше и шеф на кабинетот своевремено.

Најтрагично од сè е, ако сте незадоволни од актуелната власт, разочарани од ветувањата што ги дале предизборно, за што сте им го пренеле својот легитимитет на денот на избори, а не ги исполниле, е тоа да немате алтернатива во опозицијата. Токму такво нешто се случува на македонската политичка сцена денес. По повеќе од пет години од доаѓањето на левицата на власт кај нас, од децениското опозициско дејствување, СДСМ дојде на бранот на масовните граѓански и натпартиски протести, организирани од т.н. „Шарена револуција“, која најверојатно ја имаше клучната улога за падот на режимската власт на неприкосновениот премиер Никола Груевски, сега веќе азилант на бреговите на реката Дунав. Уште тогаш велев дека оваа политичка партија нема право на грешка, бидејќи со реминисценциите од нејзиното владеење во мачните деведесетти, кај голем дел од македонскиот народ и не е баш омилена партија за власт.

Но, токму тоа и се случи: по референдумската поддршка за СДСМ на локалните избори во 2017 година, изборот за претседател од нивните редови, партијата што дојде на власт по крвавиот четврток од 27 април, како еден настан што беше најсрамниот, најтрагичниот и најужасниот во кратката македонска парламентарна повеќепартиска демократија, падот прудолу почна со очигледните корупциски и непотистички скандали, со пропаста на СЈО, лошите кадровски и менаџерски грешки во управувањето на поранешниот премиер Заев, болниот компромис со Грците и со решавањето на тридеценискиот спор околу уставното име со јужниот сосед, Договорот со Бугарија и ред други немушти политики што го стопија рејтингот на социјалдемократите.

На предвремените парламентарни избори во 2020 година, актуелната владејачка партија „за влакно“ успеа да се спаси и само предизборната коалиција со БЕСА (сегашна најсериозна етничко албанска опозициска партија кај нас), ја задржа СДСМ на власт. Сепак, пропаста и потонувањето на политичкиот брод се случи на минатогодишните локални избори, кои власта катастрофално ги загуби, освојувајќи помалку од дваесетина општини од кои поголеми се градот Струмица и Општина Центар.

Каде згреши Христијан Мицкоски?

За разлика од нив, логично, опозицијата предводена од Христијан Мицкоски убедливо победи насекаде, и покрај тоа што освои помалку гласови од парламентарните избори. И кога сите помислија дека даскалот од Машинскиот  факултет во Скопје, надојден како Вардар набргу ќе дојде на власт, преку ново парламентарно мнозинство или преку брзи предвремени избори, во последните неколку месеци гледаме како сè повеќе се осипува и се ситни опозицискиот фронт. Најпрво лидерот на ГРОМ и актуелен градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, кој политички „се врати од мртвите“ на последните локални избори и успеа да се рефакторизира како сериозен играч на македонската политичка сцена, му го заврти грбот и ја напушти коалицијата со Христијан Мицкоски. Како што нагласи во своето излагање до медиумите, „поради игнорантскиот, надмен, некоректен и нечесен“ однос од еден коалициски партнер. За волја на вистината, во изминатите повеќе од девет години Јакимовски беше еден од најлојалните коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ, и кога партијата беше на власт и кога падна во длабока опозиција. Што значи дека Мицкоски како лидер на опозицијата наместо да го окрупни опозицискиот фронт со повеќе политички партии и со интересни групи и да направи поширок опозициски фронт, тој со своето поведение и заткулисните подземни политички игри дозволи да изгуби политички габарит и тешкаш од типот на Стевчо Јакимовски.

Сепак, најголемиот удар на политичкото его и кредо на лидерот на опозицијата дојде деновиве од градоначалничката на Градот Скопје, која во една скандалозна блиц-криг политичка акција го разреши доскорешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, обвинувајќи го за нетранспарентност во тендерската постапка за изградба на пречистителната станица вредна 136 милиони евра, пари обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Во пресметката помеѓу Данела и Христијан настрадаа и другите директори на јавните претпријатија под капата на Град Скопје, воедно и секретарот на оваа локална самоуправа. Ова крешчендо ќе предизвика сериозни тектонски и политички поместувања на македонската политичка сцена бидејќи од тука, па натаму ќе имаме два сериозни опозициски фронта, кои ќе се борат за превласт во десниот спектар. Суетата, надменоста и самобендисаноста на лидерот на опозицијата, неговиот одмаздољубив карактер ќе направи сè за да ѝ се реваншира на скопската прва функционерка, бидејќи таа во своите јавни изјави веќе и отворено наспомна за криминал од страна на еден од најблиските луѓе на Мицкоски, кој му беше и шеф на кабинетот своевремено.

За тоа надлежните судски инстанции треба да се произнесат, ако сè уште имаме држава, особено таква што претендира да стане полноправна членка на Европската Унија. Значи, замешателство од политички центри на моќ во разврската за евентуален сторен или индициран криминал околу тендерот за пречистителната станица не смее и не треба да има. Мене лично, ако ме прашате, целата оваа перипетија и кулминација во десниот дел од политичката сцена, наречен уште и како „судир во десницата“, фронталното спротивставување на сериозни политички играчи, партии и градоначалници на ликот и делото на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој повеќе делува како политички тумор, одошто како политичка надеж за промени на македонската политичка сцена, е директна пресметка на поранешниот боготворен лидер на оваа партија, денеска страшливец, бегалка-азилант во Будимпешта со неговиот наследник што тој директно го октроираше на валандовскиот конгрес. Никола Груевски никогаш, па ни па сега, немал политичка храброст, немал доблест, немал политичка машкост да се спротивстави, туку секогаш тоа го водел преку подземни политички византиски игри. Не сакам да верувам и да помислам дека фронтот создаден против „министерот на опозицијата“, групиран околу Данела Арсовска, медиумската групација Инфомакс, лидерот на ГРОМ и градоначалник на Карпош, новата директорка на „Комунална хигиена“, (не)свесно се маша во политичките раце на Груевски за негова финална пресметка со смешното и карикатурално алтер его на Бранко Црвенковски, лицето Х.М., бидејќи на крајот на денот можат и политички да изгорат. Повеќе сакам да верувам, дека сите овие кои се одважија и се охрабрија да му се спротивстават на лидерот на опозицијата, го прават тоа бидејќи во него не веруваат, односно не веруваат дека може како фронтмен да ги донесе на централна власт.

Дали Данела ќе направи своја партија?!

На македонската политичка сцена во изминативе три децении сме  гледале и сме доживеале многу политички судири, отцепувања на габаритни политичари од своите матични партии, формирање нови политички субјекти и прегрупирања во политичките композиции, но ваков директен, брутален, без ракавици судир помеѓу лидер на една од двете најголеми политички партии со својот актуелен и избран од своите гласачи и симпатизери градоначалник на главниот град, досега не сме биле сведоци. Не сакам да прејудицирам дали во заднината на ова „вадење на очите“ помеѓу  Арсовска и Мицкоски се само пустата желба и нахалност за корумпирање на милионскиот тендер во евра, како што се обвинуваат помеѓу себе во медиумите, но е доказ дека од сега па натаму ќе имаме интересен развој и уште поинтересни разврски на македонската политичка сцена.

Доколку Данела сака да го продолжи својот политички живот или опстанок, а не да заврши на политичкото буниште на историјата по завршување на својот градоначалнички мандат, таа под итно мора да формира свој политички субјект или политички да се факторизира и да се позиционира што планира да прави за наредните парламентарни и локални избори. Времето безмилосно тече и ги прегазува сите што го пропуштаат, односно не го користат вистинскиот политички момент за да се изградат и да се наметнат како најсериозни политички играчи за во иднина.

(Авторот е аналитичар)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот