Дај му пари за книга и ќе се врати со бургер

Силвија Митевска

Социјалната штета е веќе направена. И сè додека не изнајдеме начин за колективна промена на менталитетот и создавање на нови навики, ќе живееме во суровата реалност каде што моето дете ( нашите деца) џепарлакот за книга драго ќе го трампаат за бургер.

Како и секоја година, и оваа година му се израдував на меѓународниот Саем на книга. Иако меѓународен, сепак најомилена ми е домашната книжевност и новата генерација македонски автори. И покрај неадекватниот простор, напиканите штандови, турканицата и задушливиот воздух, успевам да стигнам до посакуваните книги и да си ги втурнам во торба.

Но, уште поголема радост ми донесе мојот син Данте, кога ми соопшти дека училиштето односно неговото одделение ќе имаат организирана посета на Саемот. Наместо последните часови од утрешниот ден, учениците ќе бидат на Саем.

Велам, одлично сине, браво за иницијативата на училиштето. И навистина, за секоја пофалба е. Ја погледнувам програмата на Саемот и дополнително го информирам дека во времето на нивната посета ќе можат да присуствуваат и на промоција на неколку нови книги. Му давам аманет да ми ги поздрави писателите и да не биде срамежлив туку да побара автограм. Му давам и пари за превоз, влезница и секако книга и по негов избор.

Продолжуваме со тековните обврски, секој на своја страна, денот привршува и повторно сме заедно во домот. Љубопитно ја разгледувам детската соба, барајќи нови наслови, нови книги. Ме интересира неговиот избор, што му привлекло внимание, што од целата понуда на Саемот му оставило најголем впечаток. Тајно се надевам дека можеби одбрал книга од авторите за кои многупати ме има чуено како ги пофалувам нивните дела. Автори со одлични детски книги.

Но, во собата нема ниту една нова книга. Можеби сè уште му се во ранец, помислувам.  Помалку зачудено му приоѓам и го прашувам како помина на Саемот и кои книги си ги одбрал за читање. Подај ми ги да ги видам, му велам додека седнувам до него.

Немам нови книги, ноншалантно ми одговара. Се прошетавме на Саемот, ги поминавме штандовите и отидовме со другарите да јадеме. Немаше ништо интересно, а и бевме многу гладни. Наместо книга отидовме на бургери.

Во неверување, го прашувам а останатите другарчиња од одделение исто постапија? Повеќето, ми вели. Некои деца одбраа книга, но тие се ретки- станува од каучот демек веќе му здосадува нашиот разговор.

Занемена, го набљудувам како се оддалечува кон својата соба. Полека но сигурно се оддалечува и од вируозниот книжевен свет, од осознавање на автентичното раскажување на нашите автори, од привлечната литература и несомнено од книжевните истражувања што играат значајна улога при креирањето на силен креативен дух и еманципирана млада генерација. Генерација што ќе расте во свет каде што културата го ужива заслуженото внимание и вреднување.

Социјалната штета е веќе направена. И сè додека не изнајдеме начин за колективна промена на менталитетот и создавање нови навики, ќе живееме во суровата реалност каде што моето дете (нашите деца) џепарлакот за книга драго ќе го трампаат за бургер.

(Авторката е активистка и експертка по спортска дипломатија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот