Чулев најтешко го доживувал моментот кога одредени колеги од Владата и од МВР ја злоупотребувале полицијата за остварување на „одредени политички цели“

Граѓаните се одговорни и генерално ги почитуваа одлуките на Владата поврзани со спречување на заразата од КОВИД-19 и речиси 70 дена, од 22 март, во различни периоди од денот остануваа во своите домови. Полициските службеници професионално, одговорно и пожртвувано си ја извршија својата задача, истакна министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на прес-конференција на која им заблагодари и на граѓаните за разбирањето на ситуацијата и почитување на мерките, и на полицајците кои го контролираа спроведувањето на одлуките на Владата.

Констатираше дека Министерството за внатрешни работи успеало брзо да се екипира, реорганизира и веднаш да ги стави на располагање сите капацитети во улога на заштита на здравјето на секој поединец и затоа, рече, е бескрајно горд, среќен и задоволен.

-Им се заблагодарувам на сите вработени во МВР, а посебно на униформираните полициски службеници за секој час и секоја минута употребени за ова цел, истакна Чулев кој кај припадниците на МВР, и покрај дозата на несигурност поради непозната ситуација со која се соочуваат, забележувал, како што рече, љубов, гордост и патриотизам дека го штитат здравјето на граѓаните.

Заради придонесот на полицијата нагласи дека тие треба да ја добијат паричната награда која ја заслужуваат и ја повика Владата да ја усвои уредбата која за оваа намена ја доставил до неа.

– Грешки и пропусти секогаш има, некогаш грешевме ние, некогаш граѓаните. Но од грешките учиме и имаме можност да се подобруваме и да го подобруваме работењето на полицијата во заедницата, што е една од клучните и стратешки приоритети на МВР, истакна министерот за внатрешни работи.

Посебна благодарност упати и до припадниците на АРМ – партнери на полицијата во извршување на работните задачи и обврските во изминатиот период.

Чулев рече и дека најтешко го доживувал моментот кога одредени колеги од Владата и од МВР ја злоупотребувале полицијата за остварување, како што рече, „одредени политички цели и кога на грбот на полицијата сакаат да поентираат со неумесни и неодговорни изјави”

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот