Честитки за 11 Октомври, стоп за неофашизмот

Иван Бабановски

Македонија е територијално мала, но несразмерно поголема беше нејзината улога во борбата на антифашистите во светот. Тоа ни дава право и нè обврзува да не отстапуваме пред фашизоидните провокации. Тоа е и долгот кон сите наши предци – од сите историски периоди, зашто без 11 Октомври 1941 – РСМ и македонскиот народ немаше да има идентитет и легитимитет!

Служејќи ѝ на татковината, не можеме да останеме неми и пасивни кон отворените агресивни настапи на поединци и организирани групи со барања за реафирмација и за легализирање одредени политички движења со фашистички и со неофашистички платформи, како и на настојувањата да се рехабилитираат злосторниците од квинслиншките вооружени формации на Балканот и во Македонија.

Не сакаме да живееме во минатото. Но, тој што го заборава минатото може многу лесно да си ја загрози иднината. Да се прости – треба. А да се заборави злосторот и злосторниците е грев спрема жртвите. Таквата награда на злосторникот го стимулира за поголеми злостори.
Токму таквите настани ги возбудуваат нашите граѓани во последните години кога имаме неморално изедначување на жртвите и на злосторниците. За неморалот да биде поголем, стимулираните злосторници настојуваат да ја променат историјата и поради дневнополитичките потреби и градење нови сојузништва, се обидуваат да ни поттурат кукавичко јајце. Промовираат, под закрила на демократските права, крајно десни фашизоидни и неофашистички политички творби. Во нестабилни општествено-политички состојби, какви што беа, на пример, во Германија по Првата светска војна, беше можно социјалната беда да го исфрли на површина Адолф Хитлер, со сета негова психофизичка бедотија. Неговите фрустрации и комплексот на инфериорност го издигнаа во светски монструм. Додека се создаваше чудовиштето што ќе го фрли во вителот на најкрвавата војна во историјата на човештвото, политичките лицемери ширум светот му се восхитувале. И, наместо да го сопрат и поразат уште на почетокот, тие со својата плиткоумност дозволиле да бидат уништени милиони човечки животи.

Победата над фашистичката оска, сојузниците од антифашистичката коалиција ја извојуваа со огромни материјални и човечки загуби. Со капитулација на фашистичка Германија, Италија и Јапонија, дефинитивно беа поразени и сите квинслиншки вооружени формации, од типот на усташите, четниците, белогардејците, домобраните, контрачетниците и ванчомихајловистите, муслиманската милиција, балистите… На нашите простори, конкретно во Македонија, балистичко-качачките банди што колаборираа со германско-италијанскиот и со бугарскиот фашистички окупатор, беа поразени од припадниците на народно-ослободителното движење (НОД) на Македонија, раководено од комунистите. Македонските партизани, како составен дел на НОВ и на ПОЈ, беа легитимен субјект во антифашистичкиот сојуз што им нанесе целосен пораз на Хитлер и на неговите сојузници. Македонското НОД не се прокламирало самото за антифашистичко, ниту за воен сојузник на државите од антифашистичката коалиција. За такво го прогласиле шефовите на тие држави – Рузвелт, Черчил и Сталин – во Техеран. Тие тогаш заклучиле дека НОД е единствен нивен сојузник од овие простори, на кој, според придонесот во победата над фашизмот, му го признале, по завршувањето на Војната, третото место во Европа, а четврто во светот! Признание за вечна гордост на сите народи во бивша Југославија!

Рехабилитација на колаборационистите

И нашите граѓани не можат да се начудат на актуелните настани кои секојдневно се случуваат во нашата демократска држава, а кои укажуваат на факти дека некои партиципиенти во власта на Македонија се обидуваат овие историски вистини да ги преквалификуваат и грубо да ги фалсификуваат. Не е лошо да потсетам дека тогаш за колаборационисти биле прогласени сите преостанати движења на Балканот. Што значи за предавнички, злосторнички и фашистички биле прогласени и вооружените структури на „Бали комбтар“. Затоа, вчудовидуваат многуте вербални изливи во правец на величење на квислинзите и на злосторниците, како и навредите кон припадниците на антифашистичкиот блок од одделни пратеници од десните националистички партии во нашето Собрание, што не беа забележани и санкционирани од државните органи. За нив загрижено информираа јавните гласила, но без резултат и поттикнување на политичка волја за елиминирање на ваквите појави. Може да заклучиме дека секој, па и Собраннието, има ограничување на својата моќ, а сè преку тоа е тешка злоупотреба. Многу е провидна намерата со чинот на рехабилитација да се „помират“ загинатите во Втората светска војна. Со таков чин се настојува да се рехабилитира вкупната соработка на сите колаборации со окупаторите во Македонија, вклучувајќи ги и оние кои според националните норми и меѓународното право вршеле воени злосторства.

Сакам да потсетам дека според општото однесување сосема е видливо дека парламентите и јавноста на земјите од антифашистичката коалиција негуваат голема почит кон големото дело на своите предци во антифашистичката борба. Односот на одделни сегменти од актуелната власт спрема нашата антифашистичка борба и нејзините жртви се гледа преку уривањето на спомен-белезите подигнати во нивна чест. Никој за сторениот вандализам и злосторство не беше изведен пред народниот суд, што во демократска Европа не би можело да се случи.

Преквалификација на историјата

А, како реагираше западната јавност во врска со оживувањето на овие движења во нивните средини, секако добар пример ни е Ле Пен во Франција, Хајдер во Австрија и други. Јас никого не обвинувам. Делата и однесувањата на антимакедонските про и неофашистичките и антидемократските елементи говорат сами за себе. Во овие вампирски игри, покрај неодговорните политичари, свесно се вовлекуваат многу често и најмладите, што е забрането и со меѓународните конвенции. Сметам дека моја обврска, како припадник на државата – воен сојузник на антифашистичката победничка коалиција е да барам да ги известиме парламентите и прогресивната јавност на водечките држави од таа коалиција како некои делови на нашата официјална власт се однесуваат кон нашата антифашистичка борба.

Се прашувам зошто некој се плаши од тоа да се информираат компетентните институции во антихитлеровската коалиција за обидите на мали врати, во име на божемната заштита на човековите права на одделни етнички заедници, во јавниот живот на РМ да се внесат екстремно десни, радикални, фашистички партии, често и со исламски предзнак (Само да потсетам: големиот калиф од Ерусалим беше сојузник на Адолф Хитлер и 1943 година престојуваше во Сараево, како гостин при формирањето на муслиманската СС-дивизија, која поради невидените злостори што ги направила е наречена „Ханџар-дивизија“. Големиот калиф ги благословуваше муслиманските доброволци, а ја прими и делегацијата на младите муслимании на чело со Алија Изетбеговиќ).

Албанскиот коалициски партнер во континуитет досега настојува да ја преквалификува историјата според своја мерка и потреба. За жал, најчесто добива силна политичка, економска, но и воена поддршка од одделни кругови на Запад и од исламските радикални држави за искривување на историјата. Па зошто сето ова да се сокрива од јавноста? Како е можно на годишнината од војната против „окупаторот“ во село Слупчане, во независна РМ во 2002 година, да биде откриен споменик на „борците за слобода“, на манифестацијата одржана по тој повод да присуствуваат повеќе од 50.000 луѓе со декор и иконографија од минатите фашистички времиња, а на истата да не можат да бидат присутни и да ја извршуваат својата професионална должност новинарите од неалбанска националност? Дали ова треба да се сокрива од народот? Дали не треба да се каже дека споменикот им е поставен, на оние и од оние, кои пукаа во македонскиот народ и во заедничката држава.

Актуелната власт на перфиден начин, не сакајќи да ја признае слабоста дека не ја контролира севкупната територија на РСМ, ги рехабилитира колаборационистите од „Бали комбтар“ и качачко-разбојничките банди како нивни воени формации. Обидите за реафирмација на „Бали комбтар“ и на Ванчо Михајлов и нивното политичко оживување преку истоимени партии, како и поистоветување на партизаните и балистичко-качачките банди, претставува најголема навреда на достоинството на граѓаните на Македонија. За овој срамен чин треба да бидат известени парламентите на водечките земји од антифашистичката коалиција од Втората светска војна, како и соодветни светски и европски институции на ветераните антифашисти.

Улогата на антифашистите од Македонија

Граѓани на Македонија, вие имате право и обврска да ги браните честа и достоинството на вашите синови и ќерки, мајки и татковци, пријатели-соборци кои имаа јасна определба при изборот помеѓу доброто и злото. Ние, Македонците, и сите прогресивни граѓани од другите етнички заедници, нема да дозволиме да се фалсификува историјата која ни служи на вечна чест и гордост. А оние кои имаат црни петна, нека водат сметка да не им се повтори историјата и повторно да бидат поразени.

Да резимирам: На капиталот му треба пазар и профит. Бара сојузници и во нестабилни општествено-политички средини му требаат силни заштитници. Тоа не се институциите и субјектите од демократските општества. Заштита даваат корумпираните политичари, мафијашки босови и шефовите на терористичките групи и организации. Десните профашистички и фашистички политички програми се како измислени за остварување злосторничка симбиоза мегу политиката и криминалното подземје.  Врвот на тој неприроден спој е мегатероризмот кој денес станува пандан на глобализацијата, односно се глобализира. Затоа во моите определби често настојувам да ги претставам различните начини на странско ангажирање и „пријателско мешање“ во средување на вкупните состојби на Балканот. И во секој мој настап, во секое мое дело доминантни се пораките што ги остави големата американска писателка Сузан Зонтаг: „Биди сериозен, биди ангажиран. Разбуди се!“. На тој начин настојувам да си ги сочувам и одбранам: македонскиот патриотизам, интелектуалната доблест и честа, националниот идентитет и името на мојата татковина Македонија, во која ниедна власт никогаш не би смеела да дозволи кој било да си поигрува со нејзината славна борба за слобода и за правда. Македонија е територијално мала, но несразмерно поголема беше нејзината улога во борбата на антифашистите во светот. Тоа ни дава право и нè обврзува да нè отстапуваме пред фашизоидните провокации. Тоа е и долгот кон сите наши предци – од сите историски периоди, зашто без 11 Октомври 1941 – РСМ и македонскиот народ немаше да има идентитет и легитимитет!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот