Цените на становите во Скопје постојано растат, проектот „Купи куќа, купи стан“ губи смисла

Станови / Фото: СП. архива

Проектот  „Купи куќа, купи стан“ ќе може да се искористи само за купување стан во населбите на  периферијата на Скопје или во внатрешноста на Македонија. Ова не е никаде наведено како услов за аплицирање, туку се подразбира со оглед на цената на  становите во централното градско подрачје.

Во условите  за аплицирање е јасно наведено дека продажната цена на станбениот објект мора да биде до 900 евра за метар квадратен.

Ако ова беше прифатлив услов пред дванаесет години кога стартуваше проектот, и кога становите над оваа сума се сметаа за луксузни, работите во 2022 година се драстично променети.

Втор услов кој треба да се исполни за да се добие субвенции од Владата е станот или куќата што се купуваат или градат мора да бидат новоградба, односно да се купат од инвеститор или изведувач. Граѓаните кои се во  потрага по свој дом веќе се добро запознати со цените на новите станови, кои се искачуваат многу над крајната граница која министерството за финансии ја постави и оваа година како услов за добивање субвенции.

– Подолго време размислуваме да ја искористиме можноста за субвенционирање на рата која ја нуди проектот „Купи куќа,  купи стан“, но се разочаравме кога ги видовме условите. Искрено истите се многу нереални, и можеби ќе одговараат само за  купување стан во  некој од  помалите градови, во Скопје стан за овие пари нема, или можеби има во Илинден, но тоа за нас ќе значи голема преселба, бидејќи децата веќе се запишани во училиште. Сметам дека Владата треба да размисли за  поместување на границата од 900 евра за метар квадратен, се жали Елена од Кисела Вода.

Од  Министерството за финансии остануваат на ставот дека критериумите за учество на повикот ќе бидат непроменети.

– Граѓаните ќе може да аплицираат за една од двете варијанти, и тоа за субвенционирање на ратата или за субвенционирање на учеството за купување стан или изградба на куќа, во деловните банки што се дел од проектот „Купи куќа, купи стан“, откако ќе се објави јавниот повик, велат од Министерството за финансии.

Досега се одобрени вкупно 2010 барања за субвенциониран станбен кредит, а одобрените кредитите се во вкупен износ од над 73 милиони евра, а одобрените субвенции изнесуваат 18,3 милиони евра.

– Од двата понудени модела, граѓаните повеќе го користеле моделот субвенција на рата за кој се одобрени 1486 барања, додека за субвенција на учеството 524 барања. Според намената, граѓаните повеќе го искористиле за купување стан, односно од вкупно одобрените барања 1676 се за купување нов стан, додека 334 се за изградба, купување, доградба или надградба на куќа.

Каматната стапка во првите три години од реализација на проектот изнесуваше 4,99%, а по истекот на тој период, во следните две години каматната стапка можеше да се зголеми најмногу за 10%. Потоа се унапредија условите за обезбедување сопствен дом, а најголема поволност за граѓаните беше значителното намалување на каматните стапки за одобрување субвенциониран станбен кредит. За субвенционирање рата од кредит, во првите 3 години каматната стапка се намали од 4,99% на 2,9% годишно, а во наредните 2 години се намали од 5,5% на 3,9%. Во однос на моделот за субвенционирање на учеството од субвенционираниот кредит, каматната стапка се намали и изнесува најмногу до шестмесечен ЕУРИБОР + 4,0 п.п. на годишно ниво, во текот на целото времетраење на отплата на кредитот.

Согласно усвоената информација на Владата, јавниот повик за 2022 година ќе биде воедно и последниот јавен повик во рамки на проектот „Купи куќа, купи стан“.

Цените на становите ќе растат, градежништвото бара посебни мерки за поддршка од државата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот