Цените на репроматеријалите го набилдаа извозот

Растот на цената на репроматеријали ја зголемува вредноста на увозот, а тоа значи дека ние немаме директна корист од зголемениот извоз, вели Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство

Извозот во првото полугодие од годинава достигна 3,4 милијарди евра и е за 39,1 проценти поголем од извозот во текот на истиот период минатата година. Увозот, пак, достигна 4,64 милијарди евра, што е за 38,7 проценти повеќе од ланското прво полугодие.  

Охрабрувачката статистика што покажува огромен раст на извозот, според извозните компании, нема да им донесе поголем ќар затоа што има драстичен раст на цените на репроматеријалите. На тоа се должи и зголемената вредност на увозот. Паладиумот и платината, бакарот, пластичните гранулати, алуминиумот и електрониката на светските берзи поскапеа меѓу 40 и 80 отсто, а нив ги користат дел од македонските производители на автомобилски делови.

– Растот на цената на репроматеријали ја зголемува вредноста на увозот, а тоа значи дека ние немаме директна корист од зголемениот извоз. Штом поскапуваат репроматеријалите, со нивното вградување во производите, расте и вредноста на крајниот производ, а на крајот, цената ја плаќаат корисниците – вели за „Слободен печат“ Виктор Мизо, генерален менаџер на „Костал“ и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при СКМ.

Статистиката покажува дека во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, како и платината и легурите на платина, необработени или во прав, чии што цени изминатава година и половина бележат рекорди не светските берзи. Во 2011 година било нотирано дека една унца од овој метал чинела 1.921 долари, што било највисока вредност дотогаш, на почетокот на 2020 година, унца од овој благороден метал стигна до 2.020 долари. На почетокот на годинава, паладиумот се продаваше во просек по 1.950 долари за унца, дури повисоко и од златото.

Овој метал, покрај златото, среброто и платината, е еден од скапоцените метали што имаат широка примена во стопанството. Она што ја засега македонската економија и извозот е неговата употреба во дел од автомобилската индустрија, поточно во автомобилските системи за контрола на издувните гасови. Катализаторите од паладиум се користат во уредите за контрола на издувните гасови, кои се актуелни поради зајакнатите зелени политики на европските земји. Неговата примена е широко распространета и во производството на градежни материјали и во медицинската индустрија, за изработка на накит и електроника.

– Бројките на растот на извозот и на увозот во првите шест месеци не може да се гледаат издвоено од големиот раст на цените на репроматеријалите во споредба со истиот лански период. Ни треба детална анализа за да се види како и во кој обем зголемувањето на извозот и на увозот, но и вкупниот трговски дефицит се резултат на зголемен обем на производство, а колкава е улогата на поскапените репроматеријали и превозот – вели Мизо. Тој потенцира дека за разлика од статистичките податоци, компаниите не ги споредуваат финансиските резултати со минатата година, туку со плановите и буџетите за тековната година.

Светот е „гладен“ за паладиум веќе девет години

Според светските медиуми, веќе девет години по ред Русија и Јужна Африка, кои се најголеми производители на паладиум во светот, не може да ја задоволат побарувачката на овој скапоцен метал, а неговите цени се вивнаа до плафон. Според процените, овие две земји имаат најголеми резерви на паладиум, или поточно секоја посебно располага со 30 до 40 проценти од глобалното производство.

Бидејќи се зголемува производството на еколошки автомобили и се зајакнува контролата врз издувните гасови, логично е што производството не ја покрива побарувачката на пазарот, а тоа е уште еден фактор за порастот на цената на паладиумот. Дел од најголемите резерви на овој скапоцен метал се во Канада, САД и во Зимбабве.

Лани меѓународната агенција за енергетика предупреди дека потенцијалниот недостиг од бакар, литиум и други минерални суровини, ќе ги помати глобалните амбиции за чиста енергија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот