Бугарското вето нема скоро да дојде под американска лупа

Се очекува во наредниот период САД да влијаат да се реши спорот што Бугарија ѝ го наметнува на Македонија пред преговорите за членство во ЕУ, при што Македонија се надева на поддршка, а во Бугарија стравуваат од притисок. Пред три дена Германија соопшти дека канцеларката Ангела Меркел и претседателот Џо Бајден го ставиле Западен Балкан во шесте итни заеднички приоритети за решавање, но според домашните аналитичари, од САД не треба да се очекува ништо значајно во првата половина од годината.

Александар Кржалоски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, вели дека новата администрација на САД секако ќе ни даде поддршка, но да не очекуваме премногу. Кржаловски смета дека Бајден прво ќе ги решава големите проблеми дома, како корона-кризата и економската криза, и ќе се посвети на реставрирањето на односите со другите држави и позицијата на Америка во светот, односно почетниот период ќе се троши за поправање на штетата од потезите на претходникот Доналд Трамп, како Парискиот климатски договор, членството во СЗО, Иранскиот нуклеарен договор итн.

– Во таа смисла, Македонија ќе биде далеку од фокусот на внимание. Сепак, САД е наш стратешки партнер и поддршка секако ќе имаме, што веќе се забележува, како изјавите на амбасадорката Кејт Брнз и на поранешниот амбасадор Филип Рикер. Добра беше и изјавата на Џејмс Пердју, иако е малку жално што повеќето искусни дипломати излегуваат со вакви изјави на поддршка далеку по нивниот непосреден ангажман, па прашање е колку е тоа вредно од аспект на актуелните американски и ЕУ политичари. Секако, повремено ќе има слични изјави, а веројатно и конкретни чекори од релевантни актери од САД и од ЕУ, но се чини дека барем во првава половина на годината ќе има затишје на полето на ЕУ проширувањето и „нашиот случај“ – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

Професорот по безбедност Марјан Ѓуровски вели дека во првите месеци од мандатот претседателот на САД Бајден има многу „пожари за гасење“, проблеми дома и со главните партнери, како и во односите со Кина и Русија и во првиот период нема да бидат силно инволвирани во Западен Балкан, освен ако не бидат принудени на тоа.

– Американскиот претседател Бајден и Демократската партија верувам дека се заинтересирани за побрз развој на земјите од Западен Балкан и нивното приклучување кон Западна Европа и затоа може да се очекува притисок од Вашингтон за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје. Може да се очекува притисок од САД и за енергетските проекти во регионот во кои е вклучена и Русија, особено за транзитот на гас, како и за запирање на проектот за нуклеарната централа Белене. Македонско-бугарскиот спор на крајот ние самите треба да го решиме, не знам колку во овој случај би дала ефекти булдожер-политиката – вели Ѓуровски.

Во минатите два месеци повеќе истакнати американски дипломати, како Медлин Олбрајт, Филип Рикер, Џејмс Пердју, па и амбасадорката во Македонија Кејт Брнз, го осудија ветото на Бугарија за македонските преговори со ЕУ и сметаат дека историските аргументи не смеат да бидат средство за уценување на Северна Македонија.

Захариева ја „врти воденицата“ накај Москва

Враќањето на српскиот јазик во училиштата во РС Македонија ги негира тврдењата дека се раскинати врските со Србија и со Русија, изјави вчера бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, без да објасни зошто Македонија би требало да има раскинати врски со која било земја.

– Македонизмот сам по себе е геополитичка идеја создадена од Белград и од Москва. За жал, не сум изненадена од ваквата одлука на македонските власти. Враќањето на српскиот јазик значи дека сите партии без оглед на нивните политички разлики се едногласни за ова прашање, како и за темата за односите со Бугарија – рече Захариева за БТВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот