Борјан Зафировски: Новата генерација на македонски филмаџии ги крши клишеата за балканските филмови

Борјан Зафировски/Фото: Слободен печат

Деновиве филмот „Ефектот на среќата“ на режисерот Борјан Зафировски победи на 11. издание на Балканскиот филмски фестивал во Поградец, Албанија беше прогласен за најдобар филм во конкуренција на 40 филмски остварувања. Филмот својата премиера ја имаше на крајот на 2019 година кратко време потоа се случи пандемијата, се затворија кината, се одложија фестивалите.

„Сега првпат по толку време почнуваме да одиме на фестивали, почнува филмот да се прикажува пред публика во живо, еве иако Подградец беше петти интернационален фестивал на кој е прикажан филмот, прв пат се прикажа пред публика во живо, што за мене беше едно големо искуство, не верував дека толку ќе се радувам и за прв пат ќе имам фидбек од публиката“, вели режисерот Борјан Зафировски за Утрински брифинг.

Тој објаснува дека филмот бил инспириран од балканската филмска индустрија која се’ уште се занимава со одреден тип на обработка на филмови.

„Сфативме дека тоа најдобро се продава, еве сега италијански колеги коментираа дека тие филмови се како филмувани вести. Почетна точка за филмот на Зафировски му била книгата на Гете „Страдањата на младиот Вертер“. „Книгата е позната по тоа дека предизвикала Вертер-ефект, негативен домино ефект во некоја уметност. Кога била објавена книгата, во некои земји бројот на самоубиства пораснал за 30 отсто. Размислував дека ако постои нешто во уметноста како Вертер-ефект, тогаш мора да постои нешто спротивно, некоја позитивна уметност која создава позитивен домино ефект. Јас тој ефект го нареков хепинес ефект и тоа е главната тема“, вели Зафировски.

Тој кажува дека поновата генрација на македонски филмаџии веќе е изморена од крвопролевања, војни, насилства, нешто што се смета за типично за балканските филмови. Новата генерација е веќе изморена од старите теми и добро е што се појавува еден нов бран од кој сум позитивно изненаден и среќен за моите колеги бидејќи знам колку е тешко да се дојде до тој успех, така што сите заедно, има една цела нова генерација режисери што добро работи и среќа што се создадоа услови во Агенцијата за филм луѓето да имаат можност со многу малку да постигнат многу. Тоа е како луѓе што втор пат играат фудбал да се најдат на европско првенство. Неминовно доаѓа нова естетика во македонската кинематографија, која се надоврзува на претходните филмови, на достигнувањата на претходните генерации, но гради свој пристап и допрва ќе ги гледаме резултатите и на тоа што и во Агенцијата за филм се создаде некакво систем. Сега се среќаваме со дистрибутери кои ми велат – ова не е типичен балкански производ, не би знаеле каде да го продадеме, значи има се допаѓа филмот, но како да се имаме брендирано што произведуваме, каков филм произведуваме.

Често ми велат: ‘Борјан ако сакаме љубовна драма ќе земеме од Франција, а ако сакаме социјална драма, ќе земеме од кај вас. Така што се’ уште се присутни тие клишеа, но мислам дека ние треба и ќе ги кршиме така поставените вредности“, рече Зафировски. Новиот филмски проект на режисерот Борјан Зафировски е филм со наслов „Аквариум“ на кој работи заедно со Дејан Дуковски и планира да се снима следната година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот