Фото: EPA/OLIVIER HOSLET

Бод како „планина“ во Гент: Мундијалскиот сон за Македонија и натаму живее

Денеска во многу важен натпревар од квалификациите за пласман на Светското првенство 2026 во Гент, македонската фудбалска А репрезентација одигра реми 0:0 против силната Белгија. Овој бод многу ни значи и со него остануваме во борба за првото место во групата, кое води директно на Мундијалот.

Како што и се очекуваше, веќе во првите пет минути Белгија имаше повеќе контрола на топката, напаѓаше веднаш во обид да постигне гол во раната фаза.

Во меѓувреме ја имавме првата контра – Атанасов од околу 25 метри шутираше, но не толку опасно, но беше прв наш обид кон голот на Куртоа.

Во шестата минута, опасна акција на Белгија која заврши со симулација на Салемакерс во македонскиот шеснаесетник, за што доби жолт картон од турскиот судија Умут Мелер.

Белгијците воглавно напаѓаа преку крилото Доку, но нашите фудбалери успешно се бранеа на својата половина. Во 13 минута, играчот на Наполи Де Брујне се закани, но неговиот удар беше блокиран од македонската дефанзива.

Четири минути подоцна Белгија успеа да постигне гол, но истиот беше поништен поради офсајд. Сега се редеа шансите на домаќините кои во 20 минута се обидоа и преку Салемакерс кој се обиде со волеј по корнерот на Де Брујне, но топката заврши далеку над голот на Димитриевски.

Конечно повторно нешто се случуваше и на половината на Белгија, Барди се избори за прекршок. Комбинираше со Алиоски, во добра можност се најде Барди, но беше блокиран од белгиската одбрана.

Во 27 минута одново имавме среќа, Салемакерс се најде во идеална шанса да постигне гол, но Атанасов го блокираше неговиот удар. Ашковски доби жолт картон во 30 минута поради невнимателен прекршок врз Де Брујне.

Белгија константно напаѓаше, статистички имаше 10 удари кон нашиот гол, се заканија повторно преку Де Брујне чиј удар заврши лошо над голот.

На стартот од вториот дел во игра во нашата репрезентација влезе Чурлинов на местото на Ашковски со цел да не се ризикува бидејќи веќе имаше жолт картон, а имаше и доста проблеми во дуелите со Доку и Де Брујне.

Белгијците веднаш им се вратија на своите шанси, Доку шутираше, но сигурен и одличен беше Димитриевски. Ретка наша акција се случи во 53 минута, иако без удар, но Елмас се обидуваше со сите сили да дојде до удар, но тешко ја контролираше топката и на крајот ја загуби.

Во следниот напад на Белгија, Де Брујне со левата нога шутираше, нова прекрасна интервенција запиша фантастичниот Димитриевски.

Милевски направи нова замена во 57 минута, М. Ристовски го замени играчот на Ренџерс Миовски во делот на нападот. Во 61 минута Доку повторно се најде во убава шанса да дојде до гол, но и сега Димитриевски излезе како победник и ја отстрани опасноста, а потоа го запре и Опенда од непосредна близина. Во 68 минута Теате доби жолт картон поради прекршок.

Милевски се одлучи за нова свежина во нашиот состав, Алими и Деспотовски влегоа во игра како замени за Атанасов, односно Стојчевски во 75 минута од натпреварот.

Растеше сега и нервозата кај белгиските фудбалери, Де Брујне исто така доби жолт картон поради фаул врз Чурлинов.

Направена беше и последната замена, во 84 минута Велковски го замени Муслиу кој се пожали на мала повреда во 84 минута.

Белгија со сите сили напаѓаше, а ние успешно се браневме кон целта да останеме непоразени на ова важно гостување. Редок наш напад се случи во 87 минута, убав центаршут беше упатен кон Ристовски, топката за малку помина над неговата глава. До крајот успеавме да ги запреме сите налети и да освоиме вреден бод против една од најсилните фудбалски репрезентации во светот.

Квалификации СП 2026

Белгија – Македонија 0:0

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот