„Блупринт-групата“ за реформи во правосудството: Нема правен основ за разрешување на Дамева од Судскиот совет

Колаж: Слободен печат / Фото: МИА

Членовите на Судскиот совет на денешната седница да го преиспитаат своето постапување во конкретната ситуација и притоа да ја покажат и докажат својата непристрасност, независност во работењето и дејствувањето како членови на Судскиот совет, со што ќе ја исполнат својата уставна надлежност како гарант на самостојноста и независноста на судската власт во земјата, реагираат од Блупринт групата за реформи во правосудството.

По случувањата на вчерашната седница на Судски совет, на која беше разрешена претседателката Дамева од Блупринт групата потенцират дека „ниту Деловникот на Судскиот совет не содржи одредби што ги уредуваат постапката или причините за разрешување на претседател на Судскиот совет, што значи дека не постои правен основ за донесување на одлуката за разрешување на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева“.

Уште повеќе, според Деловникот, тој што предложил да се гласа, нема право на глас во случајот, укажуваат од Блупринт групата за реформи во правосудството во врска со вчерашната седница на Судскиот совет на која беше разрешена претседателката Дамева, се вели во соопшението.

Тие изразија загриженост околу ескалирањето на состојбата при утврдувањето на дневниот ред на вчерашната седница на Судскиот совет.

Во моменти кога довербата во судството е на незавидно ниско ниво, укажуваат од Блупринт, нужно е Судскиот совет да биде стожер на судската власт преку обезбедување и гарантирање на самостојноста и независноста на судската власт и да биде институција во која судиите и граѓаните ќе имаат голема доверба, а не институција која ниската доверба дополнително ќе ја руинира поради непочитување на законите и произволно постапување со што директно го поткопува уставниот и правниот поредок во земјата.

Доколку интенцијата била да се разреши претседателката на Судскиот совет користејќи ја аналогијата за разрешување на судија, сепак самиот чин на разрешување е спорен од причина што Законот за Судски совет на Република Северна Македонија предвидува дека за разрешување на судија потребно е да гласаат 8 члена од присутните членови со право на глас. Во конкретниов случај гласале 7 члена без претходна дискусија и без запазување на постапката која се применува за разрешување на судија, се наведува во реакцијата.

Тие велат дека се изненадени од постапките на одредени членови, кои инсистирале да се внесе точка на дневен ред и истовремено одлучување по истата без притоа да се почитува Законот за судскиот совет од причина што законодавецот во Законот 1 не предвидел постапка за разрешување на претседател на Судски совет.

Во оваа насока, од групата укажуваат и на недоволното регулирање на одредени законски одредби, што не значи и несоодветно постапување односно произволно толкување на постоечките одредби. Одговорноста на член на Судскиот совет е предвидена во Законот со конкретни одредби за дисциплинска одговорност на член на Советот со наведување на основите за поднесување на барање за дисциплинска постапка за член на Советот. Понатаму е предвидена и постапката за одлучување по барање за покренување на дисциплинска постапка за член на Советот.

– Но, во ниту една одредба од Законот не е предвидена постапка за разрешување на претседател на Судскиот совет или за разрешување на член на Судскиот совет по друг основ освен кога се работи за утврдување на дисциплинска одговорност, се појаснува во реакцијата од Блупринт групата, посочувајќи дека до Работната група што ја подготвува новата Стратегија за развој на правосудството, укажале токму на овој недостаток и ја посочиле потребата од регулирање на самата постапка на одговорност на член на Судскиот совет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот