Блупринт групата нема да учествува во изработката на КЗ, се повлекува од соработката со власта заради дрска злоупотреба

Блупринт-група за реформи во правосудството

Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството повеќе не сака да служи како декор на власта во реформите на правосудството и соопшти дека се повлекува од понатамошно учество и давање придонес во процесот на изработка на новиот Кривичен законик, затоа што нивното учество е злоупотребено. Од Блупринт групата сметаат дека нивното учество е беспредметно во постапка која суштински го озаконува незаконитото, што е спротивно на нивната мисија за конструктивно, транспарентно и засновано на докази градење на политики.

– Клучната причина за нашето повлекување од процесот се последните измени на Кривичниот законик од 6 септември 2023 година, што беа предложени од страна на Владата на РСМ. Постапката во која беа донесени и содржината на овие измени во делот на трите клучни дела за борба против корупција се целосно спротивни на владеењето на правото. Измените во трите спорни кривични дела беа донесени со заобиколување на работната група која работи на нов Кривичен законик, без нејзино консултирање, без соодветно консултирање на стручната јавност, како и без претходно анализирање и проценување на потребата од истото – рече Александра Цветановска од Здружението на млади правници.

Во ваква ситуација и состојба, додаде таа, сведоци сме на дрска злоупотреба на т.н. европско знаменце, европско право и казнени политики во овие рамки.

Успешниот обид за измени и намалување на казните на трите клучни дела за борба против висок криминал и корупција озакони хронично неказнување на високи функционери и вршители на јавни функции. Новата политика наместо да ја врати довербата на граѓаните во законодавна и извршна власт, уште повеќе влијае кон нејзино поткопување, со недвосмислено праќање порака до обичниот граѓанин дека „плаќа дупло“ – рече Цветановска.

Од Блупринт групата истакнаа дека тесно поврзано со нивниот став за повлекување од процесот за изработка на новиот Кривичен законик е и нивната неодамнешна одлука за повлекување од работната група за изработка на нацрт-предлогот за закон за конфискација на имот во граѓанска постапка.

– Неспорно е дека и Кривичниот законик и Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка се суштински и тематски поврзани во борбата против криминалот и корупција. Оттука, доколку постои намера преку намалените казни во Кривичниот законик да дојде до застареност на кривичното гонење, а преку Законот за конфискација во граѓанска постапка да се создаде привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот, тогаш се работи за пристап со кој суштински и концептуално не се согласуваме – велат од групата.

Оттаму додаваат и дека вклученоста на граѓанскиот сектор во процесите на креирање политики е од суштинско значење за владеење на правото, но доколку граѓанскиот сектор е навистина вклучен во истите преку конструктивно работење.

– Вклученоста на граѓанскиот сектор не смее да се користи како алатка за давање на легитимитет на процесите и да служи како „декор“ во рамки на работните групи за измена на закони. Со оглед на целосната состојба каде се дава легитимет на нелигитимното, Блупринт групата нема да учествува во процеси во кои правото и правниот систем се извртуваат и злоупотребуваат, личниот интерес на поединци го надминува јавниот интерес и општественото добро, а политички цели и интереси се издигнуваат над темелните вредности – соопшти денеска Блупринт-групата.

Според нив, последиците во правниот систем од измените на КЗ со кои се намалија казните за злоупотреба на злужбената дожност, за злоупотреба при јавни набавки и за злосторничко здружување се огромни.

– Со измените кои се веќе на сила ќе има последици за граѓаните, општеството и за владеењето на правото. За жал, враќање на ситуацијата назад нема во однос на застарувањето на предметите кои се опфатени со измените на КЗ. Во новиот КЗ ќе се врати делото злоупотреба при јавните набавки, но тоа ќе биде во иднина. Во овој момент, во овие процеси ќе се применува изменетиот КЗ, зашто станува збор за закон кој е поповолен за обвинетите – велат од Блупринт-групата.

Оттаму велат дека работната група го завршила новиот КЗ и се очекува во текот на овој месец тој да биде доставен до Владата и да почне постапката за неговото усвојување, што значи дека власта за помалку од еден месец не го дочека новиот закон и побрза со нетранспарентна постапка да донесе закони со кои се спасија од гонење многу функционери.

Од групата очекуваат и дека сумите што ќе се платат за обештетување на функционерите чии предмети ќе застарат ќе бидат милионски, а парите ќе се дадат од државниот буџет. Точната сума ќе се знае откако судовите ќе ги донесат сите одбивателни пресуди, соодветно според тоа како ќе застаруваат процесите од предметите што ги отвори поранешното СЈО.

Од Блупринт-групата уште не знаат кој е автор на спорните измени на КЗ со кои се намалија казните на функционерите.

– Таква информација ние немаме. Нашиот став е дека не сакаме да учествуваме во донесувањето на новиот Кривичен закон и Законот за конфискација во граѓанска постапка. Нашето повлекување се надеваме дека ќе даде сигнал дека граѓанското општетсво не треба да се злоупотребува, туку дека нашето учество треба да е консгруктивно, да дадеме продонес затоа што поседуваме експертиза и знаење како организации – категорични се од Блупринт групата.

Во врска со оние кои сега ги злоупотребуваат јавните набавки, со оглед дека се укина став 5 од членот 353 во КЗ, од Блупринт-групата велат дека и сега може да се гонат според другите ставоти од член 353, ама казните сега се значително пониски од претходно.

– Сега највисоката казна е пет години затвор, што значи дека согласно со Законот за кривичната постпака за овие дела, за злоупотреба сега се води скратена постапка, не се водат истрагите во обвинителство, суди судија поединец, односно, станува збор за лесно кривично дело за разлика од порано кога запретената казна беше до 20 години затвор – велат од Блупринт.

Неформалната мрежа Блупринт група за реформа на правосудството е составена од партнерските организации Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншки комитет за човекови права (МХК), Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институт за човекови права (ИЧП), Институт за европска политика (ЕПИ), Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот