Бизарни совети на Лукашенко за борбата против корона: Вотка, сауна и надеж дека Бог ќе ги чува Белорусите од вирусот

Фото: EPA-EFE/ANDREI POKUMEIKO

Лукашенко учествуваше на натпревар во хокеј на мраз одржан во саботата, кога тој спорт го прогласи за „најдобар лек против вирусот“.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко очигледно не е загрижен од епидемијата на Ковид-19, што јасно покажува и фактот дека фудбалските натпревари во земјата се одржуваат по план, пишува српски „Блиц“.

Додека поголемиот дел од земјите воведуваат строги мерки за сузбивање на ширењето на вирусот SARS-Cov-2, во Белорусија навивачите и минатиот викенд беа на стадионите за да ги поддржат своите тимови. Мерките за социјално дистанцирање се многу благи во оваа земја, но на гледачите на одредени места сепак им е измерена температура пред да им биде дозволено да влезат на стадионите.

Мал број на навивачи ставиле маски додека се туркале на преполните трибини, а организаторите на фудбалските натпревари соопштија дека немаат намера да ги одложуваат натпреварите, ниту пак да ја откажат сезоната, пренесува Скај њуз.

Белорускиот претседател преку сопствен пример покажа дека сака спортските натпревари да продолжат да се организираат. Лукашенко учествуваше на натпревар во хокеј на мраз одржан во саботата, кога тој спорт го прогласи за „најдобар лек против вирусот“.

– Подобро е да се умре на нозе, отколку да се живее на колена – изјави Лукашенко.

Според официјални податоци, во Белорусија, која има 9,5 милиони жители, досега се заразени 94 лица со коронавирус, а денес е пријавен и првиот смртен случај. Лукашенко, кој е страстен играч на хокеј на мраз, и е на власт од 1994 година, смета дека нема потреба за избегнување на јавни собири, а Белорусија е една од ретките земји кои не презема речиси никакви мерки против ширењето на Ковид-19.

Претседателот минатите недели му предлагаше на народот да пие 50 милилитри вотка дневно за да се одбрани од вирусот, но не на работа. Освен тоа, изјави дека редовното одење во сауна, работата на поле и навремениот доручек се најдобар лек за зачувувањето на здравјето, отфрлајќи ги построгите мерки кои ги воведоа соседна Русија и другите земји како „хистерија и психоза“.

Лукашенко вети дека Белорусија ќе го одбележи Денот на победата на 9 мај, денот кога ветераните од Втората светска војна дефилираат на парада – и покрај податоците кои покажуваат дека постарите лица се изложени на поголема опасност од заразата на јавните места.

– Нема се да откажуваме. Ќе ги одржиме настаните кои се планирани…Нека не чува Бог од коронавирусот – рече Лукашенко, а пренесе белоруската агенција „Телеграф“.

Во друга можност изјави дека „навистина му се допаднале“ изјавите на Доналд Трамп, во кои повикува на отворање на продавниците и враќање на Американците на работа.

– Многу луѓе бараа да ги затворам границите и претпријатијата и да воведам национален карантин. Тогаш одлучив: ќе воведеме карантин само ако навистина тоа е потребно – констатира лидерот на Белорусија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот