Битка за плати

Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Битката за плати во Македонија веројатно е најголемата економска битка. Владеачката партија тоа го знаеше уште пред да ја земе власта во свои раце и тоа јасно го кажа како големо предизборно ветување, притоа водејќи голема кампања за враќање на средната класа, што очигледно оди тешко.

Во насока на зголемување на платите, се преземаа многу мерки. Како иницијална каписла се зголеми минималната плата, потоа на инвеститорите што отвораат нови работни места им се понуди субвенционирање на платите ако тие исплатат најмалку 50 отсто повисока плата од минималната, а на компаниите што ќе исплатат плати повеќе од двојно поголеми од просечната, им се понуди враќање на дури 20 отсто од тие плати.

Најновата мерка што деновиве го очекува своето озаконување е плаќање на придонесите за пензиско и за здравствено осигурување од државниот буџет, за износот на зголемената плата, а притоа, се субвенционира зголемувањето до 6.000 денари.

Оваа мерка наиде и на одобрувања, но и на лавини од критики. Бранимир Јовановиќ, поранешен советник на поранешниот министер Драган Тевдовски, рече дека сме навистина богати како земја ако за три години можеме да дадеме 120 милиони евра за нешто вакво. Професорот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, рече дека ваков интервенционизам од страна на државата на слободниот пазар, не може да се сретне никаде во светот и тоа ќе предизвика натамошни дисторзии во услови кога опаѓа продуктивноста на трудот. Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров, пак, рече дека мора да им се помогне на фирмите за да може да дадат поголеми плати…

Но какви и да се критиките на мерките за поголеми плати, очигледно е дека Владата ги креира овие мерки затоа што ѝ е јасно оти без поголеми плати, нема развој на економијата, а тоа треба да го сфатат и фирмите. Не е точно дека сите фирми одвај преживуваат, како што обично глобално знаат да кажат. Иако, има и многу такви, и ним им треба државна помош.

Но има и компании што може да дадат поголеми плати, а не даваат. Нивните газди и менаџери и нивните семејства ќе купат по уште еден стан, иако не им треба, ќе купат викендички во регионов, секаде каде што мислат дека е „фенси“, ќе бараат место на Земјината топка што не го посетиле, ќе го купат стотиот пар чевли, но нема да размислат за тоа да им ги зголемат платите на работниците. А, и такви ги има, и тоа во голем број.

Секако, има и компании што се тука некаде работ, би биле рентабилни и ако исплатат поголеми плати, но…

Во приказната за платите секогаш има едно големо НО. И тоа, за жал, е над целата економска логика дека поголеми плати значат поголема потрошувачка, а тоа пак значи поголема побарувачка како за производите на домашните фирми, така и за производите на увозниците.  А сега, што е можеби и најважно, повисоки плати значат и помал одлив на младите. Секако ние не можеме да се натпреваруваме со германските плати, но неспорен факт е дека со подобри овдешни плати, помалку луѓе би заминале во странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот