Бинго е каква пензија ќе ви пресметаат, нема документи, има „вишок“ пари, покажа ревизијата на Фондот за ПИОМ

Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Електронскиот систем има вградени контроли и автоматско преземање на податоците за корисниците, износите за исплата и коефициентите за усогласување на пензиите, но се случува параметрите од кои зависи утврдувањето на висината на пензиските примања поради технички проблеми да не се преземат целосно точно, поради што има ризик од грешки во пресметките, а мала е извесноста за корекции без реакција на корисникот, пишува во ревизорскиот извештај

Нераспоредени пари што лежат на сметката на Фондот за ПИОМ, несоодветни пресметки на пензии, исплата на пензии на починати луѓе, недостиг на потребен кадар се забелешките на кои со години укажуваат ревизорите, а ги има и во новиот извештај изготвен од Државниот завод за ревизија.

Особено загрижува фактот што ДЗР воочил дека се прават технички грешки поради кои може да има нереални пресметки на пензиите.

„Електронскиот систем има вградени контроли и автоматско преземање на податоците за корисниците, износите за исплата и коефициентите за усогласување на пензиите, но се случува параметрите од кои зависи утврдувањето на висината на пензиските примања поради технички проблеми да не се преземат целосно точно, поради што има ризик од грешки во пресметките, а мала е извесноста за корекции без реакција на корисникот“, пишува во ревизорскиот извештај.

Покрај техничките проблеми има и осигуреници за кои нема податоци во матичната евиденција на Фондот и тие имаат големи тешкотии во обезбедување на потребната документација за докажување на стажот од соодветните правни субјекти и институции.

„Вообичаено станува збор за ликвидирани субјекти, за кои во Државниот архив не секогаш се наоѓа соодветната документација и за оваа документација воопшто не е започнат процесот на дигитализација“, нагласи ревизорот.

Според Извештајот, дури 2,5 милиони евра од придонесите се нераспределени и така стојат на сметка и не им се евидентираат во пресметките на оние што плаќаат за пензиските денови.

„На уплатната сметка на Фондот – сметка за уплата и распределба на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, на крајот на 2021 година има нераспределени средства во износ од 156.102.000 денари (околу 2,5 милиони евра н.з) , од кои дел во износ од 90.971.000 денари (околу 1,5 милиони евра н.з) се салдо на наведената сметка од претходни години кои Фондот не може да ги користи за исплата на пензии, а осигурениците немаат можност да ги остварат правата од ПИО“, пишува во Извештајот.

Според објаснувањето, нараспределените пари се од неалоцирани средства најчесто при уплата на придонес за работа со скратено работно време и времено ангажирани лица за кои Фондот нема добиено соодветни пријави/одјави за вработување и регистрација на обврзник, потоа неидентификувани уплати настануваат како резултат на поднесени месечни пресметки за плата со неточни податоци или со променети матични односно даночни броеви или, пак, при делумно или погрешно (повеќе или помалку) уплатени средства од страна на обврзниците.

За разрешување на дел од неидентификуваните уплати, Фондот континуирано носи решенија за поврат на средства за погрешно уплатените износи, изготвени од Одделението за наплата на придонес врз основа на поднесено барање, но наплатата е со мал ефект, забележува Ревизорот.

Уште се провлекуваат старите проблеми од времето кога не постоеше концептот бруто-плата, па посебно се уплатуваше платата, посебно придонесите – пензискиот и здравствениот. Најголем дел од побарувањата за неплатен придонес заклучно со 2008 година се од неактивни обврзници или обврзници за кои е покрената стечајна постапка и за нив постои неизвесност за наплата. Преточено во практика, ова што го кажува Државниот завод за ревизија е многубројните случаи во нашето секојдневие кога работници што работеле останаа без пензија, или пак, кога отидоа во пензија се соочија со болната вистина дека за многу години биле излажани и пензискиот придонес не им бил плаќан.

„Движењето на побарувањата што настанале до 2008 година бележи тренд на намалување кое не е резултат на реализирана наплата на побарувањата. Фондот во континуитет врши бришење на побарувањата на фирми за кои од страна на надлежниот државен орган добил известување дека се ликвидирани и/или избришани од евиденцијата поради што висината на побарувањата бележи намалување кое за периодот од 2016 до 2021 изнесува 3.838.459.000 денари (62,4 милиони евра н.з.) и може да се очекува дека во иднина голем дел од преостанатите побарувања направени до 2008 година, исто така ќе бидат избришани поради ненаплатливост“, објасни ДЗР.

 

Земаат пензија од починатите, сомнителните исплати од 2,5 милиони евра

По основа на штети за исплатени пензии на починати корисници, времени пензии, семејни пензии или друг вид неосновани исплати на пензии, во сметководствената евиденција на Фондот се искажани побарувања од граѓани во вкупен износ од 3,6 милиони евра, од кои сомнителни и спорни побарувања се 2,5 милиони, што претставува намалување од 2,1 процент во однос на 2020 година. Според ревизорите, ова претставува недоволен степен на наплата на овие побарувања и покрај континуираното креирање предмети за штети од граѓани.

Извршителите му се навртеа на Фондот

Ревизорите утврдиле дека е воспоставена практика дел од извршителите да извршуваат налози за извршување, во кои како должници се јавуваат корисници на пензија, а притоа паричните средства директно се повлекувани од сметката на Фондот.

„По извршена анализа, Фондот констатира дека одредени извршители, откако биле известени од стручната служба на Фондот дека не се во состојба да го реализираат налогот за извршување од повеќе причини (починат корисник на пензија, корисник со најнизок износ на пензија, корисник за кој веќе се задржува 1/3 од пензијата по друг налог за извршување) пристапиле кон извршување директно од сметката на Фондот“, пишува во Извештајот и се објаснува дека во 2021 година на овој начин 8 извршители повлекле 20.000 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот