Без двотретинско мнозинство нема глaсање за уставните измени

Устав на РС Македонија / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

 Сега веќе борбата кај поединци во Владата не е за уставните измени, туку како да го поминат август и дополнително да манипулираат со граѓаните и со јавноста, бидејќи се под притисок за избори наесен. А избори наесен за дел од владините министри ќе значи крај на нивната политичка кариера, вели Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Ако на пленарната седница власта не обезбеди двотретинско мнозинство, можно е Собранието воопшто да не гласа за измени на Уставот. Ова како можно сценарио го потврди претседателот на Собранието Талат Џафери и додаде дека тоа го предвидува Деловникот, но и дека претходно веќе имало таква практика по завршување на расправата за отворање на Уставот, до гласање да не дојде бидејќи немало 80 гласа.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, порача дека и на пленарката опозициските пратеници ќе гласаат против отворање на Уставот. Тој смета дека власта повеќе и не брка двотретинско мнозинство, туку бара начин да нема предвремени парламентарни избори.

Претседателот на Собранието на брифингот со новинарите рече дека ако нема 80 пратеници, тогаш нема начин како да го стави на гласање отворањето на Уставот. Тој вели дека таква ситуација нема да биде нова.

– За 18 август е закажана седницата на која треба да почне расправата за иницијативата за уставни измени и таа, во принцип, трае не подолго од 10 работни дена. Чинот на гласањето не е врзан за последниот ден. Тоа го предвидува и Деловникот и го покажала практиката од слични иницијативи за уставни измени затоа што Собранието одлучува доколку има потребно мнозинство за одлучување. Во тие рамки не можам да претпоставам што ќе се случува. Формално Собранието ќе почне со работа на 18 август, а чинот на гласање дали ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложен зависи од конкретната ситуација – изјави Џафери.

Тој додаде дека ако не се гласа за уставни измени, тоа не е предуслов да се оди на избори и повтори дека на предвремени избори ќе се оди ако има мнозинство за распуштање на Собранието.

Потврда дека ни на пленарната седница власта ќе нема двотретинско мнозинство стаса и од опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Тој најави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на пленарната седница и дека ќе гласаат против отворањето на Уставот.

– Ако имаа двотретинско мнозинство, уставните измени ќе беа веќе на маса. Јасно е дека немаат две третини – рече Мицкоски.

Тој е убеден дека 44 пратеника од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се единствениот гарант дека уставните измени нема да поминат.

– Сега веќе борбата кај поединци во Владата не е за уставните измени, туку како да го поминат август и дополнително да манипулираат со граѓаните и со јавноста, бидејќи се под притисок за избори наесен. А избори наесен за дел од владините министри, кои се дел од помалиот коалициски партнер СДСМ, ќе значи крај на нивната политичка кариера. Исто така, и за дел од министрите кои се дел од ДУИ ќе значи крај на нивната политичка кариера, бидејќи силно верувам дека ќе бидат непријатно изненадени од резултатот кој ќе се случи на тие избори наесен – кажа Мицкоски.

Според него, сега битката е како да се премости август и септември, оти потоа беспредметно ќе биде барањето за предвремени избори.

– Во март, април имаме редовни претседателски избори. Овде веќе не барајте политика, туку ситно лично политикантство како да бидат на функција уште неколку месеци, да крадат, да местат тендери во четири очи, да ги управуваат возилата на комшиите, пријателите – рече Мицкоски.

Џафери практично ја потврди информацијата која неофицијално ја лиферуваше власта дека можно е откако ќе заврши расправата за уставните измени, иницијативата за отворање на Уставот претседателот на Собранието да ја „заборави“ во фиока, односно пратениците да не гласаат. Откако расправата ќе заврши, Џафери ќе најави дека точката ќе ја стави на гласање тогаш кога ќе се создадат услови, што би можело да значи и – никогаш.

Слична ситуација имаше пред смена на власта кога на предлог на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Уставот се отвори заради финансиските друштва, бракот како заедница на маж и жена и Државниот завод за ревизија да станат уставни категории. Расправата за отворање на Уставот почна, но до гласање не дојде бидејќи власта немаше мнозинство и потоа се распушти Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот