Бајден и Харис на турнеја: Промоција на новиот пакет мерки „тежок“ 1,9 трилиони долари

Фото: EPA-EFE/Pete Marovich / POOL

Претседателот Џо Бајден со тим на советници ќе замине на турнеја низ САД за да ги претстави поволностите од штотуку одобрениот нацрт закон за помош на економијата вреден 1.9 трилиони долари. Нацрт законот ги мина сите филтри во Конгресот и утре ќе биде потпишан од претседателот. Кампањата за промоција на законот ќе започне со церемонија на самото потпишување.

Од Белата куќа синоќа соопштија дека Бајден идната недела во вторник ќе ја посети Пенсилванија, а потпретседателот Камала Харис заминува во западниот дел на САД, каде во понеделник и вторник ќе сврати во Калифорнија, Колорадо и Невада.

Големината на пакетот одобрен од демократското мнозинство во Сенатот и во Претставничкиот дом на Конгресот, беше причина за тоа тој да не добие ниту еден глас од републиканците, иако доби широка поддршка од јавноста.

Според нацрт-законот, милиони семејства ќе добијат еднократна исплата од 1.400 долари по човек (на пример, четиричлено семејство со две деца под 21 годишна возраст, доколку се наоѓаат во даночната пријава на родителите, може да добие вкупна исплата од најмалку 5.600 долари). Потоа, законот ја продолжува исплатата за невработеност која сега е намалена на 300 долари неделно, се насочуваат милијарди долари во буџетите на сојузните држави и стопанството, милијарди долари за вакцинација, откако пандемијата однесе над 526.000 животи во САД и остави милиони без работа.

Набљудувачите сметаат дека со кампањата за промоција, Бајден смета дека популарноста на законот не е нешто што се подразбира само по себе.

Демократските стратези како Џошуа Карп се убедени дека на демократите им е важно „да отидат и раскажат што прави овој закон и на кого му помага”.

Бајден смета дека постои реален повод за тоа, „повод за надеж” како што истакна вчера.

Се планира голема медиумска кампања со вклученост на локалните телевизии и мобилизација на повеќе од 400 градоначалници и гувернери со дискусии за значењето на тој план за нив и за локалните жители.

Републиканците пак, тврдат дека Бајден и демократите не се ни потрудиле да направат сериозни напори за прифаќање на нивните барања. Според нив, избирачите ќе бидат огорчени од големината на расходите предвидени во нацрт законот, што може да повлече раст на дефицитот.

Некои, како Лиз Чејни, трет лидер во хиерархијата на републиканците во Претставничкиот дом, укажаа по којалинија треба да оди нападот на нејзината партија. Според неа, само мал дел од тие 1.9 трилиони долари се насочени кон борба со коронавирусот, и предупреди дека тоа може да предизвика зголемување на даноците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот