Огнен Марина/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Атласот на градот

Атласот на Скопје треба да биде просторна мапа на различните видови податоци што постојат и нивната релација со општеството, објектите, но и институциите и процесите што го обликуваат нашиот град. Создавањето ваков атлас е неопходен, прв чекор во создавањето дигитална инфраструктура за да можеме да ги согледаме, да ги мапираме, а потоа и да ги планираме идните сценарија и проекти за развојот на Скопје.

На почетокот на март, во Будимпешта, во инспиративниот простор на „Műcsarnok Kunsthalle“, се отвори изложба со интригантен наслов „Formula to Form – The Art of Dataism“. Изложбата го воведува посетителот во идејата на „dataism“, една нова гранка на уметноста што ни покажува како податоците и мрежите ја обликуваат секојдневната реалност, но и како научното истражување може да се претвори во силен визуелен и просторен уметнички јазик. Во таа смисла, изложбата не е само презентација на научни истражувања, туку и демонстрација на еден нов тип уметничка креација, во која податоците, кодот, алгоритамот, сликата и концептот се спојуваат во исто дело. Авторот на оваа изложба е Albert-László Barabási, еден од највлијателните современи научници во областа на мрежната наука. Тој е професор на Нортистерн универзитетот во Бостон, а истовремено го води и Центарот за истражување на комплексните мрежи и Барабаши Лаб. Неговото име најчесто се поврзува со откритието на scale-free networks и со Barabási–Albert моделот, преку кои покажа дека многу природни, технолошки и општествени системи не се хаотични множества, туку структури обликувани од повторливи правила на поврзување. Неговата работа опфаќа многу поширок спектар, од биологија и медицина, до мобилност, знаење, успех и културни системи, но за нас, особено е интересна неговата поврзаност со уметноста.

Она што го прави Барaбаши особено интересен за нас, е фактот што кај него науката и уметноста не се две одвоени сфери. Во рамките на BarabásiLab, визуализацијата не е само техничка илустрација на податоци, туку средство за мислење и за откривање на скриени односи. Лабораторијата развива 2D мрежни мапи, 3D дата скулптури и виртуелни средини преку кои комплексноста станува видлива, читлива и естетски доживеана. Самата лабораторија експлицитно ја третира уметноста како рамноправен инструмент на истражување, а не како украс на науката. Оваа двојност на природата на човекот и неговите креации, каде што се преплетуваат науката и уметноста, двете навидум непомирливи страни на човечкиот ум, е суштината на разбирањето на комплексните системи какви што се градовите.

Венециското уметничко биенале е една од најстарите и најпрестижни светски институции во областа на современата уметност, а по Втората светска војна се етаблирало и како водечко место за современа уметност и меѓународна авангарда. Биеналето започнало на 30 април 1895 година, откако Градскиот совет на Венеција во 1893 година донел одлука за основање биенална уметничка изложба, а уште од самиот почеток било замислено како голема меѓународна манифестација на современата уметност. На првото издание учествувале 285 уметници со 516 дела, додека на последното 60. издание на уметничкото биенале во 2024 година имало 331 учесник во главната изложба и 88 национални учества со што се потврдува колку е проширен неговиот глобален опсег. Влијанието на Биеналето врз светската уметност е огромно, бидејќи тоа со децении служи како платформа каде што се препознаваат нови уметнички тенденции, се градат меѓународни кариери и се обликува глобалниот разговор за тоа што е современа уметност.

Барабаши со својата BarabásiLab и во соработка со дузина меѓународни експерти и врвни научни институции, во 2025 година направи обид за мапирање на сите досегашни учесници на уметничкото биенале, од неговото прво издание, па сè до денес. За жал, ќе се покаже дека дури и современата наука има свои ограничувања, делумно поради недостатокот на податоци, а дел и поради огромниот број на учесници и сложените релации кои тие ги имаат во светот на уметноста. Затоа пак, Барабаши оваа своја идеја ќе ја примени на Венециското архитектонско биенале, помладиот „брат“ на уметничкото биенале, со мапирањето на сите досегашни учесници од неговиот почеток во 1975 година.

Овој проект, наречен Constructing La Biennale, е создаден за Венециското биенале за архитектура кое се одржа минатата, 2025 година. Барабаши, со проектот ја визуализира историската мрежа на Венециското биенале за архитектура, од 1975 до 2023 година, прикажувајќи ја секоја едиција како посебен мрежен кластер, а учесниците и проектите како меѓусебно поврзани јазли. Според самиот проект и придружните објаснувања, Барaбаши мапирал околу 12.000 архитекти и 3.800 проекти, со што Биеналето се претвора во читлива слика на соработки, теми, кураторски концепти и историски трансформации. Наместо архитектурата да се претстави како дело на изолирани автори, проектот покажува дека таа настанува како густа мрежа од односи, тимови и колективна интелигенција. Резултатот на ова истражување беше претставено на фасадата на главниот павилјон на биеналето во Џардини, кое пригодно на насловот на проектот беше во процес на реконструкција. Овој мрежен дијаграм со приказот на сите учесници и нивните меѓусебни врски, одишуваше со својата апстрактност и заличуваше на апстрактна илустрација во форма на цветови, а всушност кластери на податоци, кои извонредно се вклопија во дрворедите на Џардини и верувам дека останаа енигма за поголемиот број на посетители.

Сепак, ова мапирање е важно затоа што го поместува разбирањето на архитектурата од ниво на поединечни имиња, павилјони и настани кон ниво на односи, структури и системи. Експлицитно ја претставува историјата на Венециското биенале за архитектура како мрежа од изданија, проекти и учесници, при што секоја едиција се визуализира како посебен кластер, а врските меѓу архитектите и проектите стануваат читливи. На тој начин архитектурата повеќе не се гледа само како серија на изложби, туку како сложен екосистем на кураторски концепти, соработки и историски поместувања и токму тука лежи главната вредност на проектот. Архитектурата, која многу често се претставува исклучиво преку нејзините „автори“ и поединечни објекти, со ова мапирање се покажува дека таа настанува како колективна и мрежна практика, преку тимови, соработници, куратори, институции и повторливи професионални врски. Кога овие односи ќе станат видливи, може подобро да се разбере како се формираат архитектонските идеи, како се шират темите низ различни времиња, но и како одредени актери и знаења стекнуваат влијание во меѓународната архитектонска сцена. Кога ова искуство ќе го пренесеме на ниво на градовите, кои несомнено се многу покомплексни, но сепак се дело на човечката креација, можеме само да ја замислиме сложеноста на мапирањето на просторот и безбројните чинители.

Наскоро ќе започне да се изработува Атласот на Скопје. Овој атлас треба да биде просторна мапа на различните видови на податоци кои постојат и нивната релација со општеството, објектите, но и институциите и процесите кои го обликуваат нашиот град. Создавањето на ваков атлас е неопходен, прв чекор во создавањето на дигитална инфраструктура, за да можеме да ги согледаме, мапираме, а потоа и планираме идните сценарија и проекти за развојот на Скопје. Свесноста за ограничувањата на науката да ги објасни сите сложености на комплексните слоеви на феноменот на градот, несомнено нè води, исто како и Барабаши, да се навратиме на уметноста како инхерентно хумана креација што може да го долови и недостижното и да го прикаже дури и неописливото, а нашите урбани атласи ќе бидат мапата на нашите минати, сегашни и идни проекти.

(Авторот е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во Скопје)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот