„Асошиејтед прес“: Вештачката интелигенција не може да се користи за креирање вести

Новинари
Фото: Pexels/Redrec ©️

Американската новинска агенција „Асошиејтед прес“ (АП) објави упатства за вештачката интелигенција (ВИ), предупредувајќи дека алатката не може да се користи за создавање содржини и фотографии за објавување во сервисите за вести, но истовремено го охрабри персоналот да се запознае со технологијата, пренесе „Ал Џазира Балканс“.

АП е една од оние новински организации кои почнаа да поставуваат правила за тоа како ќе се интегрираат новите технолошки алатки (како Чет Џи-би-ти) во нивната работа. Тие ќе го вклучат ова, заедно со речник на термин, како поглавје во својот „Стајлбук“, кој ги советува новинарите како да пишуваат.

„Нашата цел е да им дадеме на луѓето добар начин да разберат како можеме малку да експериментираме, но и да бидеме безбедни“, рече Аманда Барет, потпретседател на АП, задолжена за стандардите на вестите.

Фото: Pexels

„Мора сами да си ги пишувате текстовите“

Претходно, Институтот Појнтер, истражувачки центар за новинарство, ги повика новинарските организации да создадат стандарди за употреба на вештачка интелигенција и да ја информираат својата публика за тоа.

Генеративната вештачка интелигенција има способност да создаде текст, слики, аудио и видео по команда, но сè уште не е целосно способна да разликува факти од фикција. Како резултат на тоа, АП вели дека материјалот генериран со вештачка интелигенција треба внимателно да се провери, исто како и материјалот од кој било друг извор на вести.

Слично на тоа, од АП велат дека фото, видео или аудио сегмент генериран од вештачка интелигенција не треба да се користи, освен ако тој изменет материјал сам по себе не е предмет на приказна.

„Треба целосно да ги напишете сопствените приказни. Вие сте одговорни за точноста, правичноста, оригиналноста и квалитетот на секој збор во вашите приказни“, истакна главниот уредник на „Инсајдер“, Николас Карлсон.

ФОТО | Апликација со вештачка интелигенција нуди „допишување“ со Исус и Сатаната

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот