Арсовски: Петков може да падне ако нè деблокира, но тоа долгорочно ќе му се исплати политички

Петар Арсовски / Утрински брифинг

Излегува дека по подолго време повторно се созреани условите за американска дипломатска интервенција за да се одглави некое балканско прашање и после Босна и Србија, изгледа ред е и на Бугарија, вели аналитичарот Петар Арсовски во врска со посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на САД од каде од Стејт Департментот доби јасна порака дека земјите што ги исполнуваат условите треба да ги почнат преговорите со ЕУ.

– Политичката волја кај бугарскиот премиер Кирил Петков да се надмине спорот не е воопшто спорна, проблемот е што тој е осамен во тој наратив во бугарската политика. Прашањето е дали тој има доволно политички капитал за да го реши прашањето на начин како што бараат од него партнерите од НАТО и од ЕУ. Прашање е и како тој гледа на иднината и колку силно сака да инвестира во градењето на прозападен наратив во Бугарија, кој таму е потребен да се гради затоа што бугарските граѓани и натаму се обременети со минатото и покрај членството на Бугарија во ЕУ. Ако сега се охрабри, долгорочно секако ќе му се исплати – вели Арсовски за „Слободен печат“.

На прашањето дали мотивите на САД да влијааат врз Бугарија се во нивната геополитичка потреба Западен Балкан да се интегрира во ЕУ или првенствен американски интерес е позицијата на Бугарија во контекст на војната во Украина, Арсовски смета двата интереси се мешаaт и се преклопуваат.

– Тие две работи не се разделени, целта на САД е да се намали руското влијание врз регионот преку енергенсите итн, а со тоа и да се аморитизира нечесната уцена од Бугарија кон Западен Балкан, кој исто така е посакувана сфера на влијание на Русија. Едно од последните истражувања покажа дека најголем дел од средствата во медијааутлетот во Бугарија доаѓаат од руски извори, а второ истражување на ниво на цела Европа покажа дека Бугарија е прва според поделените мислења кај населението, односно таму речиси половина од луѓето сметаат дека НАТО е виновно за војната во Украина. Така што, состојбата е комплицирана. Треба да се охрабри Петков. И грчкиот премиер Алексис Ципрас падна по Преспанскиот договор, па последните мерења на рејтингот во Грција покажуваат дека Сириза пак е во подем, така што, долгорочnо, продемократскиот наратив секако се исплати – вели Арсовски.

Петков деновиве беше во посета на САД каде на средба со потпретседателката Камала Харис договорил реални испораки на течен природен гас за Бугарија по цени пониски од оние на руската компанија „Газпром“. Бугарскиот премиер имал видеосредба и со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кој му ја истакнал важноста, квалификуваните аспиранти да добијат брз приспат до ЕУ.

Во интервју за романска телевизија, Петков, запрашан дали напредокот во односите меѓу Софија и Скопје е долгорочен или нешто може да се промени доколку „исчезне“ неговата влада, рече:

„Не можам да бидам одговорен за ништо ако мојата влада „исчезне“. Ако мојата влада опстане, а на тоа работам секојдневно, решени сме дека ЕУ-иднината на Северна Македонија и на Албанија е таму, треба да биде таму. Тоа е добро за регионот. Секако, има работи кои сè уште треба да се направат и треба да работиме напорно за да ги постигнеме. Ги знаеме пречките и проблемите што треба да се решат, сега само треба да се решат. Освен за тоа, јас не можам да бидам одговорен за друго во иднина, одговори Петков.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот